Како се идентификуваат посебните способности кај децата

ВОСПИТАНИЕТО – ГЛАВНА КОМПОНЕНТА ШТО НЕДОСТИГА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО (5)

Секој воспитувач, како што истакнав, уште од самиот почеток ја има првата и основна задача да ги запознае поединечно и целосно сите деца во својата група. Преку играта, работата и учењето секое дете спонтано се однесува во дадените активности, а воспитувачот треба да ги идентификува посебните способности кај децата, и тоа преку слободните и насочените активности. Во продолжение се наведени неколку точки за идентификување.
1. Импровизирање од обичен материјал: прават играчки од различен материјал и парчиња, употребуваат обични предмети за да ги решат проблемите во креативните драмски игри, уметничкото доживување и слично.
2. Играње улоги и раскажување сказни: целосно се однесува на играњето на улогите, креативните драмски игри или говорни сказни, доаѓаат до нови идеи во процесот на играњето, по улогите при раскажувањето на сказните, измислуваат необични, неочекувани решенија во кажувањето на сказните и во играњето на улогите.
3. Визуелна уметност: Сакаат да цртаат, да бојадисуваат и да обликуваат, целосно доживуваат и чувствуваат пријатност во тоа (цртањето, боењето и обликувањето), го разбираат предметот „читајќи го“, Вешто и добро комуницираат по пат на цртање, боење и други визуелни медиуми, кажуваат сказни и ги прераскажуваат настаните како навистина да се случиле.
4. Креативни движења и играња: ги сакаат игрите и движењата, целосно го доживуваат креативното движење – игрите, можат да интерпретираат песни и сказни низ креативни игри.
5. Музика и ритам: пишуваат, цртаат и се движат во ритам, ги интерпретираат идеите низ музика или ритам.
6. Изразит говор: говорот им е обоен и сликовит, говорот им е жив (интензивен, возбудлив), измислуваат и комбинираат зборови, ги прераскажуваат сказните како навистина да се случуваат и слично.
Преку овие слободни и насочени активности се следи детскиот креативен развој и истиот тој се поттикнува. Воспитувачот не смее да донесе никаков суд врз основа на првичните оценки во смисла на тоа дали детето е креативно или не, туку треба низ педагошки мерки да го поттикнува и да го забрзува неговиот развој.
Основната цел и задачите на предучилишната програма е поттикнување на детскиот развој, што подразбира развивање на мислењето, говорот и на други експресивни способности на концепциите, моториката, креативноста, развивање на волјата, моралното судење и истражувачкиот дух.
Со детската игра креативните активности даваат свој придонес за организацијата и за менувањето на детското време и простор, со што се менуваат и тие самите. Креативните способности, како една од најважните карактеристики на човекот, се вродени и во поголема или помала мера секој ги поседува. Креативната способност е доволен услов тие да се познаваат во одреден период и овие способности прво треба воспитувачот да ги идентификува, потоа да се поттикнуваат и култивираат, а таа значајна улога му припаѓа на воспитувањето, односно на предучилишното воспитание.
Од сето наведено улогата на воспитувачот во овие рамки треба да биде тактична, постапна и со голема умешност да ги развива креативните способности кај децата, а и во својата воспитна практика, воспитувачот, работејќи креативно, ги наоѓа креативните способности кај децата преку воспитно-образовните области.

