Како временските услови влијаат врз емоциите

Дури и помладите можат да бидат чувствителни на временските услови. Меѓутоа, субјективното искуство во однос на времето влијае на расположението многу повеќе отколку објективните параметри

Некои луѓе не сакаат ништо повеќе од студот во зима и големите снегулки, некои ги сакаат есента и лисјата што паѓаат, пролетта е неприкосновено омилена за повеќето, а има и луѓе што ги обожаваат летните горештини.
– Не е ново што луѓето се разликуваат во нивните сезонски преференции и се нарекуваат себеси „жешки“ или „ладни“ личности. И тие се уверени дека знаат која е нивната идеална температура. Она што е поизненадувачко е што субјективното искуство на времето всушност влијае на нашите емоции, додека објективните услови играат многу мала улога – изјави Ким Мајденбауер, психолог од Државниот универзитет во Вашингтон, за „Сајколоџи тудеј“.
Таа и нејзините колеги неодамна ги објавија резултатите од студијата што ја утврди врската помеѓу објективните, локализирани временски услови и перцепциите на поединците за нивната околина, односно како се чувствуваат – пријатно или не – на одредена температура на воздухот. Тие очекуваа од испитаниците да пријават дека чувствуваат оти им е топло или студено, удобно или непријатно и да најдат мошне силна врска помеѓу вистинските временски услови и тоа како тие се чувствуваат.
И истражувачите признаваат дека сосема згрешиле. Резултатите покажаа дека постои мошне слаба врска помеѓу вистинските метеоролошки параметри и тоа како се чувствувате во одреден момент, односно како ја перципирате температурата на воздухот.
Што е уште поважно, истражувачите забележале врска помеѓу температурната непријатност и негативните емоции – ако луѓето пријавиле дека им е непријатно топло, тие се чувствувале повеќе уморни, вознемирени и генерално несреќни. Сепак, оваа врска беше забележана само ако луѓето рекле дека топлината им создава непријатност.

– На одредено ниво, не е изненадувачки што непријатноста треба да доведе до повеќе негативни емоции. Непријатноста по дефиниција не е пријатно искуство. Исто така, забележавме дека овие индивидуални разлики во удобноста и восприемената температура се многу поголеми и поважни од реалните временски услови. Ова отвора интересни прашања за тоа зошто луѓето толку многу се разликуваат во нивните перцепции и удобност. Постојат многу докази дека физиологијата игра улога – во зависност од возраста, кондицијата и хормоните, може да имате подобра терморегулација на телото. Но тоа е само едно мало парче од сложувалката. Интересно е и тоа што одредени особини на личноста можат да играат значајна улога во тоа како се чувствуваме и какви се нашите чувства кон временските услови – објасни психологот.

Сепак, истражувачите признаваат дека ова е област за која сѐ уште знаеме малку, но е одлична можност за дополнителни научни истражувања.
Кај метереопатите, луѓето чувствителни на временските промени, симптомите се индивидуални, а меѓу најчестите се главоболка, мигрена, вртоглавица, сонливост, несоница, нервоза, депресија, очај, висок крвен притисок, аритмија и замор.
Биометеорологијата, која се занимава со влијанието на времето врз здравјето, наведува дека и многу млади луѓе можат да бидат чувствителни и дека ова непријатно чувство за време на временските промени не е субјективно, туку објективно влијание на времето. Утврдено е и дека околу 20 отсто од луѓето се метереопати, а меѓу нив најчесто има хронично болни, постари и средовечни жени.

Мариота Влаисављевиќ