Со оглед на моето минато, од животното и работното искуство имам доста поминато, согледано, како и многу нешта во размислувањата и предлозите на премиерот на Владата на Република Северна Македонија ми дадоа силен поттик да напишам нешто и да ги искажам моето размислување и мислење и да дадам свои предлози. Во целост прифаќам и ги поддржувам предлозите за нов закон за плати, нова методологија, нов колективен договор, какви вработувања да има во државната и во локалната самоуправа, како да се заштедат финансиски средства и уште некои предлози.
Познато е дека со децении се вработувале лица со несоодветни квалификации, назначувани на раководни места, назначувани во управни одбори и надзорни одбори, назначувани за советници и примале високи плати и надоместоци, кои биле повисоки од оние на многу повисоки функционери, започнувајќи од претседателот на државата, министри, директори, градоначалници и од многу поискусни, постручни, поквалитетни, посовесни, поодговорни вработени итн.
Речено е дека појавите се присутни и финансиските трошоци се големи, а тоа значи дека е точно тоа што е констатирано од премиерот Ковачевски како премиер на Владата на РСМ.
Затоа сега мислам дека како основно треба да се направи длабинска анализа на сите вакви и други појави како се трошат финансиски средства од државата. Со една таква анализа и со едно совесно работење, следење и примена на законите со кои располагаме, а не ги применуваме, да преземеме мерки и активности. Затоа е потребна таква анализа, како на државно така и на локално ниво, бидејќи појавите се присутни и таму и таму.
Секако, во оваа насока постои големо незадоволство кај граѓанството, невработените, совесните, стручните, одговорните вработени, а резултат на тоа е масовното иселување на населението од земјава, особено на младото население, кое е со високо образование, стручно, квалитетно, со знаење странски јазици, совесно, одговорно и да не речам паметно. Да не бегаме од вистината и од тоа дека вработувањата одат по партиска и етничка линија, нешто што побудува и револт кај граѓанството. Да не говориме и за тоа какви работни места се добиваат, какви плати се примаат, какви унапредувања се прават за на крајот да бидеме критикувани од домашната и од надворешната политика поради работењето во државната и во локалната администрација или примената на законите од нивната сфера.
Сосема е јасно дека е потребно вработување по мерит-систем, а не како што е претходно напоменато. Мерит-системот значи прием и унапредување според квалитет, стручност, знаење, резултати, експертизи, совесност, одговорност итн. Но проблем е што приемот е веднаш на раководни места, со високи плати, на лица што се отсутни или не доaѓаат на работа, со употреба на балансер и многу други негативни појави што се познати и присутни.
Предлозите и размислувањата за подобрување на овие состојби за вработувањата, за високите плати и високите трошења финансиски средства од буџетот на државата, добро е да се анализираат и отворено да се продискутираат, објективно и реално колку и каде сѐ се вработени лица, во државната и во локалната самоуправа, каква е нивната структура – образовна, етничка, стручна, раководна и да се почне потоа со законски измени, нови методологии, нови плати, колективни договори и слично.
Во согласност со состојбите, кои се познати, исто така е добро да се направи анализа, не само кадровска, а спомнато е или целава тема е јасна и од финансиски аспект. Според состојбите, се поставува прашањето дали се потребни заменик-министри и заменик-директори со прашање кои се нивните функции, задачи и обврски, какво е нивното присуство на работното место, користењето службени возила од нив, кои се трошоците за дневници, горива за возилата, а повеќето се надвор од Скопје.
Сето она што се поддржува со предлогот на премиерот Ковачевски, кој е прифатлив, треба да се прошири и пошироко со длабинска анализа и да се преземат конкретни мерки. Меѓу нив, покрај наброените, треба да се има предвид и одговорноста за негативното финансиско работење на општините, односно на локалните единици, кои со децении покажуваат негативно финансиско работење, а Владата постојано со години ги покрива без поведување постапки и решавање на појавите и покрај тоа им доделува и дополнителни финансиски средства.
Веројатно и повеќе од сигурно е дека за наведените состојби може многу и многу да се пишува затоа што постојат и многу подрастични појави и состојби што се добро познати, но и ова е доволно и е добро што за истото тоа поведува постапка премиерот, што е за секаква пофалба. Тоа значи дека ќе се бара и реализација за да не се остане само на најава.