Кога бев дете, мајка ми често повторуваше дека ние сме рисјани и треба да се однесуваме како рисјани. Баба ми и дедо ми секоја недела, убаво дотерани, одеа во црква, зашто, иако Власи, тие биле верни рисјани. Го прифаќав искрено иако не знаев што вистински означува зборот, освен сознанието дека е многу важен во верата кон Исус Христос. Дури многу подоцна сфатив дека зборот рисјани всушност значи христијани. Ние сме биле христијани.
Еве еден краток лаички преглед како ние во Македонија сме станале христијани – рисјани.
Неколку препораки и правила го одредија цивилизацискиот пресврт, го раширија христијанството и го направија една од најраширените религии во светот. Се случило тоа кон четириесеттите години од првиот век од новата ера и трае до денес. Две илјади години.
Тие правила што важеле за нововерниците биле: да не се обрежуваат, да се воздржуваат од принесување жртви на идоли и од крв, од удавено, од блудство и да не им го прават на другите она што не им е угодно на нив самите. Откако овие начела се донесени и усвоени во Ерусалимската и во патријаршијата во Антиохија Сириска, христијанството доживува зачудувачки размери. Тогаш во Антиохија (во сегашна Сирија) е утврдено и името на новото учење – христијанство, а новите верници да се нарекуваат христијани. Верници, следбеници на учењето на Исус Христос, Спасителот.
Зошто и како дошло до овој епохален чин опишан во Светото писмо? По воскреснувањето на Исус, неговото учење почнале да го проповедаат дванаесетте апостоли, главно меѓу своите сонародници – Евреите. Но еден од поангажираните апостоли, апостолот Павле, при своето прво патување меѓу незнабошците се сретнал со сериозен проблем. Луѓето, мажите, го прифаќале учењето, биле расположени да се преобратат, но не се согласувале со наметнатите барања да се почитува Мојсеевиот закон да мора и да се обрежуваат.
Судирајќи се со овој проблем, Павле решава да ги извести браќата во црквата во Ерусалим, да побара помош и можно решение. На големиот апостолски собор, меѓу оние што први се согласиле нововерните да бидат ослободени од тој тежок јарем биле Петар, старешина на првата црква, и апостолот Јаков, кој ги предложил начелата што се однесувале на откажувањето од обрежувањето и идолите, препораките за нејадењето крв и од удавено, како чувањето од блудство и неправењето лошо на другите.
Писмо со таква содржина е адресирано до браќата во Антиохија, а делегација во која биле неколку апостоли и нивни придружници била задолжена да се пренесе тоа и усно. Како што било договорено така било направено. Антиохиската црква е меѓу четирите главни цркви на христијанството, во Римското Царство, основана од Петар и Павле. Едно предание вели дека таму светиот Игнатиј Богоносец е првиот што ги научил луѓето да се крстат со три прста, во името на Света Троица, обичај што го имаме до ден-денес.
По одобренијата добиени во Антиохија, Павле го прави цивилизацискиот чекор. Го пренесува Евангелието, односно Исусовото учење, од Азија во Европа.
Своето прво патување (второ мисионерско) кон европските земји апостол Павле го направил во Македонија, по виден сон во кој еден човек, Македонец, му велел да премине во Македонија и таму да им помогне. Според Новиот завет, првиот жител на Македонија што го прифатил христијанството е Лидија Македонката, од градот Тиатир, која продавала црвени ткаенини. Таа и нејзините домашни се првите луѓе покрстени во верата Исусова на европскиот континент.
Човекот надвор од Библијата, а величествен по својата улога за развојот на христијанството е римскиот цар Константин Велики. Во 313 година го прекинал дотогашното безмилосно прогонство на христијаните, го прогласил христијанството за официјална религија на царството и со указ им дал можност на христијаните слободно да ја исповедаат и да ја проповедаат својата вера.
Тогаш тоа почнало да зема замав. Црквите се утврдувале во верата и верниците по број се умножувале секој ден. До 800 година, Западна Европа била речиси целосно христијанизирана.
Со царот Константин е поврзан и симболот на крстот. Во текот на првите два века на христијанството, крстот бил голема реткост во иконографијата. Раните христијани како свој симбол на верата го употребувале ихтисот, односно риба. Крстот во тоа време најмногу се користел како знак, односно метод за погубување. Како симбол на новата религија, Константин го поставил крстот по една важна битка кога ги победил своите непријатели. Штитовите на неговите војници го имале тој знак, знак на верата, победата и славата.
Првите никулци на христијанизацијата на денешните македонски простори може да се насетат преку престојот на Свети Еразмо Охридски (Лихнидски), христијански маченик од крајот на 3 и почетокот на 4 век. Еразмо дошол во Охрид од Антиохија, престојувал таму извесно време во пештера, по што неговиот култ бил раширен на целиот Балкан.
Подоцна, во 6 век, седиштето на архиепископијата Јустинијана Прима било на територијата на Македонија. Црковната традиција ја поврзува оваа архиепископија со Охридската архиепископија, затоа охридските архиепископи од 12 век до 14 век ја носеле титулата „архиепископи на Јустинијана Прима“.
Сепак, вистинската христијанизација во Македонија се одвивала од 7 до 9 век во рамките на Византија. Населението во византиската провинција на македонските Словени имало византиска христијанска управа. Така започнала да се шири и христијанската просвета меѓу словенските народи, меѓу кои и Македонците. Главни творци се солунските браќа Кирил и Методиј. Значењето и улогата на браќата за христијанството е тоа што ја превеле Библијата на старословенски јазик, како и другите дела што биле потребни за да можат црковните служби да се молитвословат на јазикот на кој зборувал народот. Го правеле тоа преку новиот јазик и новото писмо, со четвртото писмо – по еврејското, латинското и грчкото. Мисионерската, учителска и просветителска дејност на Свети Кирил и Методиј била наследена од страна на нивните ученици Климент Охридски и Наум Охридски, кои по Моравската мисија дошле во Македонија, чии делови во 9 век биле во составот на Првото Бугарско Царство, со кнезот Борис на чело. Дејноста на Климент била поврзана со христијанизирање и описменување на паганското население, како и со основањето и организирањето на првата епископија во Охрид, во областа Кутмичевица. Тој е првиот македонски епископ во новоформираната Дремвицко-величка епархија. Климент го поделил македонскиот етнички простор на 12 околии, каде што службен јазик и писмо бил старословенскиот. Со религиската, црковно-просветителска и книжевна дејност, Климент и Наум извршиле неповратно влијание во ширењето на верата Исусова и во покрстувањето на тогашното население во Македонија.
Денес Свети Климент Охридски се почитува како заштитник на Македонија, градот Охрид и е патрон на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Во Бугарија е сметан за еден од седумте апостоли на Првото Бугарско Царство. Но тоа е веќе друга и долга историја. Исто така друга историја е како, зошто и кога сме станале православни христијани.
































