Како и да заврши оваа војна, едно е сигурно: светот е ангажиран како никогаш досега во наоѓање конечно решение за овој речиси вековен спор
Властите на Шпанија, Ирска и Норвешка на 28 мај објавија дека официјално ја признаваат државата Палестина. Исто така, на 5 јуни Словенија, земја членка на Европската Унија, и покрај сите протести на израелската влада, објави дека ја признава Палестина како независна држава. Во изминатите месеци одлуки во таа насока донесоа и владите на Барбадос, Јамајка, Тринидад и Тобаго и Бахамите. Така, бројот на земји во светот што ја признаваат Палестина како држава се зголеми на 147.
Во моментов речиси сите азиски, африкански и латиноамерикански земји и приближно половина од земјите од Источна и Централна Европа ја признаваат Палестина. Со последните одлуки на Шпанија, Ирска и Норвешка, за првпат во оваа заедница беа вклучени и некои западноевропски земји.
Шпанскиот премиер Педро Санчез, кој беше главниот протагонист во процесот на признавањето на независноста од страна на Шпанија, нагласи дека ја признаваат независноста на единствената и обединета палестинска држава, чиј главен град е Источен Ерусалим и ги опфаќа Појасот Газа и Западниот Брег, и дека нема да прифатат никакви промени во границите од 1967 година освен ако не се договорат сите страни.
Границите од 1967 година како единствена можност за решение
Како што е познато, државата Палестина, која ги покрива границите пред војната во 1967 година, беше прогласена во Алжир од Јасер Арафат на 15 ноември 1988 година. Истиот ден ја признаа 13 земји, а до крајот на 1988 година бројката надмина 80 земји.
Во некои аспекти процесот на кој сме сведоци денес има паралела со она што се случи во 1988 година, за време на формирањето на палестинската држава. Најпрво, зашто Арафат во тоа време го објави прогласувањето независност во егзил, беше избувнувањето на Првата интифада во последните денови од 1987 година.
Прогласувањето независна палестинска држава донесе ограничени резултати на терен. Но, и покрај тоа, објавувањето на независноста на палестинската држава силно влијаеше на нејзината меѓународна проблематизација. Конференцијата во Мадрид одржана во 1991 година и Договорот од Осло од 1993 година беа директни резултати на чинот на прогласувањето на независноста.
Бруталниот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври се случи во време кога палестинското прашање беше речиси целосно заборавено, кога многу арапски држави се подготвуваа да склучат договори за нормализација со Израел и кога нападите на доселениците на Западниот Брег сѐ повеќе се зголемуваа.
По сѐ изгледа нападите на Хамас на 7 октомври 2023 година беа добро осмислени и со јасна политичка цел. Некои аналитичари веруваат дека Хамас со нападот од 7 октомври сакаше да го привлече вниманието на светот во однос на палестинското прашање.
Од денешна перспектива се чини дека Хамас (Исламско движење на отпорот – прогласено како терористичка организација од страна на САД, ЕУ итн.) постигна некои од своите цели. Така, нападите и воените интервенции на израелската држава против цивилното население во Газа ја ангажираа меѓународната заедница да најде „стабилна формула“ за решавање на палестинското прашање.
Овие напади, кои многумина (со право) ги толкуваа како терористички, го принудуваат светот да најде формула што ќе им овозможи на Палестинците да живеат безбедно во нивната земја.
Патот до апсолутно суверена палестинска држава
Заедничката точка на многу коментатори од раните денови на операцијата „Бура Ал-акса“ беше дека нема да се врати старата состојба на статус кво. Меѓу можностите за кои се разговараше по овој напад беа почеток на регионална војна, целосна окупација на Газа и депортација на повеќе од два милиона жители или, обратно, почеток на процес што ќе доведе до уништување на Израел.
Додека сите три од овие сценарија сè уште постојат како реални можности, исто така треба да се забележи дека за сите тие има мали можности. Најсилна и најреална можност е формулата што би спречила повторување на слични војни и која би била спроведена со меѓународен консензус и создавање палестинска држава на границите од 1967 година, која би била прифатена на глобално ниво.
