Кавказ (прв дел)

Едно е сосема јасно. Што повеќе забрани, толку повеќе прекршувања. Најголемото илегално производство и потрошувачка на алкохол биле за време на прохибицијата во САД (1920–1933). Во тој период Уставот забранувал производство, транспорт и продажба на алкохол. Поправо, забраната била донесена со актот на Вопстед – 18-ти амандман. Но бидејќи соседството слободно произведувало алкохолни пијалаци (Мексико, Канада), Американците илегално внесувале и консумирале и таму и ваму од границите. Контрабанда – шверц. Тоа е времето на гангстерските босови Ал Капоне и Багзи Моран, кои имале крваво ривалство. Претседателот Френклин Рузвелт ја укинува прохибицијата во 1933 година бидејќи општеството не покажало знаци на подобрување во однесувањето. Многубројните санкции или забрани што западниот свет шаблонски ги турка во политичкиот мејнстрим со години, лесно може да се претворат во бумеранг. Некако под површината на водата како да се брануваат спротивни ефекти. Забраните и санкциите уриваат економии, уриваат влади и држави, осиромашуваат народи и неретко ги туркаат во граѓански пресметки. Се разбира, откако претходно ќе се подготват терени за манипулација со колективната свест. Колку што помнам, не знам дали санкциите некогаш осиромашиле властодршци што лесно се катапултираат на безбедни места. Сурова вистина.
Нешто поразлично, а речиси исто, се случи за време на владеењето на „империјата“ СССР – терминологија преземена од франшизата „Војни на ѕвездите“ на двоецот Спилберг-Лукас. Патем, СССР интервенираше во Унгарија, Чехословачка, Авганистан и сега во Украина. За трансатланската империја, тешко дека ќе може да се брои. Во „империјата“ имаше забрани за медиумски пробив на информации од областа на музиката, филмот, модата и сето она што беше светски тренд со назнака за западни вредности. Тие беа зло што не смееше да ги труе болшевичката младост и целото општество. Се разбира и една од главните причини за пропаста на комунизмот и распадот на СССР. Меурот на изолационизам и национализам заедно со погрешни политики, постојано растеше за во еден миг да еруптира со големи последици. Забраните од каков било вид се суштинска провокација. Не попусто се вели дека забранетото овошје е најслатко кога ќе се вкуси.
Кај нас пред некоја година беше забрането да се користат ќесиња од најлон. Препорачливо беше да се употребуваат платнени торби и книжни ќесиња. Што се случи? Сега, по неколку години од таа одлука, имаме бум во производството на најлонски ќесиња. Имаше забрана и за пушење со препорака до локалите да обезбедат места за пушачи. Малку по малку, заедно со електронските муштикли, пушењето се откорна од забраната, па се врати по локалите со зголемен интензитет. Забрана или разум? Тенка црвена линија.
Бидејќи годината, а со тоа и зимата фатија ритам, да побрзам и да се приспособам на амбиентот пред да стапи пролетта. Овој пат, ќе потсетам на СССР и едно големо патешествие на момците од глобтротер-дружината во некогашната голема комунистичка империја. Тешко, многу тешко беше да се посети таа голема земја во осумдесеттите години од минатиот век од тогашни над 22 милиони квадратни километри за време на врвот од Студената војна. Сепак, ние бевме меѓу привилегираните. Пред да кинисаме со вечерниот експресен воз за Белград, го гледавме светски познатиот блогбастер на Карпинтер, „Магла“, со Џејми Ли Кертис и Џенет Ли, во тогаш новото кино „Милениум“ во трговскиот центар. Тогашната студентска туристичка агенција „Карван“, која вршеше размена на студенти со други држави, во декември 1981 година излезе со понуда за двоседмична посета на Москва и Кавказ за смешен износ на тогашни југословенски динари. Иако сите одамна завршивме со студентскиот живот, „илегално“ се вклучивме во групата студенти што имаше над триесетина луѓе. Патем, тука имаше и бербер од Ѓаковица со над педесетина години и брачен пар од Белград со не помалку од шеесетина години. Докторанти, се шегувавме ние. Се разбира, имаше и вистински студенти од Крушевац, на пример. Нѐ имаше од сите сорти и од сите републики. Измешани, кинисавме со воз преку унгарско–украинскиот премин Захони – Чоп. Таму за првпат присуствуваме на промена на тркалата на композицијата и приспособување на широкиот колосек изграден од страна на Советскиот Сојуз. Поучени од агресијата во Втората светска војна, тие се погрижиле да спречат нови агресии на ваков начин.

