Преспа 2018: Или анатомијата на едно злосторство (5)
Херберт Маркузе дава една цела низа на значајни цивилизациски опозити: разум-имагинација, дијалектика-мирување, нужност-царство на слободата, чувство на незадоволство-чувство на уживање, класно-бескласно, репресија-ослободување, цивилизација-култура. Во контекст на темата, пак, на нашата денешна колумна, драг читателу, сега нè интересира последниот опозит од оваа низа: цивилизација-култура. И порано сум го анализирал него. Тука Маркузе превидел сериозно нешто. Имено, овој опозит треба да гласи култура-варварство, елементите што фактички го обликуваат поимот цивилизација од кои е составена таа. Освен, се разбира, ако Маркузе не ја подразбира самата цивилизација како варварство наспроти културата. Оти таа навистина и може да се разбере така во некои ситуации и по однос на некои народи, племиња, па и раси, каков што е впрочем и примерот во тој контекст на односот на Западната цивилизација кон Македонија и Македонците.
Сеедно. Како и да е, ние во овој текст го преферираме опозитот култура-варварство, а цивилизацијата како нивен официјален претставник, и таа самата одлучува на кој од овие два елемента, каде и кога ќе му даде предност, или ќе ги држи во рамнотежа, а нам ни е познато дека културата е таа што страда од варварството, а не обратно. Архетипалниот пример со Херострат и убавиот храм посветен на Артемида што го запалил тој е потврда за тоа, при што уште, како страшен парадокс, името на градителот на храмот ни е познато, а ни е познат неговиот уривач, варваринот.
Тоа е тоа. Кога се зборува за варварството, станува збор за уривање, нишање на културата. Тоа е образецот на цивилизацијата што ја дефинира неа. И, парадоксално, секогаш во историјата варварството испаѓа повитално од културата. Тоа никогаш не се раѓа повторно од пепелта како феникс, како што е тоа цикличниот закон на културата. Тоа никогаш не било спепелено, туку секогаш спепелувало. Денес во цивилизацијата што смета дека го достигнала врвот на човечкиот разум и етика, возгордеана од силниот прогрес на науката и технологијата, имено, парадоксално, и се случуваат наjголемите варварски злосторства: двете светски војни на заслепениот во својот ариевизам Запад и атомските бомби на Хирошима и Нагасаки. Доволно за да го ставиме варварството на ордите во палеолитот зад него.
Тоа е воведот од антрополошки и филозофски аспект во нашата денешна трауматична тема, драг читателу, во која сепак, како што се гледа тоа и од насловот (маркиран како поднаслов), главен лик е грчкиот поет Константин Кавафис со неговата славна песна „Чекајќи ги варварите“ и, посебно, на прв поглед шокантната (хипо)теза во неа: „И варварите се некое решение“. Веројатно, како што го сугерира тоа таа, кога нема друго решение. Но кој е Кавафис. Со еден збор, по Хомер (за кого има веродостојни историски докази дека е фалсификуван Грк). Тој е денес едногласно најславниот грчки поет. Но тој не ја доживува таа слава за време на својот живот кај своите сонародници. Тоа се случува на европски план првин со преводот на неговата поезија на англиски од Едмунд Кели. За него пишувале со претерани епитети редица европски книжевни авторитети како: Маргарет Јурсенар, Лоренс Дарел, Алберто Моравија, Стивен Спендер, Ѓузепе Унгарети, Еуѓенио Монтале и други. Родителите на Кавафис потекнуваат од Константинопол, а тој е роден во Александрија во 1863, градот што е негова митска фасцинација, и не како географски туку како историски и онтолошки топос. Топос што е за него симбол, архетип на хеленизмот како грчка колективна меморија на нејзиното културно-цивилизациско битие.
