Ама си глуп, не разбираш дека отворањето на ЛОИ беше пофалба на различностите, а тоа се нарекува диверзити! Каква бе, различност? Немаше ништо различно… сè беше кич.
Уф, откако сите експерти за сенешто се изнаредија со муабет за отворањето на Олимписките игри во Париз, жртвувајќи ги за нас своето скапоцено време и високи естетски стандарди од кои ни фрлија трошки мудрост за да нè просветлат, еве ме мене, како јаглика на шлагот. Што јаготка? Мојата јаготка се чувствува како јаглика. Професорката Ванковска во својата колумна точно ги посочи лицемерствата околу игрите, ставови со кои се согласувам, но таа, за мојот изопачен вкус, премногу е воспитана. Имам и јас нешто да кажам на темава. Фак! Па, не го гледав отворањето. И покрај тоа што сум фанатик за спорт, никогаш не гледам отворања на спортски настани. Досадно ми е, се имам изнагледано факинг слетови како копиљ.
Е како бе, Русјаков, ќе коментираш, а не си гледал?
А демек овие што се пенавеа за олимписки успеси и норми, страсно следат спорт и уживаат во него? Ма јок! Едноставно мора да ги има на мрежите со коментари, оти како што рекол познатиот светски рекордер во пливање на 400 квадратни метри со пречки, Арчибалд фон де Гјортуксен-Кронкрајл, „не е важно дали има логика да учествуваш, битно е да победиш во кавгата“. А јас, сепак видов фотографии што разни ерудити инфлуенсери и брусачи на каменот на мудроста ми ги објаснија.
Но, ќе почнам со зборовите на славниот олимпиец Архимед, кој викна, „Не чепкај ми ги олимписките кругови!“, по што гнасниот руски атлетичар, кој мрази диверзити и сака светот да е празно множество, најпрво го тресна со кладиво, па го прободе со копје и потоа со остриот диск му ја отсече главата за да ја фрли таму некаде бестрага како да е обично ѓуле. Легендата вели дека бесмртните не умираат, па така, стана телото на Архимед, почна да си ја бара главата, попат го сретна телото на Марија Антоанета и ќе беше тоа љубов на прв поглед ако двајцата не беа обезглавени, затоа сега и талкаат низ времето и просторот за да си ги најдат главите и конечно да се залапаат. Сакам да кажам, како почитувач на дед метал музиката, многу ме бендиса обезглавената Марија Антоанета со распеаната глава во своите раце, оти страшно ме возбуди кога се сетив дека ми личи на Европската Унија.
Добро сега, видов и јас пар кадри од отворањето. Во моментот кога стигнав на гости, домаќините ја гледаа церемонијата. Фрлив поглед кон телевизорот, видов луѓе во чамци како пловат по Сена и браво за организаторите, крикнав, браво што се сетија на оние кутри мигранти што мораа да бегаат од сопствените огништа кога Западот им ги сруши за да им донесе демократија. Домаќините ме погледнаа шокирано како да сум дошол со Исимбаева. Какви бре мигранти, ме прашаа. Па, луѓево во чамци, објаснив, нели мигрантите најчесто така пристигнуваа во Европа, барем оние што не се удавија. Не се тоа мигранти, цреп, ми објаснија, туку спортистите така ги претставуваат.
Има логика. Ако Олимпијадата е огниште за секој спортист, тогаш тие, при отворањето на овие игри, фрлени во седми план, изгледаа како мигранти во сопствената татковина. Ама ним не им е најстрашно. На руските спортисти им е спроведен олимписки холокауст. Нивната голгота почна уште од онаа западна манипулација со допингот кога Русите беа исфрлени од спортските терени. Да ви направам една морбидна споредба. Хитлер не само Евреите и Словените, туку и црнците не ги сметал за човечки битија. На Олимпијадата организирана од него, Хитлер воопшто не сакал да гледа црнци околу себе, ама ниту неговата налудничава моќ не му дозволила да помисли да ги забрани. Така светот го виде и му се поклони на генијот Џеси Овенс, кој дома не смеел да се тушира во иста соблекувална со белците или, не дај боже, да се качи во автобус каде што се возат тие. Како и да е, она што Хитлер не го направи со припадниците на црната раса, сега успешно го изведуваат Западот и светскиот олимписки комитет врз Русите.
А сега гобленот. Оној што ќе го везат идни генерации транџи и небинарни луѓе, како што нивните баби везеле „Коњи на поило“. Прекрасен гоблен. Во него има и грчки Велештрумф наречен Дионис. А Дионис умира и се раѓа. И јас така, гледам во гобленот, умирам од смеење и ми се раѓаат чувства. На пример, лутина. Лут сум што во олимпискиот гоблен нема доволно диверзити. Нема албино. Барем јас не го видов. Како ние да не сме луѓе. Нема ни маж склон кон полигинија (многуженство). И тоа е еден вид сексуална определба. Да не зборувам дека никој не се сетил на албина склони кон полигинија
А олимпискиот гоблен, прав постмодернизам. Личи на „Тајната вечера“ од Да Винчи, оти така се поставени ликовите, всушност е „Гозба на боговите“ од Јан Харменз ван Биљар (или Бијларт или Бујлиар или што и да се договорат спортските коментатори како правилно му се изговара името на овој славен холандски фудба… сликар), иако кај него малку поинаква е композицијата, а мене, пак, најмногу ми заличи на една слика од Хиеронимус Бош што овој ја смисли една вечер по многу мешање на апсинт и опиум, ама утредента заборави да ја наслика. Како и да е, гобленот возбуди многумина и сето тоа беше толку здодевно што мојот ум ја вметна главата на Марија Антоанета среде гозбата за да си трачариме за оние што чекаа два дена организаторите да се свестат од нападите, па да објаснат дека не е „Тајната вечера“, туку „Гозба на боговите“ и откако се случи тоа, о Боже, како почнаа да ни порачуваат дека е добро да се едуцираме. Па да, они по дома вообичаено имаат најмалку една репродукција од славниот Јан Харменз ван Биљар (или Бијларт или Бујлиар или Биуолијартпурларт), за разлика од мене, кому историјата на уметноста му е сведена на нинџа-желки.
Што остана? А да, христијаните или поточно „христијаните“, а можеби најточно фејсбук-верниците. Сите згрозени, оти препознаа ругање. Јас не се згрозив, бидејќи со своето однесување секојдневно го ругам Месијата. Ама имам нешто да напоменам. Како што рекол Исус, паѓај во страшен гнев на секоја глупа провокација, прв фрли го каменот, убиј го во поим ближниот свој, извади му ја гредата од око и тресни го со неа по глава, ама никако да имаш во срцето смирение и да не се молиш за оној за кого мислиш дека сторил грев. Прости ми, Господе, на травестијава!
Сега, веројатно, најлогично е прогресивните, кои нели се отворени за сечии мислења и ориентации, ама и верниците, кои секогаш имаат љубов за секого, да земат и да ме распнат, оти напишаново им ги навредува чувствата.