Како се „ловеше“ девојка на примитивен Јутјуб мјузик

Вчерашниот изумрен свет

За празнициве решив да направам малку ред во библиотеката. А секое соочување со неа ми е голема траума. Не е проблемот во книгите, туку во долната полица: на неа стојат моите грамофонски плочи, лонгплејки. Немам грамофон, тие фаќаат прашина, па сериозно размислувам да му ги дадам некому што има грамофон. Но за секоја од нив ја знам „крвавата“ историја. Додека книгите можеа да се купат во СЕКОЈА книжарница во Скопје (а најснабдена беше „Нолитовата“, меѓу кафеаната „Пирин планина“ и Музичката академија), за секоја плоча се „пролеваше крв“. Плочите се нарачуваа од странство, зашто она што јас го слушав, не се наоѓаше на југословенскиот пазар. И, еве, ги прегледувам и сега: Ален Холдсворт, Кеит Џерет, Чик Кориа, Били Кобем, „Софт машин“, „Ведер рипорт“, Еберхард Вебер, Ал Димеола, Пет Метини… За сите нив морав да напишам писмо до тетка ми Нина Троицки, која живееше во Лондон, да ја замолам да ми ја купи плочата и да ми ја прати по пошта. Се разбира, се плаќаше и поштарина, а ако беа повеќе плочи, се плаќаше и царина. За трепетот додека се чекаше она кафеаво ПТТ-картонче на кое пишуваше: „Препорачана пратка од Лондон“, не сакам ни да зборувам.
Сега тие плочи стојат како тажни музејски сведоци на манијакален копнеж по нешто тогаш недостапно. Седнувам на компјутерот и отворам Јутјуб мјузик. Ги впишувам еден по еден називите на сите плочи и ги добивам „на еден клик“. Добивам уште десетици други од истиот музичар, дури и некои за кои воопшто и не сум слушнал. Добивам бесплатно, без чекање, без царина – дури и видео за некои лонгплејки снимени на концерти во живо. Имав такви лонгплејки, од „Ведер рипорт“ (двојниот албум снимен во живо се викаше „8:30“) или од келнскиот концерт на Џерет, ама лонгплејките само се слушаат, не се гледаат. Сега, со Јутјуб, она што било само звук, се гледа и како снимка на концерт. Денешниве млади НЕ СЕ СВЕСНИ колку треба да бидат БЛАГОДАРНИ за тоа што го имаат. Да купиш плоча во вчерашниот изумрен свет, беше како да си се качил на Месечина. А да отидеш на концерт на омилениот гитарист или на омилената група – како да си отишол на Марс. Денес, фала богу, си одат на концерти по цел свет како што ние одевме да се прошетаме во парк.
И се прашав: ако секое време си имало свое чудо од техника, тогаш што одговарало на денешниов Јутјуб мјузик, во времето на мојата младост?
Во Влае тогаш постоеше една кафеана со три закачени лимени шапки пред влезот, која се викаше „Три шешира“ и беше очигледно желба за копија на прочуената белградска истоимена кафеана од Скадарлија. Иако беше сместена во стара барака зад киното „Влае“, меѓу месната заедница и прочуената берберница „Кај Мусо“, во обична „дупка“, во неа прво стигна ЧУДОТО, како што се разнесе глас по Влае. Газда Марко, сопственикот на „Три шешира“, човек со тенки мустаќи „под конец“, со голем златен прстен печатлија и со достоинствено држење, секогаш во црвен елек и со бела штиркана кошула, сакаше да биде во чекор со времето, па прв го донесе чудото.

