Македонското образование е во сериозна криза. Констатацијата не е нешто ново и нешто што не го знаеме и со кое се соочуваме со години. Она што мене ме загрижува е континуираниот пад на квалитетот на високото образование. Не е ново ако кажам дека без пари не се прави наука или дека државата сиве години не покажа минимум интерес за квалитетот на високото образование. И така можам да одам во недоглед во елаборацијата на причините и оправдувањата зошто високото образование тоне во квалитетот на знаењето што го испорачува и својата бесперспективност. Очигледно, во потрага по пари високото образование, во Македонија се претвори во испостава на пазарот на трудот. Наместо храмови на знаењето, универзитетите кај нас се претворија во „работнички едукативни центри“. Универзитетите престанаа да предаваат критичко размислување, решавање проблеми, вештини за истражување и поттикнување оригинално размислување, концентрирајќи се на образование во вештини потребни за денешниот пазар на трудот. Престана да биде работа на професорите истражувањето нови знаења и идеи и како да ѝ ја пренесат таа љубов кон знаењето на следната генерација. Кога гледам како универзитетите во Македонија се претвораат во работнички едукативни центри имам дилема: дали универзитетите образоваат за знаење или за работа? Очигледно денес кога зборуваме за високо образование го нагласуваме образованието за работа. Многумина ќе кажат дека тоа е нормално затоа што образованието за работа е директно поврзано со виталната врска помеѓу образованието и економскиот развој и итната потреба студентите да најдат работа по дипломирањето. Всушност, пренагласувањето на димензијата на вработување за многумина не само што е многу важна и многу реална премиса туку навистина е итна, бидејќи образованието што не ги квалификува поединците успешно да се натпреваруваат на работното место е или нереално или ирелевантно. Можеби затоа и претседателот на телото за акредитација побрза да се сретне со претседателот на Стопанската комора на Македонија за да ги провери нивните потреби за вештини на кои универзитетите треба да ги подготват новите студенти. Толку му сече на ваквиот академски безличен лик, зашто никогаш својот академски развој не го градел на знаење. За него и сличните како него новокреираните академски бројлери нема дилема дека универзитетите треба да произведуваат дипломци што се борат да ги исполнат очекувањата на работодавците.
Јас пак сѐ уште верувам дека знаењето е централно во процесот на едукацијата на универзитетите, зашто игра централна улога во градењето вештини, критичкото и креативното размислување и решавањето проблеми со зголемена независност. Токму преку знаењето универзитетите му обезбедуваат на општеството безбеден начин за коцкање со иднината, охрабруваат иновативни истражувања и развој што можеби нема непосредни очигледни краткорочни придобивки или може да нѐ одведе до никаде, без да се претрпи голема комерцијална или социјална загуба. Друга критична улога на универзитетите е способноста да се оспорат претпоставките или позициите на моќните агенции надвор од нив, како што се владата или индустријата, кога тие се чини дека се во конфликт со доказите или етичките принципи или општото добро на општеството. За мене постои реална опасност од претесно поврзување на програмите на универзитетите со непосредните потреби на пазарот на трудот, зашто побарувачката на пазарот на трудот може да се промени многу брзо, а особено, во општество базирано на знаење, невозможно е да се процени какви видови на работа, бизнис или занаети ќе се појават во иднина. И токму тука го гледам главниот проблем на падот на високото образование во Македонија.
Високото образование стана зависно од работодавците и родителите, кои сакаат работната сила што може да се вработи да биде конкурентна и, ако е можно, богата. Навистина, ова отсекогаш била една од улогите на универзитетите, која започнала како подготовка и обука за црквата, правото и, многу подоцна, владината администрација. Но не и единствена. Кај нас стана една и единствена. Универзитетите заборавија дека на студентите им треба и хоризонтално и вертикално знаење во сите дисциплини за да ги прошират своите хоризонти и да си овозможат себеси и на човештвото да напредуваат. Затоа и основната филозофијата на образованието му дава приоритет на образованието за знаење. Сето ова е невозможно со високо образование што стана масовна продукција на студенти што играат според правилата, задоволни се со просечноста и не се грижат за нивниот личен бренд. Можеби затоа треба да се размисли за иднината на нашите академски програми, кои, всушност, треба да се градат на три столба, а не на еден или два: знаење, вештини и афективни компоненти. Сите овие три димензии се директно и силно поврзани со знаењето, работата и индивидуалниот и општествениот раст. Образованието тогаш е за знаење, за работа и за просперитет на поединците и општеството. А тогаш верувам и квалитетот на образованието на нашите универзитети ќе се подигне на нивото што сите го посакуваме во државата. Значи, образованието е за знаење или е за вработување?
Автор: Проф. Звонимир Јанкулоски