Како да се анулира преговарачката рамка?

Нека ѝ е со среќа на новата влада. Не треба да им се завидува. Огромни се проблемите и предизвиците со кои се соочуваат уште од првиот ден. Добар дел изгледаат и непремостливо. Во принцип, за сѐ има решение, иако за тоа ќе бидат потребни исклучителна храброст и бескомпромисност

Прво и основно што мора да знаеме, и да немаме никакви дилеми, е дека со сегашната преговарачка рамка, подметната од Софија, Македонија никогаш нема да влезе во Унијата. Согласност за рамката имаат дадено „нашите“ предавници, иако таа не е формално прифатена. Рамката е намерно така срочена, за да биде Софија клучна во понатамошното попречување на патот на Македонија кон ЕУ.
Преговарачката рамка е катастрофална. Таа речиси целосно се базира на вториот протокол со Бугарија, потпишан од претходниот министер за надворешни работи Бујар Османи. Нема да цитираме детали од нив, меѓутоа, кристално е јасно дека напредокот на Македонија кон Брисел ќе се мери единствено според резултатите на историската комисија. Нема ли да има наши отстапки за Гоце Делчев, и за сѐ друго – секогаш ќе следува бугарско вето. И така постојано и до бескрај. Софија не брза, а дека не сака Македонци во ЕУ, сите знаеме. И не само таа. Тоа веќе не е никаква тајна.
Свесни за цајтнотот во кој нѐ доведоа некои од нашите „драги западни пријатели“, ни ги дупнаа ушите со пораки и уцени дека мораме да ги почитуваме и спроведуваме договорите за (не)пријателство со Бугарија и од Нивици и дека рамката е непроменлива. Така е – за да се разнебитат Македонците и да се затвори вековното „Македонско прашање“, што е нивна главна цел, по распадот на СФРЈ.
Меѓутоа, тие не можат да го спомнуваат и да нѐ уценуваат со овој протокол, бидејќи би биле смешни. Тој е записник од средба на делегации на Македонија и Бугарија, со кој сме се согласиле да – капитулираме! Апсурдно и бесмислено е слепото повикување на некаков записник! Минорен документ! Надвор е од умот, пак, таков документ да биде и дел од преговарачка рамка. Тој не е ратификуван никаде и затоа никој од нашите „пријатели“ не труби дека мора да го почитуваме. Значи, имаме чист простор да се повлечеме од протоколот и ситуацијата да ја промениме во наша корист.
Потребен е само еден чекор – ДА СЕ ОТКАЖЕ ВТОРИОТ ПРОТОКОЛ СО БУГАРИЈА! Тука лежи нашата шанса за излез од ќор-сокакот, без претерана директна конфронтација со „меѓународната заедница“ и нејзината уцена за почитување на силеџиски наметнатите, срамни и за нас навредливи договори со соседите. Ако се анулира тоа историско зло за македонскиот народ, автоматски паѓаат во вода безумната преговарачка рамка и апсурдниот ултиматум да се менува Уставот! Тоа е можно, ама и нужно, само ако се има спремност и решителност да се обезбеди опстанокот на македонскиот народ. Во спротивно…
До кога, ќе видиме, ама, барем засега, ќе ги послушаме и ќе ги спроведуваме договорите! Меѓутоа, ќе тераме и по свое!