Училиштето како институција за развој на каритативните особини на учениците

Во современи услови на живеење и дејствување и интензивирање на технолошкиот развој, компјутеризацијата и информатизацијата се наметнува потреба денешното училиште да се преиспита и да одговори на современите предизвици, каде што ќе се согледаат местото, улогата, значењето и функцијата на училиштето како едукативна институција.
И покрај разликите во средините, денешното училиште сепак ќе мора да ги следи современите предизвици, со што се осознава неопходноста за негово трансформирање и иновирање, сѐ со цел да се фати чекор со времето во кое живееме и работиме.
Има потреба од осовременување и модернизирање и иновирање на училиштето, како што ќе истакне доајенот на македонската педагогија, професор д-р Никола Петров: „Се наметнува напуштање на традиционализмот и униформноста во наставата, да се развијат кооперативно партнерски односи и соработка на субјектите на релација: наставник-ученик, родител, училиште, со барања на еден модерен и современ пристап кон процесите на воспитно, образовно, наставниот, креативниот и активниот однос на субјектите-партиципиентите“.
Од досегашните истражувања и вреднувања може да се согледа дека училиштето како институција наменета за учениците од различни возрасти и средини дава сакани ефекти на когнитивно-интелектуалната страна – компонента, за што има позитивни индикатори, но истовремено дека во наставните планови и програми постојат теми и содржини што ги оптоваруваат учениците со повеќе фактографски податоци, што укажува на фактот и потребата од растоварување на наставните планови и програми. Од анализите на Бирото за развој на образованието (БРО) и делумните истражувања што се вршени на наставничките и педагошките факултети, согледано е и констатирано е дека образовната страна е понагласена – позастапена, за сметка на воспитната страна – компонента.

Каритативноста како особина на човекот

Како резултат на тоа во одредени средини, урбани и рурални, во одредени училишта се јавуваат асоцијални појави и девијации што потврдуваат дека воспитната функција е запоставена. Тоа го потврдуваат и девијантните појави од насилствата, конфликтите и агресивното однесување на учениците, што алармира дека училиштето како институција треба да ја реактивира воспитната функција. Во делокругот на воспитната функција, познатиот хрватски педагог и научник В. Пужевски особено се залага за развојот на каритативните особини кај учениците и каритативната дејност во училиштето. (По, М. Вујаклија – Лексикон-каритативен – лат.каритас – направено од љубов, милостив, дарежлив, добротворен).
Каритативноста како особина на човекот природно произлегува од севкупната негова личност и севкупните негови односи со сите воспитни чинители: семејство, средина, општествена средина, се разбира и училиштето, кое е значаен чинител за развој на каритативните особини на личноста. Каритативноста не е додаток на особеностите на поединецот, туку е битна карактеристична ознака за неговите човечки особини. Имено, тоа е синтеза на сите позитивни особини на човечност на хуманост. Ако е тоа така, тогаш и воспитанието е значајно за каритативниот пристап на човекот и каритативната животна пракса на севкупните хумани третирања и човечко позитивно воспитно насочување во средината на дејствувањето и живеењето.
Од претходно наведеното треба да се констатира неминовната потреба за демократизација и хуманизација на нашите училишта, основни, средни и високообразовни институции. Училиштето не е само одраз на општествените случувања околу него туку е важен предуслов за квалитетниот развој на општеството, ако сакаме да се приближиме до Европската Унија, тогаш мораме најпрво да ги развиваме демократските процеси во училиштата.

