Калинката од валандовско Раброво

Секогаш наесен кога ќе видам плод од калинка, со благост и радост се потсетувам на една случка што ќе ја паметам до крајот на животот. Бев војник на ЈНА (Југословенска народна армија) во Струмица, во струмичкиот голем гарнизон. Род пешадија, најнизок во армијата. Во чета од околу 150 војници, чиј просек на образование беше меѓу четврто и осмо одделение. Јас бев единствен со завршен факултет и убедливо највозрасен зашто бев регрутиран од Ресен во последниот допуштен термин.
Гарнизонот, како и секој гарнизон, одржуваше повремени вежби со ноќни узбуни. Узбуна беше кога во 2 или 3 часот наутро ќе ви свират со свирчиња и со прегласно викање да станете од креветите и да се подготвите за борбени дејства. Нема војник што не ќе се вознемири, што не ќе му се намократ гаќите од воената атмосфера што притоа се содава.
Значи, околу 2 часот нѐ кренаа од постелите, нѐ построија и „правац“ на збирно место кај селото Добрејци. Лежи, треси се од неизвесност, пред непознатост, пред ширењето на гласовите дека ова е вистинска узбуна, зашто се очекувал напад од непријателот. По еден час ни доделија спакувани оброци, но не и вода. Добивме команда „напред марш“. Во меѓувреме се разнесе гласот дека ќе напаѓа Грција, а ние ќе ја браниме Југославија на македонско–грчката граница.
Тргнуваме од Добрејци. Маршираме во колони низ селски и полупланински тесни патишта. Пешачиме четири-пет часа, преку Костурино, со мали одмори. Доцното утро стигнуваме до Раброво кај Валандово. Добиваме распоред на места и наредба да копаме ровови. Земјата сува и тврда, ашовчето не продира во неа. „Лежи и чекај“ беше последната команда.

Блага доцна есен, 5 ноември. Огреало едно сонце да ти е милина, ако не те опфатил стравот што навистина се случува. Раброво е блиску до Валандово, на патот кон Струмица, токму над крстосницата кај што почнува делницата за Дојран. Ние лежиме на невисокиот рид зад селото. Под нас е една ширина од лозја. Од нашите позиции ја имаме на нишан целата долина од таа валандовско-дојранска страна. Чуваме стратегиско место на кое го чекаме грчкиот непријател. Вооружени сме со пушки без муниција, ќе ни биде дадена ако се добие информација дека Грците се приближуваат.
Наредбата е дека не смееш да мрднеш, не смееш да стануваш од ровот, дури и при каква било потреба од лична нужда, не смееш да ја отвориш торбата за да јадеш. Во торбата има две-три конзерви, наполитанки и двопек. А сонце пече, жед те мори, одговорност те чека, страв те плаши. Иако Раброво некогаш го викале Храброво, по некој што бил храбар, немаш чувство за некакво јуначење.
На цел рабровски рид имаше само едно дрво. Дрвото беше на повеќе од педесетина метри од мене. И, гледај уште едно чудо. На врвот од гранките на дрвото блештеше една црвена топка. Како од приказните или од соништата. Гол, сув рид, некогашен рудник за хром и само едно дрво и само еден плод. Калинка.
Жеден, гладен, исправен пред предизвикот дали да се брани Југославија или да се спасува сопствениот живот. Да се лежи и да се чека непријателот или да се прекрши строгата команда, да се стане, да се дотрча до дрвото, да се скине калинката, па што сака нека биде потоа. Падна одлука: подобро живот одошто смрт. А животот беше во калинката.
Ау, тоа беше доживување што ќе го паметам додека сум жив. Што да ви кажам? Јаболка сум јадел колку што сакам, ама првпат во животот вкусив калинка. Тоа беше најубавото нешто што сум го каснал некогаш. Црвено-црни зрна со боја на крв. Ме обзеде нешто неописливо. Сок што се цеди и тече низ грлото како еликсир, како пијалак на бесмртноста. Во тие моменти бев најсреќниот војник во целата југословенска народна армија, убеден дека сум си го спасив животот. Освежен, најаден, напиен, со вратена сила и енергија, подготвен да се судрам со лутиот непријател.
Назад во ровот, чекам реакција. Од неколку војници во близината добивам аплауз за херојското дело, се чувствувам како наследник на оној храбар по кого Раброво го добило името. Минуваат час-два, ништо не се случува. Една група војници, следејќи го мојот пример, тргнаа во нов подвиг. Се симнаа во долината, прошараа низ лозјата, донесоа цело шаторско крило со зрело необрано грозје. Каков ред, каква дисциплина, ништо од тоа не се почитуваше. Се славеше и сладеше на една општа гозба. Македонци, Срби, Бошњаци, Хрвати, Турци, Далматинци, Словенци, Црногорци. Струмичка пешадија, еден за сите, сите за еден.
Дури приквечерина се прошири информацијата дека узбуната била лажна, односно била само вежба во случај на грчки напад. Падна команда за враќање назад. Инженериската единица, единицата за радиоврски, командантите и друга војска заминуваше со камиони. Ние, „прашинарите“, по истата патека назад. Второ ноќно пешачење пет-шест часа. Цело време со себе ја носев калинката од ридот кај Раброво. Ја носам истата таа во срцето до ден-денес.