Откако ќе паднат во вода преговарачката рамка и ултиматумот за менување на Уставот, нема да има потреба од нови преговори ниту со Брисел, уште помалку со сите членки на ЕУ. Самите ќе треба да подготват нова рамка, која ќе мора да биде коректна и нормална, како и за сите други членки и кандидати. Не смееме да дозволиме кој било да ја меша нашата историја со членството во Унијата, ниту да се бара бесмислена промена на нашиот устав.
Промената на Уставот, пак, воопшто не е предвидена во договорот за (не)пријателство. Таа е измислица на националшовинистот Румен Радев, откако му пропадна заблудата дека ние веднаш ќе прифатиме дека до 1944-та сме биле Бугарчиња. Веројатно тоа и не е само негова недоделканост, бидејќи „нашите“ забегани политичари тоа и го прифатиле со овој протокол. И јавно, нели, Заев зборуваше дека сме с’шти народ! Како велат старите – една будалетинка што може да растури, сто нормални не можат да средат.
Ова е единствениот и најбезболен излез од нашите сегашни парадокси. Некои од нашите западни „пријатели“ сето тоа ќе го дочекаат на нож, бидејќи им се попречуваат намерите и плановите, ама друг излез немаме ако сакаме да успееме. А, за Македонците прашањето е да се биде или не. Затоа, ние сме на потег.
Секоја претензија дека Софија и Атина ќе се опаметат и ќе ни се смилуваат е најобична будалштина. Нивните сегашни политики против Македонија се вековни и трајни.
Настаните што следуваа апсолутно потврдија кому му пречат Македонците и зошто треба да се бугаризираат. Сегашниот симбол на тие безумни политики е внесувањето на Бугарите во Уставот, што мораме со сите сили да го спречиме.
Кај нас доволно не се разбира дека сите блокади, уцени и ултиматуми против фундаменталните интереси на македонскиот народ, започнати веднаш по самостојноста на државата – се од дипломатски карактер. Подли се подметнувањата дека проблемот е во историјата. Таа е само алатка што се злоупотребува, за погрешно да се насочат нашата одбрана и политики и да се поткопа нашата позиција. Сите решенија за проблемите со кои сме соочени, сега главно околу ЕУ и преговарачката рамка, мора да се бараат единствено преку дипломатската пракса и методи.

Никој нема право да очекува да продолжиме со спроведување на сѐ што ни било силеџиски подметнато; што било прифатено од гарнитура што самите странци ја доведоа на власт; да бидеме нечии слуги; да се понижуваме како досега; да исполнуваме туѓи интереси, заборавајќи ги своите… Како суверена држава, по сите меѓународни стандарди, ние сме должни да водиме сопствена политика и да ги браниме нашите универзални права, кои се сериозно загрозени.
Досегашната владејачка гарнитура, со имбецилни, капитулантски и предавнички политики, ја донесе Македонија во тесен ќор-сокак и во темен тунел. Новата власт доби огромно мнозинство, токму за да го промени сето тоа и државата да ја тргне од дното.
Нека ѝ е со среќа на новата влада. Не треба да им се завидува. Огромни се проблемите и предизвиците со кои се соочуваат уште од првиот ден. Добар дел изгледаат и непремостливо. Во принцип, за сѐ има решение, иако за тоа ќе бидат потребни исклучителна храброст и бескомпромисност.
За да ги промениме катастрофалните состојби, особено на надворешен план, ќе бидат потребни радикални промени. Откажувањето на вториот протокол мора да биде првиот чекор, по реализираните бескорисни контакти со Софија.
Приближување до ЕУ мора да биде приоритет, бидејќи е клучно за побрз развој на земјата. Затоа, ќе мора да се сече. Не е можно да не се менуваат и преговарачката рамка и Уставот. Едното ќе мора, а изборот е наш. Само бришењето на вториот протокол го решава случајот. Без тоа, или ќе оди курбан Уставот, а по него и Македонците, или ќе останеме изолирани, без ЕУ-перспективи. Ќе мора или да се поништи причината за ова дереџе или да се прифатат последиците. Трето – нема. Договорите нека дојдат на ред – подоцна.
Неспорен факт е дека, според СИТЕ индикатори, проширување на Унијата нема да има уште многу долго. Многу е веројатна и втора лига. Значи, имаме доволно време да ги решаваме проблемите и со соседите и со меѓународниот фактор и да се ангажираме околу реформите. Време не треба да се губи, тоа е интерес на сите граѓани.
Додека на надворешен план се конфронтираме со интересите на странците, кои не кореспондираат со нашите, дома – сѐ зависи од нас. Доколку сме одлучни, никој не може да ги спречи реформите. Така државата најбрзо ќе напредува.