Какво треба да биде денешното училиште

Во оваа смисла повеќе теоретичари и практичари кога ја нагласуваат каритативната функција укажуваат дека денешното училиште треба да биде отворено животно училиште со топлина, радост и позитивни доживувања и успеси, а не училиште на модалитет на затвореност, унифицираност, а за поединци ученици – партиципиенти, и за страв. Тоа треба да биде успешно училиште, кое учи, воспитува, насочува и води, а не да биде предавачко училиште на наставникот. Треба да претставува училиште за хумани односи, за меѓусебни односи на почитување – ученик со ученик, ученик со наставник, за дидактички пристап за мотивирање за учење и на соработка и меѓусебно помагање меѓу учениците, како и меѓу учениците и наставниците, а по потреба и со трети лица, стручни служби и други субјекти.
Слободното отворено животно училиште што е предмет на проучување, истражување и вреднување и сѐ повеќе практикувано во согласност со предизвиците, потребите и современите тенденции, бара иновативен наставник, кој според другото се третира како едукатор и посредник, планер, програмер и организатор, аниматор, дијагностичар и терапевт, истражувач, евалуатор и партнер.
Наведените иновативни особини укажуваат дека современиот наставник треба да биде образован – едуциран, во согласност со напред наведените тенденции, за да може успешно во практиката да ги применува и практикува наставните содржини во содејство со учениците како субјекти и партнери.
Факт е дека во поголемиот дел денешните наши училишта наместо да бидат отворени животни училишта, тие се традиционални училишта – идентификувани со многу слабости во воспитно-образовната работа: учениците никој не ги прашува кои содржини, методи и форми се користат за стекнување способности и навики; подучување со меморирање и запаметување; невклучување на родителите и локалната заедница во реализацијата на некои програмски содржини; некористење примерни задачи од учебниците; механички пристап во дидактичката апаратура и учебниците; необезбедена повратна информација за резултатите и напредувањето на секој ученик на наставните часови и неприменување техники за развивање на творечкото мислење кај учениците.
Изнесените согледувања од професор д-р Марко Стевановиќ во трудот „Училиштето по мерка на ученикот“, во своите трудови ги има и македонскиот професор д-р Никола Петров, а со нив се потврдуваат слабостите на традиционалното училиште, кое во согласност со предизвиците, тенденциите и потребите треба да прерасне во отворено иновативно и каритативно животно училиште. Имено, иновативното отворено училиште бара нов приод или пристап во организирањето, модулирањето со иновативно едуцирани наставници, кои ќе применуваат нови облици, форми, методи, кои учениците ќе ги третираат како партнери, кои ќе ги мотивираат, ќе ги поттикнуваат учениците на проблемско подучување, решавање на проблемите со повеќе активности, на заемно комуницирање и дејствување. Во таа смисла, наставникот ќе создава ситуации, ќе овозможува поттикнување на подучувањето за творештво и оценување, ученикот ќе ги решава проблемите, ќе ја преструктурира и редефинира околината, ќе учи творечки за творештво и самооценување, наведениот пример јасно укажува и ја потврдува улогата на едукативниот едуциран наставник и ученикот како активен субјект во процесот на наставата и учењето.

Креативна настава и нејзина примена

Во таа смисла споменатиот автор има мошне значајна и круцијална улога, односно доаѓаат до израз интерперсоналноста, творечката и мотивирачката улога, кои се пресудни во креативната настава, и ќе истакне: „Креативната настава овозможува организација што учи, во која се вбројуваат учениците, нивните родители и наставници. Тоа е заедница што претставува единствена целина и околина за творечко стекнување на знаења и разновидни способности. Подучувањето е наменско-творечко, за творештво насочено спрема индивидуалните постигнувања на секој ученик, со очекувања на некои подрачја за кои поединецот изразува интерес да може да реализира индивидуален максимум. За напред наведеното потребно е партнерство“.
Изнесеното ги потврдува улогата и значењето на наставникот во процесот на едукација. Наставникот како личност, од една страна, наложува потреба од запознавање на личноста на ученикот, која е исто така значајна за креативната настава. Имено, наставникот треба да ја запознае и структурата на личноста на секој ученик (особините, ставовите, вредносните судови, способностите, стиловите на учење, когнитивните и психомоторните способности, како и семејните, материјалните услови на секој ученик). Во креативната настава се застапени дивергентните прашања. Тоа се прашања што иницираат разновидни одговори, ја поттикнуваат фантазијата кај ученикот и примена на мисловните операции.
Имено, креативната настава може да се примени на повеќе наставни часови по наставни предмети, дури и при повторување и утврдување на градивото. На почетокот учениците потешко се снаоѓаат за подоцна да се воведат и навикнат. Во смисла на претходно изнесеното, повеќето теоретичари и практичари застапуваат гледиште дека наставникот покрај сложената и одговорна функција има и поливалентна функција, односно повеќе функции, кои со предизвиците на времето и тенденциите диктираат вклучување на наставникот, не само во наставата, воннаставните, училишните и вонучилишните активности, туку и во културната и јавната дејност. Како едукатор, пак, потребно е негово вклучување во здруженијата на граѓани и фондации, здруженијата на струката на еснафот, во нивната тимска работа, како и во културата, културните институции и цивилизациските текови на културата и науката. Покрај изнесеното, одреден број теоретичари, истражувачи нагласуваат дека наставникот не е само воспитувач туку тој со својата комплексна одговорна и хумана работа, истовремено е и уметник, а уметноста е возвишен чин, како што е возвишен чин процесот на едукацијата.

Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија

продолжува