Можеме слободно да кажеме дека Балканот според постигнатите резултати во 2024 година претставува европско туристичко жариште, сѐ попосакувана дестинација за патување на европските туристи и егзотична дестинација за азиските и јужноамериканските туристи. Можеме да наброиме голем број причини зошто во 2024 година Македонија е на последното место во регионот, но наместо тоа, потребен е поголем фокус на тоа како да го искористиме позитивниот туристички бран што го зафаќа регионот и брзо да фатиме приклучок кон регионалните земји во туристичката индустрија. Впрочем, 2028 година како цел за милијарда од туризмот е остварлива визија
Во 2024 година, Балканот според постигнатите резултати стана европски туристички епицентар
Уште една година е зад нас во македонскиот туристички сектор, кој, според статистиките и одредени експерти, блескаше, додека за други во туристичката индустрија станува збор за очекувани резултати и движења доколку се погледне сето она што е направено во изминатата 2024 година. Не навлегувајќи ниту во едно тврдење за годината што измина во македонскиот туризам, повеќе ќе се фокусираме на тоа што можеме да направиме и како да бидеме дел од резултатите што се постигнуваат во туристичката индустрија на регионалните земји. Можеме слободно да кажеме дека Балканот според постигнатите резултати во 2024 година претставува европско туристичко жариште, сѐ попосакувана дестинација за патување на европските туристи и егзотична дестинација за азиските и јужноамериканските туристи. Балканските земји како Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора со постигнати извонредни туристички резултати и двоцифрен раст ќе одиграат многу поважна улога во регионот за подобро позиционирање во глобалниот туризам за 2025 година.
Како се случи по завршувањето на пандемијата овие балкански земји да блеснат во туризмот и да бидат во топ 10 дестинации во светот што ги надминаа резултатите од 2019 година во 2023 по растот на туристите или остварените ноќевања и уште поголем скок во 2024 година?
АЛБАНИЈА РЕГИОНАЛЕН ШАМПИОН – ШТО МОЖЕМЕ ДА НАУЧИМЕ
Република Албанија според статистичкиот Барометар на Светската туристичка организација (УНВТО) во периодот јануари – јули 2024 година е прва во Европа според посетите на странските туристи и втора во светот по Катар, со раст на туристичкиот промет за 128 отсто споредбено со претпандемиската 2019 година. За некого одекна како чудо, сепак за туристичките експерти претставува очекуван резултат од напорите на албанската влада во изминатите неколку години да го развие туристичкиот сектор.
Државната политика за патување во Република Албанија без визи како туристи на повеќе од 90 земји ја зголеми нејзината атрактивност и достапност во текот на поголемиот дел на годината.
Инвестициите во инфраструктурата во комбинација со флексибилната визна политика ѝ овозможија на Албанија огромно зголемување на директни летови во 2024 година од аеродромот во Тирана, кој во сезоната надминуваше 160 лета на ден.
Зголемувањето на крајбрежните и историските туристички атракции балансирани со природните убавини за кои клучни се покажаа Берат, Ѓирокастро и руралните делови го продолжуваат престојот на туристите и го зголемуваат просечниот престој во дестинацијата.
Република Црна Гора сѐ повеќе се позиционира со своите резултати во 2024 година како медитерански туристички лидер. Брзото враќање на патеките од 2019 година ги покажа капацитетот на туристичкиот сектор и важноста на оваа туристичка гранка во црногорската економија, која зазема околу 24 отсто од бруто-домашниот производ.
Инвестиции во луксузен туризам, односно луксузни сместувачки капацитети и пристаништа со привлекување на светскиот џет-сет, за кого високите цени претставуваат само предизвик; природни убавини како Которскиот Залив, националните паркови и голем број познати места за екотуризам и авантуристички форми на туристичка понуда; флексибилност во визната политика на црногорската влада за време на летната сезона максимално насочена кон потребите на туристичката индустрија; добра позиција во пристапните преговори со Европската Унија и глобалната туристичка промоција овозможуваат градење позитивен бренд за патувања и инвестиции во туризмот.
Босна и Херцеговина сѐ повеќе се наметнува на европската туристичка мапа со раст на странските туристи за 14 отсто и остварените ноќевања за 12 отсто за првите десет месеци од 2024 година и се очекува годината да се надминат четири милиони ноќевања и удел во бруто-домашниот производ од 10 отсто на туризмот, што е силна порака за 2025 година. Сѐ повеќе експерти на ова поле сметаат дека БиХ во следните пет години ќе претставува најбрзорастечка туристичка дестинација, која ќе привлече различни профили на туристи поради можноста за понуда од голема палета на разновидни туристички форми.