Го истоварија, го наместија лево од вратата, го вклучија во струја и тој стаклен сандак светна како флипер и почна да свири и да пее. „Тоа е џубокс“, рече Марко значајно, небаре е Марко Поло, кој се вратил по Патот на свилата од кај Кублај-хан со тоа чудо. Ние бевме малолетни и Марко не нè пушташе внатре, туку ни служеше сокови само „во дворчето“ пред кафеаната. Но за оваа пригода нè пушти и нас внатре, да го видиме чудото. Личеше на витрина за сладолед, со тоа што наместо да гледаш сладоледи, гледавме во мени од 32 песни – зад секој број од 1 до 32 стоеја името и презимето на изведувачот и насловот на песната. Ставаш паричка, потоа на еден бројник го внесуваш бројот на песната и – ја слушаш саканата нумера. Брзо сфативме дека тоа е всушност грамофон наполнет со 32 плочи, со механизми што можат да ги менуваат плочите. И сфативме дека Марко може, кога ќе му здосадат некои нумери, да уфрли нови плочи со други нумери, а зад постојните броеви да ги напише насловите на новите песни. Но тоа што ја сфативме технологијата, воопшто не му го одзеде сјајот на тоа чудо. Тоа беше нашиот прв ЈУТЈУБ МЈУЗИК и имаше на менито 32 различни песни!!! Иако малолетни, по училиште доаѓавме таму. Ќе нарачавме „кокта“ и ќе пуштевме песна.
Но секоја технологија, покрај погодностите и комфорот што ги нуди, има и мрачна страна, а понекогаш води кон пропаст и војна. Така беше и тогаш. Еден ден, еден љубовен пар седеше во кафеаната на Марко. Младичот беше добро познат боксер од Ѓорче Петров, кого и полицијата го апсеше пријателски, зашто тој веќе не пружаше отпор ако се степаше надвор од рингот, а често се тепаше. Со него седеше една преубава девојка, со црна коса и беше очигледно дека младичот се обидува да ја освои. Ние седевме во дворчето, беше пролет и пиевме сокови. Во тој момент, во кафеаната влезе М од нашата улица (постар од нас 10 години, наш идол), познат заводник и не помалку квалификуван тепач од оној што внатре ја заведуваше девојката, постојано пуштајќи ја песната „Због једне дивне црне жене, због једне дивне црне косе“. Нема-нема, боксерот ќе станеше до џубоксот, ќе пуштеше паричка и ќе го пуштеше пак истиот хит на Киќо Слабинац, што веројатно значеше „Те сакам девојко со црна коса, многу те сакам“. Но влезе М, а ние знаевме дека онаа девојка веќе одамна го привлекува вниманието на М. Очекувавме скандал, што и се случи. М знаеше дека девојката се вика Марија, се беше веќе распрашувал за неа по цело Влае и Ѓорче. И не му беше право кога ја виде на маса со тепачот конкурент од Ѓорче. А уште помалку му беше драго што овој ѝ пушта една иста песна како да се и девојката и песната негови, како тој да ги напишал стиховите и како тој да ја отпеал песната.

Па така, откако почека да заврши песната „Због једне дивне црне жене“, М стана и ја пушти „Ако једном видиш Марију, ти јој реци да је волим“, од Мики Јевремовиќ. Тепачот од Ѓорче го погледна попреку, па стана и повторно ја пушти „Због једне дивне црне жене“. М си го пиеше вињакот, па кога заврши туѓата музичка желба, стана и повторно ја пушти „Ако једном видиш Марију, ти јој реци да је волим“. Тоа беше доволно за трета светска војна: тепачот од Ѓорче, кој веќе се имаше пресметувано со М, стана и го праша зошто ја пушта истата песна и зошто баш песна за Марија, на што М му рече дека се угледува на него. И тогаш почна: се фатија за врат, полетаа столчиња и маси, црнокосата Марија врескаше, Марко врескаше повеќе и во еден момент – еден стол удри во тогашниот ЈУТЈУБ МЈУЗИК и го скрши. Го замолкна.
По три дена го видовме М како под рака ја води Марија, кон киното „Влае“. Беше јасно дека му ја беше презел девојката на оној од Ѓорче, благодарејќи на ЈУТЈУБОТ со само 32 песни на менито. Марко, пак, најми „жива музика“, со хармоникаш што личеше на малку подздебелен Арнолд Шварценегер и со русокоса пејачка, со мини-фустанче качено до вратот. Пејачката му беше девојка на „шварценегерот“ со хармониката и никој не се осмели да му ја преземе. „Да ве видам сега, племе непросветено“, ликуваше Марко.
Се сетив на сето ова и се откажав од намерата да му ги подарам плочите некому. Нека си седат тука. Тие се мојот џубокс, мојот ЈУТЈУБ МЈУЗИК. На првата девојка, пред да ми стане девојка, ѝ ги позајмував, а таа ги преснимуваше на касетофонски ленти. Можеби затоа и ми стана девојка. Како и да било, не сум чул дека денес ЈУТЈУБ МЈУЗИК може да ти помогне да стекнеш девојка. А и тепачки не предизвикува, зашто секој си слуша сам за себе, во своја соба и нема никаква можност да провоцираш некого со својот избор на музика. Секој си има свој џубокс, далеку побогат од оној на Марко. Ама некако и не се познаваме добро за да се степаме за љубов.