Како ќе изедеш слон?

Стара шега е: Како може да изедеш слон? Парче по парче. Е па, така, нашиот Клинички центар, а со тоа и медицината ги јадат парче по парче. Конкретно, според повеќе информации, паркингот на центарот ѝ се продава на некојаси фирма од Албанија „Ѓока контракшн“, Фирма со мрачни и сомнителни зделки во самата Албанија, вклучувајќи и обвинета за некој тунел што се урнал.
Веднаш ќе речете „е па, ти се сомневаш оти е од Албанија“. Глупости! Простаклаци! Ете, се сомневам бе, се сомневам, се сомневам – оти многу работи се мафијашки кај нас, а медицината ептен. Е па, што ти е гајле и ако е така? Гајле ми е, гајле му е и на целиот ваш народ. Сум работел над четириесет години во Клиничкиот центар и таа установа ми е поважна од животот. Исто така им е и на илјадници што работеле таму. Јас сум веќе стар и болен човек, на зајдисонце, и за мене лично не е влијателно дали Клиничкиот центар и медицината во Македонија ќе се распаднат, но белки некому му е важно во државата.
Пред петнаесетина години група со тогашниот декан пресметавме дека вредноста на паркингот е еден милион евра (заработувачка), а сите продавници, кафеани и додатоци во самиот центар се со вредност од пет милиони. Од каде сега десет милиони, само за паркингот? Целта е некој да профитира или да се помага (хронично) мафијата. Дрпачењето е наша стара болест, ама организиран криминал? Почело је, почело….

Како не ви е жал што им го распродавате Клиничкиот центар на пробисвети? Деца ќе умираат, старци ќе умираат, можеби и вие ќе бидете жртва. Како не ви е жал за бебињата што ќе умрат? Како не ви е жал, барем жал ако не срам, што дечиња ќе умрат? Како не ви е жал за вашите родители што ќе умрат? Како не ви е жал ваши блиски да умрат од тривијални болести? Како не ви е гнас да соучествувате со криминалци и мафиози? Гниди мафијашки. Знам дека не би сакале да ве дофати старата народска клетва: Да даде Господ вас да ви се случи тоа што им го правите на пациентите и на народот! Ете, профитот ве интересира, а можеби и некои погнасни мотиви.
Уште не ги решивме проблемите со Онкологија, набавка на неопходни лекови, дефицит од кадри, хиги­енско-фекални проблеми (канализацијата што се истура врз Клиничкиот центар од ѕидот на јужната страна), интрахоспитални инфекции… па, на мафијашки фирми ќе им продаваме имот. Ќе речете „па, тоа е само паркинг“. Да, ама тоа е имот, многу важен дел од Клиничкиот центар, а утре ќе го шитнете и самиот центар. Не толку одамна и таков предлог стоеше на маса!
Ај што некои вклучени во овој дил немаат морал, им се може и не им е гајле – каде се надлежните служби? Зошто полицијата, инспекторатите или правосудството не интервенираат? Каде се министерствата? Се плашат? И тие ли се заинтересирани? Соучесници? Незаинтересирани? Срам да ви е на сите!
Предлагам, ако воопшто мислењето на еден стар пензиониран професор ја интересира државата – паркингот да биде национализиран и да биде сопственост на државата, односно на Клиничкиот центар. Многу ми е жал што пишувам текстови со ваков тон. Но имам и право и морална обврска да побарам и да повикам веднаш да биде прекинат овој криминален тендер и сите идни такви. Драги читатели, не сакам да бидам некаква бабарога или некој бош писател, но ситуацијата притиска, тишти. Ни пропаѓа државата од вакви дилови.
Пост скриптум: Работите околу фамозниот паркинг брзо се менуваат. Значи министерот го укинува тендерот. Јас ја кажав својата идеја – верувам само и само во државна (некорумпирана) сопственост. Волкот и којотот облекоа овча кожа. „Бееее… јас те сакам, Црвенкапо… дај ми клиника“. Значи одиме на алтернативна приватизација, ама наместо волкот, нека биде овцата (овчо-волчјо партнерство), па потоа волкот ќе си лапне (дежа ви), па од паркингот потоа некоја клиника, па друга… Ве поздравува бабата.

професор д-р Самуел Садикарио Колономос