Патувавме речиси 48 часа до Москва. Екипата ја сочинуваа Бандуш, Шаре, Ѕуп, Војо, Џими и јас. Во тие осумдесетти години беше вистинска реткост некој да патува за СССР, освен дипломатите или деловните структури и уметниците. За на Кавказ. Нема муабет. Јануари месец, Божиќ, голем студ. Прозорците од возот беа блокирани, исто и вратите. Внатре топло како во фурна. Имавме три оброка во вагон-ресторантот. Поучени од едно поранешно патешествие, со себе носевме износени чевли, фармерки и гуми за џвакање. Таа стока беше исклучително барана. Уште при патувањето, сета стока ја испродадовме и бевме полни со рубли. Во Москва на железничката станица, термометарот покажуваше – 31 Целзиусов степен. Сите со шубари, ние со качкетчиња или гологлави.
Останавме два дена во Москва. Имавме можност да ги посетиме Московскиот кремљ, величествената црква на Црвениот плоштад посветена на Василие Блажениот, музејот на Бородинската битка со позиции на војските и штабовите на Кутузов и Наполеон и мавзолејот во кој почива водачот на Октомвриската револуција, Ленин. Дојде и мигот кога од аеродромот „Шереметјево“ требаше да се полета кон Минерални Води во Карачаевската Област на Кавказ. Дента наврна метар и половина снег. Не ни беше пријатно бидејќи имаше кијамет. Беше планирано да летаме со „џет ТУ – 154“, патнички авион за кратки релации за стотина патници. За кратко, летот беше одложен. Кога нѐ повикаа да се симнеме долу на пистата, бевме вчудовидени од глетката. Пред нас стоеше огромна летачка тврдина од типот „ИЛ-86“ за 540 патници (во тоа време најголемо летало во светот). Пред авионот, екипаж од шест титани – пилоти и копилоти. Наредени еден до друг, влеваа сигурност. Тие со војнички поздрав ни посакаа добредојде. Челуста на авионот беше ширум отворена. Таму складираа стока. Имаше дури и две „лади“. За два и пол часа бевме во Минерални Води. Оттаму, со автобус сличен на нашите од шеесеттите години што патуваа до Скопје и по Влајница за Дебар, право под Елбрус – највисокиот планински врв во Европа. Таму беше лоциран и хотелот „Горни Вершини“, нашата конечна дестинација. Од денешна временска дистанца, ми се чини дека и најмодерните автобуси не би биле успешни да нѐ одведат по тој тесен планински пат до целта оддалечена 200 километри. Пречекот беше величествен, а ние изненадени од вниманието на персоналот. Нѐ пречекаа со погачи и сол, а потоа нѐ запознаа со сето она со кое располагаше хотелот „Горни Вершини“. Освен персоналот, таму беа и студенти од цела Русија што покажале врвни резултати во школувањето. Комплексот беше огромен и, колку што ме држи сеќавањето, на Кавказ доаѓаа тури од по петстотини студенти. На нашите заеднички средби со студентите, Вардар алегорично го претставивме голем како Волга. Се разбира, објаснивме дека таа наша река е нашата историја, нашето минато, сегашност, иднина. Симбол на нашето постоење.

Љубомир Јованоски

Авторот е писател