Како културата ја убива уметноста

Зошто во оваа земја културата ја убива уметноста? И кој во суштина е најголемата жртва? Ќе се обидам да објаснам. Оти, нели, уметникот треба да општи со заедницата? Да почнеме од почеток. Што е тоа култура? Ајде да ја дефинираме таа фамозна дејност како поим. Повикав на помош вештачка интелигенција. Нели 2026 година сме? „Култура е начинот на кој една група луѓе живеат, размислуваат, разбираат, доживуваат и изразуваат сопствени верувања, вредности, обичаи, јазик, уметности, норми и навики, создавани пред оние што сега ги консумираат во форма на повторувања или традиција“. Од ова, може да изведеме заклучок дека културата ги дефинира заедницата и поединецот како определени својства со своја посебна форма и посебна суштина. Кај е тука уметноста? Во низата на другите вредности. Како една од нив. Дали уметноста е култура? Не. Затоа што во битот на уметноста, а со тоа и на уметниците е да бидат „некултурни“! Знам дека звучи парадоксално, но тоа е така. Некогаш уметниците, и во буквална смисла, со намера излегуваат од формата на општото поимање на културните вредности што постојат до тој момент. Тоа е еден од начините да се еманира уметноста како вредност. Графитот е основната форма на некултурна уметност. Некои уметници излегуваат и од суштината со која таа заедницата ја консумира културата, со цел да ѝ се спротивстават, да ја испровоцираат, па дури и да ја навредат – за таа заедница да почне да го консумира она што тој уметник или тие уметници го создаваат како сопствено, различно од другите поимање на нештата.
Дали тоа значи дека уметноста и културата се спротивставени, а со тоа и различни работи? Дали уметноста и културата се во антагонизам? За мене, несомнено, да. Тоа се две и до крајни граници спротивставени поими. Да се обидеме да го дефинираме поимот уметност. Одиме пак кај неприродниот ум. Еве како ВИ го дефинира поимот уметност. „Уметноста е чин на креативно искажување на идеи, емоции и искуства преку вешто користење форми, материјали или изведба заради комуникација, која провоцира чувства, размислувања, односи и, на крајот – дејствување“! Да, крајната цел на уметноста е да предизвика дејствие или акција. Целта на уметноста е да предизвика личен или заеднички порив на дејствување за или против определени лични или заеднички културни потреби. А онаа сосема гранична намера на уметникот и уметноста е да предизвика и да создаде општествени промени. Граничната цел на уметноста е да го промени начинот на разбирање и консумација на културата. Граничната цел на уметноста е да ја реобликува културата и како таква да ја претвори во нова практика и нова норма. И сѐ така во круг. Од антиката, па сѐ до денес. Од Еврипид, па до Бертолд Брехт. Да не се лажеме, секој што себеси се доживува, разбира и се покажува како уметник, „има цел да го промени светот“, односно да ја промени културата како одраз на општествените норми практикувани до тој момент. Мора да се соочиме со реалноста и да разбереме дека нештата се до толку помешани, па на државно ниво – што е највисока форма на организирање на една заедница, не се поддржуваат уметност и уметници, туку култура и таканаречени „културњаци“. И, да, како што сѐ уште се нарекуваат уметниците – „културни работници“! И по сѐ прашуваме зошто имаме нација што е инертна, незаинтересирана, конформистичка и опортуна кон секој облик на промени? Затоа што наместо уметниците да ги создаваат вредностите што заедницата во форма на култура ќе ги консумира и ќе ја менува таа заедница, ние поддржуваме заедница што ќе создава уметност и уметници за да ги задоволи нејзините консумативни потреби! Ова е форма на тоталитаризам и во Македонија е оставина од социјализмот. Македонија сѐ уште е културна заедница што произведува културни работници! Не дека уметноста не е аргатска работа. Тоа е вистина и не е срамота. Уметник е човек со пликови, извалкани раце и нечисто и збрчкано лице. Буквално. Но проблемот е во тоа што во нашиот случај не станува збор за „работници“ што создаваат лични дела како еманација на нивниот посебен дух или емоционална состојба, туку работници што ги задоволуваат културните потреби на нарачателите.

Во Македонија владее паничен страв кај уметниците да бидат уметници. Уметниците во оваа земја се плашат да бидат творци на нешто што е ново, поинакво и спротивставено на културните потреби на заедницата со цел промена на таа заедница. Дури и пострашно е. Македонија создаде култура и културна заедница што создаваат уметници што имаат крајна цел да се допаднат некаде и некому во странство, задоволувајќи ги културните потреби на таа заедница таму – во странство, за потоа, од таму да бидат валоризирани во Македонија како уметничка вредност и така да станат консумативна потреба на културата во сопствената заедница. Значи, ние немаме ниту сопствен критериум за тоа каква уметност и каква култура ни е потребна нам! Тој критериум го определува некој друг, во согласност со неговите перцепции за тоа што нас нѐ емананира како субјекти и вредности дефинирани во поимот култура.
Ние се менуваме како општество, затоа што општеството нѐ менува нас – а не ние него!
Во Македонија да се биде уметник значи да се биде зависен од потребата да си адекватен на потребите! Погрешните сфаќања и погрешните разбирања на поимите создадоа состојба на културна консумација на вредности што таа културна заедница ги перципира како уметничка вредност. Во земја во апсолутна културна стагнација, која ги поттикнува сите други форми на руинирање на општеството, во која не постои јасна, недвосмислена и конкретна институција за поддршка на уметноста и уметниците, невозможни се какви било општествени промени! Запомнете, промените секогаш доаѓаат од личниот или од поривот на мала група луѓе, прво за нивна лична, а потоа и за општа промена на културата на таа заедница, преку промени што веќе ги дефиниравме погоре: „размислувањата, разбирањата, доживувањата и изразувањата на СОПСТВЕНИТЕ верувања, вредности, обичаи, јазик, уметности, норми и навики“. Точка по прашањето! Во Македонија во последните триесет години, а од ковидот наваму интензивно, културата станува општата консумација на сѐ друго што е предмет на култура, освен на уметност и уметници. Заборавивме ли? Една поранешна министерка за култура јавно побара од уметниците да ја забавуваат нацијата. И така, уметноста се стекна со уште една форма – циркуска!

Определивме во дефиницијата за поимот култура дека уметноста е само еден од субјектите на суштината на поимот култура. Но без одделување и без конкретно и категорично разграничување на поимите култура и уметност и без јасна стратегија на Министерството за култура за примарна поддршка на уметноста и уметниците – а не на културата, промените што сите ги бараме ќе бидат невозможни!
Драги мои, ако вие очекувате една подведувачка, подлизурковска, конформистичка група државни уметници организирани во државни институции да создаваат дела што ќе иницираат промени, тогаш попусто си го губите вашето и времето на заедницата за која наводно работите и сте многу загрижени. Што е вистината? Видете ги буџетите на театрите, на Операта и балетот, на Филхармонијата, на Агенција за филм и ќе видите дека ниту една единствена намера не е насочена кон уметниците, туку кон културата. Уметност што не создава пориви за лично или заедничко дејствување за остварување некаква општествена цел е естрада, шунд, ниска страст и чин на конформизам што води кон тотален културен пад. Кај сме ние тука? И кој е најголемата жртва од ова папазанија одговорете си сами на ова прашање. Прашајте ја и ВИ ако сакате, нема да згрешите.

Јани Бојаџи

Авторот е режисер и професор на универзитетот „Еуропа прима“