„Карта на универзумот“ претставена преку бројки

КАБАЛА, ЗАБОРАВЕНА ИДНИНА (ПРВ ДЕЛ)

Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио

Ги прашувам пријателите – „знаете ли што е кабала?“ Одговараат –„аууу тоа е сатанизам, вонземјани, илуминати, Сионски мудреци… преку неа Евреите владеат со светот и ние сме робови“. Ужасни предрасуди. Па ако тоа беше точно, јас ќе бев втор Хитлер или Џингис-хан. Глупости. Незнаење. Сега, иако тоа е античка и средновековна доктрина, има зголемен интерес, когнитивно „вежбање“ барајќи нови терени на апстракција, криптологија или математика и на крајот интерес за длабока мистичност за која некои веруваат дека постои во управување на светот и конспирации.

Кабалата генерално има две фази: античка (од првите цивилизации до 13 век и „модерна“, до денес). Првата фаза е „ликвидност“ (мит, магија, променливост, претформа, номадизам, миграции, примитивна етика, инвазии, војни). Втората фаза е „солидност“ (кристал како дијамант или фулерен, дрво на животот, константност, држава, категории, напредната етика, категории, мир). Значи, тоа е преод од формулирање кон форматирање, а понатаму – мирот ги забавува промените. Кабалата е езотеричен, егзотеричен, мистичен, екстатичен, теозофски и магичен дериват од Библијата. Езотеричните доктрини се собирани првично усно, во делови од еврејските скриптури (Тора, Талмуд, Мидраш, Таргум, Енох), завиени во мистичност, трансформирани и фокусирани на длабока текстуална интровизија.

Кабалата е антички светоглед – „карта на универзумот“, претставена преку бројки, односно својствена математика. Таа карта уште се вика „Дрво на животот“. Буквално, значењето на „Кабала“ е „прием“ – да ја примиш пораката, уште поточно битието Господово, да се соединиш со Бога, или во античка смисла препорака како Адам по направениот грев да се врати во рајот. Кабалата е „екстензија“ на Тората (Библијата), еден езотеричен импринт на длабинската смисла. Знаењето се пренесувало усно од крајот на предисторијата до Мојсие, дадено во скриена форма како способност на посебни луѓе, а потоа изнесено во некои искази на пророците (Језекил, Илија, Исаија, Хабакук, Даниел). Некои луѓе напросто сакаат да се запознаат со нетривијалноста, надимагинарноста (квантната механика е базирана на Ојлеровата равенка и бројот „i“, а квантната информатика е надимагинарна). Други влегуваат во „археологија“ на мислата, мистика, архаичност на гениумот. Трети се незадоволни од мисловната ограниченост, дури и во ера на артефициелната интелигенција и бараат нова невробаза или нова „транскогнитивност“.

Кој денес во ерата на вештачката интелигенција и космологијата би се интересирал за Кабалата? Парадоксално има интерес – во базичните науки (квантна информација, космологија, квантната гравитација, Њутн, Ајнштајн, Витен итн.), уметноста (ренесанса, барок, надреалисти, експресионисти, 21 век), филозофија (Њутн, Лајбниц, Кант, Јунг, Борхес, Визел, Кафка), езотеризмот (Ди, Штајнер, Блаватски, Гурџиев, Рерик, Генон, Кроули, Хаусхофер), филмот, литературата, психоанализата (Фројд, Лакан, Јунг, Рајх итн.). Во негативна смисла, големо влијание има на нацизмот – Хаусхофер, Себодендорф, Туле, Врил, во комбинација со Зелениот змеј, потоа Розенберг, Хитлер и неонацизмот (посебна тема).

За Македонија има две можни значења на кабалата: историско и езотерично. Историското значење е врзано со сектата Донме, настаната во Солун, но освен во Истанбул, постоела и во Битола, Јанина (од каде што е мајка ми) и широко по светот. Основачи се Шабитај Цви (лажниот месија, кој се конвертирал во ислам) и Раби Натан од Газа (иницијатор и погребан во Скопје). Натан велел дека има искри што доаѓаат од небото (како НЛО). Шабитај Цви пропагирал дека е месија и ќе ги однесе Евреите во Светата земја – дознаваме под влијание на Кромвеловите служби. Кога се конвертирал во ислам создал „мешаност“ од еврејска и исламска вера – „Донме“. Тие имале големо влијание врз исламот, дервишите и суфите. Некои Евреи се разочарале од тоа и носеле црни облеки и шешири (Хасиди – и денес) – населени во Полска, Русија и Германија. Други му се придружиле (околу 50.000) во сектата во Отоманската Империја. Имале и свое училиште во Солун, во кое учел и Кемал Ататурк. Дел од младотурските револуционери се од истата секта, а велат дека и претседателот Ердоган има потекло од нив (проф. Марк Давид Баер).

