Кандидатура за градоначалник во една неодобрена земја со еден неодобрен народ

Известување број 1102025… трета планета… Сончев систем… Кумова Слама… локална група… околу 20.000.000.000 светлосни години по Големиот Почеток…
Во оваа невозможна земја се одигрува настан, банално секојдневен: ИЗБОРИ. И речиси никогаш не го нуди исходот поради кој се организираат ИЗБОРИ… Арно ама власта ја открива неопходноста од ваквата дефиниција и ја предизвикува често. Редовно на две години, а некогаш и вонредно, и тоа е најсериозната активност во која власта се ангажира до таков степен што сѐ друго е далеку на приоритетната листа на обврски на целата државна администрација.
Настанот на почетокот содржи вариетети, но крајот е редовен и ист: на крајот крчмарот ќе прогласи фајронт. Столовите ќе се качат на маса. Муштериите ќе си заминат дома. Пазарот ќе биде пребројан и сѐ ќе остане како што си било… Ти, ти кажи ја побудата. Зошто воопшто се кандидираш?
Знам. Знам дека ова ги надминува моите ингеренции како интергалактички известител и дека нема да мине без последици кај високиот комесаријат, но: потребно и доволно множество староседелци ме препознаа како свој (знам дека и ова „препознавање“ ќе биде основа за дисциплинска постапка според критериумот „надминување на надлежностите“!)… Емотивно, реков: ДА. Решив да се вмешам во невозможното.
Кога ќе решавате за мојата натамошна судбина, молам да се земе предвид следното: во мојата едукација, на влезната порта во Институтот за галактичка дипломатија, релјефно на титаниумска плоча стоеше вашата максима: само ако е невозможно, вреди да се отелотвори!
Сега, дисциплинирано ви ја доставувам кандидатурата.

Почитувани граѓани и староседелци! Еве сме пак исправени пред ограниченоста на ограничувањето крстено како ИЗБОРИ. Бидејќи ме задолжувате со верност и надеж, која е неуништлива на овие координати, еве, ја изложувам програмата за главниот град, кој сам со децении ги повикува староседелците да не заминуваат од коренот што ги создал и кој го создал овој град. Градот не е вештачка творба. Натрапник во Божјата плерома. Градот е природна појава. Живо суштество. Спомен. Сведок. Човек. И како секој човек, градот не може да постои без меморија. Според тоа, првиот хиероглиф, првиот приоритет и првиот авторитет за секој историски град и за Скопје особено е: забрането бришење на спомениците – град без меморија се престорува во катастарска парцела чиј сопственик ќе биде непознат сторител – дупови, гупови, купишта, физибилити, ѓубре, загадување, пожари има вода, нема вода, река, реки, канализации, дивоградби и кражби на ресурси, несреќен сообраќај, непочит во изобилство…
Обесхрабрувачки е погледот кон блиското минато: наведените проблеми (редовно научно образложени) никако да се решат, а само се надоврзуваат и зголемуваат?! А уште поневеројатен е следниот феномен: бројот на кандидатите, и покрај сѐ, на секој нов изборен циклус се зголемува! Ако ѝ веруваме на левата хемисфера, тогаш еве понуда за решение на апсурдот: Ако бројот на кандидатите за градоначалник постојано се зголемува и ако проблемите постојано растат – тогаш со намалување на кандидатите ќе се намалат и градските проблеми.
Има логика. Има и психологија. Арно ама нема демократија. Ќе ти дојдат Бајден, Обама, Клинтон и готтово (се пишува со две Т). Чаре…
Град е вода на која ѝ се дозволува да го прави она што водата природно го прави… и град е вода на која не ѝ се дозволува да го прави она што водата природно го прави. Да се обидеме со оваа сјајна дефиниција – сака полит… арно ама тука е законот за мали и средни хидроцентрали. Никако не си, погледни: Скопје нема подземен катастар, нема релевантни статистички податоци по ниеден основ, профилот на сообраќајниците е несоодветен според бројот на возилата бидејќи нема податоци за бројот на возилата што постојано циркулираат низ градскиот атар, градското земјиште станува приватно додека си почнал да размислуваш за намената, должината и профилот на скопската канализација се далеку под стандардите за бројот на жители, а водоводот создаде навика да страдаат перифериите на Скопје за центарот да не забележи дека и тој градски сегмент е пред колапс… И има непочит во изобилство. Чаре…

Со науката не оди. Алгоритамот на градот тешко се срамнува без податоци, а алгоритамот на партиите е очигледно лесно применлив: секој партиски градоначалник треба прво да направи добро за партијата, а за градот се знае… (и другите порано ништо не успеале) се знае дека е чурук народот.
Во торбата на терзијата има поговорка: рибата од главата се расипува. Главата е на место од каде што треба да се произведе ЗБОР. Зборот се овоплотува Ако е јасен и чист, добивате чист град. Ако зборот произведува нечистотија и расипаност, добивате загаден, задушен и расипан град.
Сетете се, нека ни текне. Прво, како приоритет и авторитет е будењето од приспивната „Напред кон посветлата иднина“. Додека се занимававме со спиење, дојдоа и ни ја украдоа сегашноста, а ни го забранија минатото! Затоа што будењето е возможно само во минатото.
Сега можеме да видиме дека загадувањето започнува со зборовите што гласно ги изговараат избраниците на високите позиции. Затоа ако сакате да ги контролирате болестите на големите градови, изберете некорумпирани кандидати – доколку, се разбира, дозволи крчмарот. Се сеќавате на свеченоста (GAUDEAMUS IGITUR…), кога оној воениот ветеран без протокол стана предизвикан од говорот на високиот комесар за бегалец?! …запишувам по сеќавање:
Тој е брз… размислува со јасни претстави
Јас сум бавен… размислувам со нејасни претстави
Кога неговите „јасни“ претстави ќе го изневерат
Тој почнува да се сомнева во сопствените сетила
И го обвинува народот како недоветен
Градот како газ на Европа
Кога моите нејасни претстави ќе ме изневерат
Јас сѐ повеќе им верувам на сетилата, верувам во народот
Во градот како културно-историски споменик
Тој е брз и ќе продолжи со своите јасни претстави
Јас сум бавен и ќе продолжам со моите нејасни претстави
Тој во нова конфузија со своето сознание
Јас во ново сознание за мојата конфузија

Кандидатурата ја испраќам само како силуета на она што законски бев должен да го доставам до органот. Резултатите од изборот за градоначалник се одамна наредени и исходите се знаат за следните три циклуса.
Овие протоколарни реченици се формален вовед во моето прифаќање на последиците од овој чин на недозволено однесување. Сега, само уште стандардната молитва на скопските градоначалници:
Бестелноста се овоплотува
Зборот… природно заслужува телесност
Невидливото може да биде видливо
Секој беспочеток е почеток
Ќе биде заробен… недопирливиот
Тој што го ослободи Адам… бил окован
Тој што го затвора понорот
Бил втурната во него
Творецот ќе биде понижен од создаденото
Рушителот на пеколот мора да го доживее пеколот
Нека му е вечна слава!
…сега: биди градоначалник.
Тие што биле, знаат. А за љубопитните препорака: оваа молитва е запишана на повеќе места во Скопје. Посетете ги: Говрлево, Тумба Маџари, Таор, Катлановски Рид, Бразда, Скупи, аквадуктот Визбегово, тврдината Горен Град, Ридот на невиноста или, најлесно, манастирот „Свети Спас“ под царскиот престол… Тука пред иконостасот седнете крснозе, со колената допрете ги дамарите, со рацете составете круг над главата – тука се слуша разговетно…

Вангел Божиноски