Се разбира, тука мора да се земат предвид волјата и преференциите на Палестинците. Додека Фатах (палестинската организација на отпорот основана во 1959 година под водство на Јасер Арафат) со децении се залагаше за решение со две држави, некои палестински политички движења (Народен фронт за ослободување на Палестина, Палестинската организација исламски џихад) сè уште го отфрлаат овој модел со образложение дека тоа е отстапување од историската цел за деколонизација на целата територија на Палестина. Ставот на Хамас по ова прашање не е доволно јасен.
Новиот документ за политиките на движењето, формулиран во 2017 година, од една страна ја нагласува целта за ослободување на целата земја наречена Палестина до 1948 година, а од друга страна нагласува дека тие се отворени да разговараат за една палестинска држава во рамките на границите од 1967 година. Оваа ситуација, која се чини дека е одраз на разликите во мислењата во рамките на движењето, може да се протолкува како отскочна штица кон остварување на историските цели.
Клучното прашање што треба да се постави во овој момент е што точно ќе добијат, а што нема да добијат Палестинците. Сигурно е дека ниту еден Палестинец нема да прифати откажување од кој било регион што меѓународната заедница го смета за палестинска територија, особено од Источен Ерусалим. Исто така, за Палестинците во никој случај не е прифатливо израелските населби на Западниот Брег да не бидат евакуирани.
Исто така, за Палестинците неопходен услов е создавањето палестинска армија. Ако тие не ги добијат сите овие барања, сите други модели за воспоставување мир не би се квалификувале како „решение“. Затоа што, исто како и процесот во Осло од 1993 година, тоа ќе значи откажување од многу работи во замена за мир. Со други зборови, она што е исто толку важно како и прифаќањето на палестинската држава е оваа држава да има целосни и апсолутни суверени права.
Вистина е дека од страна на САД беше употребено вето против нацрт-резолуцијата што беше донесена во Советот за безбедност на Обединетите нации (СББС) на 18 април, за да му препорачаат на Генералното собрание да ја признае државата Палестина.
Но, од друга страна, од редот на другите постојани членки на Советот за безбедност, Англија беше воздржана, а Франција, Русија и Кина гласаа за одобрување на резолуцијата. Ова гласење за резолуцијата претставува важен чекор кон тоа Палестина да стане суверена држава според моделот на „две држави“. Во таа насока беше и гласањето на 10 мај, кога Генералното собрание на Обединетите нации со 143 гласа ја усвои резолуцијата дека Советот за безбедност на ОН треба да го преиспита и поддржи полноправното членство на Палестина во Обединетите нации.
Оваа резолуција несомнено го подобри статусот на Палестина. Одлуката за признавање на Шпанија, Ирска и Норвешка беше уште една пресвртница. Сепак, дали овие иницијативи ќе бидат успешни или не и каква ќе биде содржината на можната палестинска држава ќе се утврди на крајот од процесот што ќе се протега во наредните години.
Ситуацијата во Газа уште еднаш во центарот на дебатата го донесе решението според моделот „две држави“. Денес меѓународната заедница е во потрага по сериозно и трајно решение за палестинското прашање, а главните меѓународни актери, САД, ЕУ, Кина и други центри на моќ, сѐ повеќе го поддржуваат овој модел за решение како една од најприфатливите опции за двете страни.
Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел на состанокот на министрите за надворешни работи на Г20, одржан во Бразил на 22 февруари 2022 година, изјави дека постои силна поддршка за решение на палестинското прашање според моделот на две држави. Исто така, американскиот претседател Џо Бајден во ноември 2023 година изјави дека единственото решение за палестинското прашање е моделот на две држави.
Дали ќе има конечно решение за палестинското прашање е многу тешко да се предвиди во моментов. Постојат безброј фактори што влијаат на ова прашање. ЕУ најверојатно ќе ја брани својата позиција во однос на овој проблем и нема да има промена во овој поглед дури и по изборите на Европскиот парламент. Изборите во САД, како и за остатокот од светот, така и за ова прашање, ќе бидат исклучително важни.
Како и да заврши оваа војна, едно е сигурно: светот е ангажиран како никогаш досега во наоѓање конечно решение за овој речиси вековен спор, што влева надеж дека еден ден ова прашање еднаш засекогаш ќе биде затворено.
Мурат Алиу
(Рес публика)