Бев во избезумена паника, како жена на работ на нервен слом, жими Алмодовар, ама заклучоците на Европската Унија за Западен Балкан малку ме потсмирија. Но тоа не значи дека нашите мали, едноставни животи не ги демнат страшни опасности, намрштени ветришта што дуваат од источните зли тајги и губернии, сеедно што сме заштитени под моќниот демократски штит на ЕУ. Урсула фон дер Лајен со свои раце го излеа тој штит од благородни метали, европски идеали и западни вредности, како што на времето, нашите прабаби везеле востанички барјаци. Овој штит нè штити од, цитирам: „кибер и други хибридни напади, манипулации и мешање на странски информации“, посебно од напади на руски лопати и чудни оружја во кои злите Руси ставаат чипови од микробранови печки и миксери. Овие злокобни оружја исто така ни беа откриени од пророчката сила на жената што јас од милост и нежност ја нарекувам Урси.
Јас сум од оние што бавно расудуваат и тешко сфаќаат. Толку ми се интелектуалните капацитети, признавам. Едно време бев убеден дека токму таквите „кибер и други хибридни напади, манипулации и мешање на странски информации“, кои тогаш јаваа западни ветришта, Македонија ја направија Нордистан, а мене од Македонец ме сведоа на три коси црти, ама сега ми е јасно дека има огромна разлика меѓу тогашните и сегашните „хибридни напади, манипулации и мешање на странски информации“. Тогаш тие беа западни, добронамерни, со цел да ме излечат од идентитетски заблуди, а сега се источни, злонамерни, сакаат во животите да ни подметнат книжевни руски заплети. Затоа, не смееме да бидеме опуштени, Русите се итри, лицемерни и погани. Среќа што под демократскиот штит над Урси, будно бдее стражата на СДСМ. Токму тие, полека ни го разоткриваат страшниот руски план преку кој внатрешни непријатели скриени во московски тројански коњ, сакаат да го разорат и девастираат европскиот Нордистан.
А еве го и тој план. Сфаќајќи дека се демаскирани, а богами и дека не можат толку лесно да продрат низ моќниот демократски штит, Русија преку небањати вмрони започна да ја спроведува својата гнасна стратегија. За почеток активираа белоруско сценарио. Потоа, ова белоруско сценарио го вметнаа во српски филм. На тој начин испродуцираа белоруски српски свет. Во него главна улога има диктаторот Вучиќ. Тој е крвопија, има вампирски моќи. Злите руски алхемичари извадија дел од тие моќи и му ги подметнаа на главниот вмровец во пијачката.
Така Мицкоски се повампири, односно се „повучиќи“. И тој веднаш почна со обидите однатре да го разјаде демократскиот штит и тој да ни се сруши врз главите.
На овој начин, преку подметнатиот Вучиќ во Мицкоски, планирани се серија застрашувачки настани. Наскоро во Србија студентите ќе го срушат диктаторот и ќе дојдат на власт. Паралелно, планот е Мицкоски со Вучиќ во крвта и во мислите, да го сруши демократскиот штит. Така, диктаторот Вучиќ, како кибер-дрога имплементиран во Мицкоски, ќе завладее со Нордистан и ќе го ребрендира во Белосрбија. А Белосрбија, исто како Белорусија, логично е да стане нов балкански сојузник на Русија, па монстуозниот Кремљ повторно ќе има отворен пат да ја нападне и уништи ЕУ, исто како што во Втората светска војна ги искасапи цивилизираните администратори на националсоцијалистичка Германија распространети низ цела Европа.
Но тука не завршува грозоморниот план. Како сите други вампири, така и повампирениот Вучиќ во Мицкоски, огладнува. И сега, Вучиќ сака да пие крв, ама Мицкоски знае дека ќе биде крајно глупо и очигледно да се хранат со нордистанци. Прво ќе стане јасно дека исчезнуваат луѓе, а второ, наместо буквално да им ја пијат крвта, може фигуративно да ги цицаат, односно, преку корупција да им ги лапнат парите. Значи најдобро е да се хранат со крвта на луѓе што никој не ги бара, а тоа се мигрантите.
Сите ние добро знаеме, бидејќи сме ги гледале документарците, „Од Русија со љубов“, „Само за твоите очи“ и „Шпионот кој ме сакаше“, дека Русите, уште во советски времиња, имаат имплементирано свои луѓе во тајните служби на британската империја. Преку овие руски „спијачи“, Мицкоски, со Вучиќ во своето ДНК, ќе увезе британски мигранти од Сомалија до Авганистан, а бидејќи вампирите се настрани перверти, ќе ги бара исклучиво оние непосакувани азиланти што се заразени со тешки вируси, но и силувачи. Ем вампирите обожуваат заразена крв, ем овие пред да бидат изедени, малку ќе силуваат низ Белосрбија, па силуваните нордистанци ќе фатат да бегаат од татковината така што и тие ќе станат мигранти што никој не ги бара, значи легитимна храна. Ем Мицко Вучиќ ќе се храни со нордистанци на кои претходно им ги украл парите, ем во Белосрбија ќе влезат бивши воини на Ал каеда, Хезболах и други терористички организации, кои ќе станат Белосрби, односно руска војска против Унијата.
Знам дека ова звучи беспрекорно логично и секој што се сомнева во мојата анализа би требало да поразговара со психијатар. Дадов сè од себе да ви објаснам што значат монструозни „кибер и други хибридни напади, манипулации и мешање на странски информации“, кои Брисел ги стави во своите заклучоци. Среќа, за секој повампирен вмровски „вучиќ“, постои сдсмовски „мане… мачков“, ама па и ние не треба да седиме со скрстени раце, туку мора веднаш да ги ставиме дланките во молитва, да принесеме уставни жртви на бриселските богови и да се молиме ЕУ што побрзо да заврши со сапунската сага околу заробените руски пари и конечно чесно да им ги украде, а потоа, преку добронамерни „кибер и други хибридни напади, манипулации и мешање на странски информации“, да го вратат СДСМ таму кај што припаѓа, на главната палуба, со сидрото в раце, кое ќе го фрлат за да запловиме кон датумот за почеток на преговори што еднаш веќе ни го дадоа, кога од Македонци станавме нордистанци.
Знам дека ВМРО-ДПМНЕ, инаку посветени ЕУ-зависници, сепак можат да се справат со мене како автор што шири руски манипулации, активирајќи ги „рестриктивните мерки на ЕУ и борбата против нивно избегнување“, односно, најдемократски, според ЕУ-стандарди да ме забранат, со што, ем ќе ме елиминираат како вампирска опасност за здравата крв на Европејците, ем ќе ѝ помогнат на опозицијата, на која одамна некој ѝ подметнал во пијачката политичко лудило.

