Така како што е тоа демонстрирано во неговата поезија, реторичка и беспрекорна естетска. Во неа има две магистрални тематски линии што се одмотуваат од јазолот на колективната и индивидуалната траума на Кавафис: хеленизмот и хомосексуалноста како негови интими. Тоа е мојата психоаналитичка хипотеза. Ни една од нив не е доминантна. И двете се доминантни. Првата линија (што може да е и втора) е темата на хеленизмот што се вклопува идеално во општата патолошка грчка megali idea за голема Грција, која, пак, не може да биде тоа без македонскиот ентитет вглобен во неа. Да. Имено во овој контекст, драг читателу, за нас е симптоматична и патолошка (како радост ама потсвесно и како сомнеж и болка) траума на Кавафиевата фасцинација од хеленизмот, што тој ги доживува безмалку како еротски оргазам. Тој во хеленизмот ја гледа грчката слава. А, имено, што е парадоксално, тој и таквиот поглед на него не го формира Грк, туку еден лукав европски, поточно германски Одисеј. Јохан Дројзен, советник на увезениот баварски принц Ото Баварски, кој требаше да ја среди Грција по нејзиното конституирање во 1831, но и да ја возвелича како непобитен извор на европската цивилизација. Неговиот лукав и интелигентен советник, историчар, антрополог и филозоф, требаше да ја постави грчката цивилизација како најсупериорна во Европа, ариевска во културолошка смисла, притоа и со задача да ги вглоби во неа Античките Македонци како Грци, со што таа би ja приграбила за себе историската слава на Македонците на Александар како Грк. Фактички Дројзен за таа цел и прв го употреби во 19 век поимот хеленизам како, подоцна, лакмус за Европа, која скита со цивилизациски идентитет, па отфрлајќи го својот варварски посегна по идентитетот на Грција, со исто така силен варварски нагон, како свој генерички идентитет, вглобувајќи го во неа и македонскиот како грчки идентитет. Така, иако некои авторитети хеленизмот го заменуваа со македонизам. Американскиот историчар Јуџин Борза, Хамонд од Oксфорд и други. Така космополитизмот и историскиот хоризонт на Македонците им е придодаден на Грците, кои го немале него натискани по медитеранското крајбрежје од Крит до Сицилија и занимавајќи се патем со пиратство, ограбувајќи бродови, за што пишуваат античките историчари. Така нивниот етноцентризам на државичките полиси непријателски настроени едни кон други наеднаш кај Дројзен и Европа станува проширен со визијата на Александар Македонски за светската држава на рамноправни народи и култури. И токму на штекот на струјата на македонизмот, фалсификуван во хеленизам, ѝ се приклучува екстазата на Кавафис во неговата поезија, неговата еротска катарза.
Така стојат работите. Но во нашиот есеј, драг читателу, во фокус е, рековме, неговата славна, најпозната песна „Чекајќи ги варварите!“ Песна шифра со филозофска и антрополошка рефлексија, посебно и за нас ако знаеме дека надмените и самобендисани Грци во антиката нè викале варвари. Полни се филипиките на циникот Демостен со тој погрден збор наменет за Македонците. Така, и познато е како тие омразени варвари со фалсификатот на Дројзен, широкоградо прифатен од Европа, станале мистериозно Хелени за да ја зголемат до бескрај грчката историска слава донесена од друг. Покрај другото од таа слава, потсетувајќи се на Македонците, Александар и Александрија како средишен симбол на „хеленизмот“ да паѓа во еротска лирска екстаза и Кавафис. А таа и таквата екстаза по Преспа 2018 и кражбата на Името е карактеристична, со знаци и на болна хистерија, за сите Грци. И тука, во таквата ситуација доаѓаме воленс/ноленс до сериозната пукнатина, до шизофренијата на грчкото колективно битие несвесно распнато на работ меѓу хеленизмот и македонизмот кој не му припаѓа нему.
Да. Но не губи трпение, не ја заборавивме тежишната песна „Чекајќи ги варварите“, драг читателу. Да, оти сè што кажавме досега се вклопува во неа. Конкретно сижето и филозофскиот концепт на песната се совршено јасни и реторички поставени: чекање на варварите за кои нема назнака ни од каде доаѓаат, ни кога точно ќе дојдат. Голема и мистериозна енигма. Шокантен парадокс, оти, колку што е познато, никој во историјата, ни еден народ или цивилизација, не ги очекувале варварите, и тоа обредно и свечено со страсно исчекување, како што е тоа во песната на Кавафис. Нив ги чека на градскиот плоштад владетелот на една очигледно моќна и со висока култура цивилизација. Тој е облечен за дочекот во „сјајна одежда“ и со круна на главата, во свечена поза „затоа што варварите ќе дојдат денес“. Подготвена е и Повелбата за нив кога ќе дојдат. А тука се околу владетелот и конзулите со златни прстења и скапоцени камења што ги симболизираат раскошот и богатството на нивното кралство. Навистина возбудлива и оригинална песна во стил на хипотеза со моќен антрополошки и филозофски контекст. За првпат се сретнуваме со мислата дека за една култура, имено, варварите се „некое решение“ како што е убеден и грчкиот поет. Зошто и какво е тоа решение, пак, тој не кажува. Само сугерира во стилот на поетиката на Маларме, иако предметот на песната е јасен, но завиен со некоја метафизичка тајна. Но на интелигентниот читател не му е тешко да претпостави дека станува збор за една културолошки богата, но истовремено истрошена цивилизација, речиси убиена од својот сјај, која одамна го постигнала зенитот и сега е во опаѓање и затворање на својот историски круг. Ете, токму и затоа, драг читателу, посветено и свечено со приготвени дарови ги чекаат владетелот и кралската свита од рано наутро варварите на градскиот плоштад како „некое решение“, како свежа крв што ќе го заздрави и препороди истрошеното и анемично царство, или цивилизација. Сеедно.