На гробот на Натан од Газа во Скопје доаѓале на аџилак од цел свет, па и од Полска, кои станале франкисти (Според Јакоб Франк, кои биле Евреи-католици). Имале влијание врз Адам Вејскауб, основачот на баварските илуминати, многу моќни, ја поттикнале Француската револуција, па отишле во Америка и се најмоќна секта што влијае на сите политички и економски збиднувања (Ротшилд, Рокфелер, Шиф, Лоеб, Кун), потоа Хасидите, па Хабад и Агудас. Франкистичко влијание имала и Катерина Велика (од ќерката на Адам Вејсхауб). Билделберг има силно влијание од илуминатите и кабалата. Пренесувачите на атомската бомба од Америка во Русија се најмногу илуминати од Англија и Америка, или комунистички агенти, а и комунистите настанале од илуминатите (Ротшилд, Шиф, Варбубрг).
Принципи на кабалата се:

1) Дрво на животот – дијаграм на еманации, нивоа на божествена енергија, со конекции меѓу нивоа на егзистенција. Тоа се 10 Сефирот.

2) Сефирот (буквално – „броеви“, „сафир“ е вредност – Бог) значат еманации, Божји сили што се наоѓаат во бескрајноста („еин соф“), а поради несознајнивите сили на Бог, тие се појавни форми на светот (потсеќаат на Кантовите категории). Дадени се 10 еманации, поврзани со геометриски спони, столбови (како во граф-теоријата). Редуцибилни форми се зборовите. Исак Њутн бил кабалист и барал внатрешна смисла на секој хебрејски збор, како и на речениците во Библијата, со предвидувања на иднината преку Библијата, а со длабока медитација – кај Нострадамус, или спонтанитет кај Баба Вангелија. Зборот е редуцибилен во бројка (нумерологија кај Питагора, Џон Ди, алхемија, квантно енергетско ниво, квантум-Менделеев итн.). Бројката е внатрешна смисла, енергија, врска со креацијата во бесконечноста.
3) Гематрија е метод за проекција на број во буква. На грчки постои изосфера, а на арапски абџад. Се наоѓаат и во Мидраш предбиблиски и пред кабалата, Абрахам, во инскрипции на Саргон II, во Талмудот, во Питагореан систем, Александар-Птоломеев систем, Езекил, Јован (666), рабинско време (сатан – 364 = прогон на Израел), во Новиот завет (изреки), а после и постталмудистички, исламска Басмала (786), Алистер Кроули (777).

4) Мистични имиња: света комбинаторика на букви или броеви што имаат магично дејство или инвокација. Дали е можна инвокација на Бог, ангел или некој мртов роднина (на пример, Франц Бардон или во хиндуизмот, или како сега или во иднина квантум кодинг). Бог има 72 имиња (72 е магична бројка) – во комбинација по три имаат инвокативни способности (инвокација на среќа, здравје, лечење, фамилија, доброта, антизли духови итн.) – привлекување божествена енергија. На пример, инкантацијата и медитацијата на буквите „Y-L-Y“ (на хебрејски Yod – Lamed – Yod) се за исцелување, чување од болести. Или, пак, „S-Y-T“ (Sameh-Yod-Ter) е чистење од мрачни енергии – заштита од несреќи или непријателски клетви. Забрането е да се повикува Бог (chilul HaSnem) за себични или лоши намери. Инскрипција на имињата на амајлии и предмети (дел од „практичната кабала“ е забранета во Библијата. Може само да се изговараат и комбинираат – „теоретска Кабала“ или гностицизам или теозофија).

5) Практична кабала е користење на принципите за учење, медитации, исцелување, ритуализам, креирање амајлии, пирамиди и магични предмети…

6) Трансмиграција на духот (Gilgul): верување дека духот преоѓа низ генерации, реинкарнации, повторно раѓање и воскреснување. Гледате релации со други религии?

7) Единство со Бог: секое постоење или појава на крајот се соединува со Бог. Во ранобиблиски времиња Бог преку архангелот Разиел (еден од старите архангели – Михаел, Габриел, Рафаел, Уриел, Јарахмел, Салатиел, Барахиел, Еремиел) му ја дал мудроста на Адам – астрологија, универзум, снага на креацијата, живот, реинкарнација – создавајќи ангели пред тоа за ширење на кажаното (прво изнесено во Книгата на Разиел, а потоа во Зохар). Според рабински искази (Таргум) тој се качил на планината Ереб и на народот ги искажал тајните. Потоа е напишано – во „Сефер ха Малбуш“ (магичност), „Маса Берешит“ (космичко-астрално објаснување на постанокот и „Сефер ха Разим“ – ангелски магични формули. Кога Господ му ги дал Божјите закони на Мојсие во писмени табли, му дал и „ненапишан текст“ – „Шебеал Пех“ – пренесени на старците, па судиите, па пророците. Тоа е знаењето на кабалата. Усно е пренесено до Еремија, па Сира, Раби Акиба, па сѐ до средниот век кога се појавува во писмена форма во 12-13 век во Зохар и Бахир. „Модерни“ форми на кабализам се луријанизам, хареди, хасид, хабад, хардал, Коок, Агудас итн.

Евреин неколкупати на ден кажува – „О чуј Израеле, Бог е наш господар, Бог е еден“.