Историското и културно наследство во фузија со мултикултурализмот Требиње, стариот мост во Мостар, Башчаршија и голем број други локации од овој тип се магнет за туристите; авантуристичките форми на туризам воведени во националните паркови Уна и Сутјеска, Јахорина и др.; голем број рурални предели со недопрена природа нудат пешачење, рафтинг, слободно качување, кајакинг, планински велосипедизам, набљудување птици, фотосафари што се основата за развој на најпопуларната форма екотуризмот; создадениот модел за субвенционирање на странски и домашни туроператори се очекува да ги зајакне домашните туроператори и да стимулира зголемен интерес и раст на странските туристи во наредните пет години; зголемениот број авионски линии и добрата визна политика насочена кон развој на туризмот и инвестициите во БиХ.
Република Србија ги надмина резултатите од претпандемиската 2019 година во 2023 година, во која беше позиционирана на второ место во светот според барометарот на Светската туристичка организација за раст на ноќевања. Девизниот прилив на српскиот туризам за 2024 година е повеќе од 2,5 милијарди евра, додека растот на туристите достигнува 11 отсто пораст компарирани со претходната рекордна 2023 година.
Силната државна политика за развој на домашниот туризам со насочени стимулации за престој во домашните сместувачки капацитети на српските граѓани од различни категории; инвестиции во инфраструктурата и одлична авиоповрзаност со голем број европски, азиски и американски дестинации користејќи ја предноста на националниот авионски превозник; одлично позиционирање на главниот град Белград како дестинација што привлекува голем број туристи на кратки неколкудневни престои (city break); флексибилна визна политика кон голем број земји и олеснувања при патувања како туристи во Србија; глобални промотивни туристички кампањи за туристичките потенцијали преку Националната туристичка организација (ТОС).
МАКЕДОНИЈА ЧЕКА МИКС ДОБРИ МЕРКИ ЗА ДА ЗЕМЕ ЗАЛЕТ
Веќе е реалност дека Македонија скромно ќе ги надмине резултатите од 2019 година дури во 2024 година со девизен прилив што ќе биде минимално подобар или ист со 2023 година, што нѐ сместува на последното место во туристичката индустрија на балканските земји. Можеме да наброиме голем број причини во 2024 година или пропуштени можности за подобар резултат, но потребен е поголем фокус за тоа како да го искористиме позитивниот туристички бран што го зафаќа регионот и брзо да фатиме приклучок кон регионалните земји во туристичката индустрија. Очигледно е дека туристичката дестинација ни е во опаѓање и единствено со интегриран пристап од сите чинители во туризмот, започнувајќи со владините политики, министерството и институциите, кои се задолжени за имплементирање на мерките, заедно со локалната самоуправа, ќе почнат да градат одржливост во дестинациите. Целта од една милијарда девизен прилив од туризмот во македонската економија е реална визија до 2028 година, но потребни се имплементирање на веќе докажани практики од регионот што имаат комплементарни дестинации како нашата.
Во изминатите години имавме неколку обиди за стимулирање на домашниот туризам, кои мораме да признаеме не донесоа никаков резултат од страна на Министерството за економија, туку создадоа дополнителна конфузија и дискриминација од одредени групи вработени. Потребен е микс на мерки што ќе ги опфатат домашните туристи и ќе ги стимулираат странските да нѐ посетат и да го зголемат својот престој во Македонија.
За 2025 година да се издадат ваучери за туризам во замена на К-15, кои ќе можат да се користат во сите категоризирани објекти во Македонија во ниската сезона и директно да се намали сезоналноста, да се зголеми просечната пополнетост на хотелите, да се зголеми рентабилноста, да се задржат поголем број работни места и др.
Продолжување на инфраструктурниот циклус и модернизација на македонските аеродроми со зголемен број линии кон повеќе светски дестинации се значајни за дојдовен туризам; воведување сет мерки и институции за намалување на сивата зона во македонскиот туристички сектор, која во моментот е 45 отсто, или годишно се губат повеќе од 200 милиони долари надвор од македонскиот даночен систем; визна политика што ќе ги следи потребите на туристичкиот сектор како во регионалните земји што се членки на НАТО и пристапни преговори со ЕУ; нов модел на субвенционирање што ќе овозможи зајакнување на домашните туроператори, кои ќе станат носители на аранжманите, а не локален сервис во дестинацијата; државни инвестиции и проекти што директно ќе влијаат во зголемување на туристичките производи и атракции на дестинацијата; адаптација и приспособување на големиот број археолошки наоѓалишта и културно-историски споменици за потребите на туристичкиот сектор како дополнителни туристички производи.
Голем предизвик и за научната и за стручната фела во туризмот
Погоренаведените мерки се очекува да овозможат силен поттик на македонскиот туристички сектор, кој треба да ја дочека 2028 година подготвен за манифестацијата каде што нашиот главен град Скопје ќе биде „Европски град на културата“, претставувајќи дополнителна можност за достигнување на зацртаните цели со повеќе од 4,5 милиони ноќевања и една милијарда туристички промет. Сепак да не се залажуваме дека некој друг ќе ни ја заврши работата или сѐ уште ќе трошиме енергија на секакви изговори без да се фатиме со предизвиците што се пред нас. Достоен предизвик за целата стручна и научна фела во македонскиот туристички сектор да учествува во позитивните промени, кои ќе овозможат зајакнување на македонската економија на долг рок.