Оваа совршена во сите елементи со брилијантна хипотеза песна на Кавафис идеално коинцидира со еволутивната теорија на Шпенглер за појавата, растот, апогејот и потоа ладот и гаснењето на цивилизациите, онака како што е тоа случај кај билките, чија слика ја зел како образец за тоа германскиот филозоф.
Грчкиот поет е на истата трага на разбирање на тој неминовен процес, па кога доаѓа до својот крај во сликата на истрошената цивилизација тој ги чека заедно со владетелот и неговата свита во песната варварите како „некое решение“. Тоа е означено од него неодредено како „некое“, но не се знае какво. Нема никаква разврска. Но пак се враќаме на Шпенглер за да ги осветлиме нештата. Кај него цивилизациите едноставно живеат природно, природно се развиваат културолошки и природно по достигнувањето на зенитот опаѓаат, гаснат и умираат. Тој, колку што ми е познато, не ја заговара (хипо)тезата на Кавафис за варварите како „некое решение“ за нивен спас. Не. Едноставно, според него, природно, старата цивилизација ја заменува нова, која никнува на нејзино место. Својата теорија Шпенглер ја илустрира со монументалната слика на староегипетската цивилизација, која е негова длабока фасцинација. За него таа според монументалноста како цивилизација, беспрекорно остварена во сите елементи, е неспоредлива со грчката која е причина за кокошкиното слепило на европските очи. Едноставно, тука во видното поле на германскиот филозоф ги нема варварите, ниту тие се јавуваат како сериозно цивилизациско решение, „некое решение“ како што вели грчкиот поет. Во својата теорија за природниот, еволутивен пат на раст, пад и смрт Шпенглер ја вглобува и европската западна, фаустовска, како што ја вика тој, цивилизација. А нам Македонците по сè што имаме претрпено и трпиме од неа, без цинизам, и ни одговара тоа. Со задоволство ќе ја прославиме нејзината смрт, како што го прави тоа во својата брилијантна песна „Смртта на Европа“ и сјајниот словенечки експресионистички поет Среќко Косовел.
Така. Но се враќаме на Кавафис. Во неговата песна и покрај тоа што ги чека владетелот и целата кралска свита на плоштадот од утро до мрак, цел божји ден, варварите не доаѓаат, а барем, како што вели тој тие се „некое решение“ за истрошената цивилизација. Но какво решение, тој не кажува. Енигмата останува за одгатка, а ние знаеме дека варварите секогаш носеле решение со меч и оган. За разлика од естетот Кавафис, кој не го разбира тоа. Тие се, според озаконетиот историски образец, номадите со дива крв што ги напаѓаат домородните култури што ги запоседнуваат. Примерот со Македонците во антиката (па сè до денес) е совршен образец за домородна култура нападната од номадските варвари. Од југ тоа се Данајците (денешните Грци) дојдени на тлото на Пелазгите (чија фиданка се Македонците) од супсахарска Африка за што зборува таткото на историјата Херодот, но и други антички историчари.
Од исток тоа се Татаротуркмените, денешните Бугари, кои ги христијанизиравме, им дадовме јазик и ги воведовме во култура за сега да нè ништат и да не нè признаваат, а од запад, како наши соседи, Албанците, кои доаѓаат пред неколку столетија од Кавказ, родствени браќа со Чеченците, што го потиснуваат и пљачкаат домородното македонско население, за што рускиот славист Селишчев напиша цела една книга: „Словенското население во Албанија“.
Тоа е тоа. Веќе, гледаш, драг читателу, сепак дојдовме до разјаснување на енигмата во песната на Константин Кавафис завиткана во метафизичко сфумато. Тој во својата песна одбегнал да го каже решението што го нудат варварите. А можеби несвесно, фројдовски, го скрил него за да нема трага грчкото варварство кон Македонците, она насилно вклопување на нив во сликата на варварски конструираниот хеленизам во концептот на грчката megali idea за која толку многу пострадаа, имено, Македонците во поновата историја. Конечно така, со својата хипотеза во својата славна песна, Кавафис воленс ноленс ја предвиде и Преспа 2018 како „некое решение“ со кое грчките и европските западни варвари им ја отсекоа идентитетската глава на Македонците. Така, според Kавафис, и варварите се „некое решение“.