Записи во несоница
„Македонија е збор што со векови кај многумина,
и Грци и други, буди визии на една моќна
и блескава античка земја“
Анастасија Каракасиду
Ова ти е позната тема, драг читателу, македонската судбина во оваа цивилизација за која веќе во пет книги имаме испишано околу 3.000 страници. И ова е варијација на тема. Насловот на нашата колумна ќе опфаќа неколку продолженија, и тој, како што гледаш, е судбински драматичен и алармантен за нас: Загатката на цивилизацијата како да ги снема Македонците од картата на светот. Тој сам по себе сугерира на сите македонски катастрофи и помории, почнувајќи од времето на поразот на Античките Македонци од Римјаните. Тогаш, и раслојувањето и Римското царство се во неговиот источен дел, кој подоцна Европејците го крстија Византија, чие мистично име стана омилен топос и кај некои европски поети, меѓу нив особено кај Јејтс. Македонците беа казнети и разделени од суровите и одмаздољубиви Римјани. А сето тоа се вклопува во контекстот на македонската судбина исткаена на разбојот на парадоксите по нивната античка слава со Филип и Александар Македонски. Во Византија на почетокот тие се разделени на четири дела, во четири провинции, со забрана на културна, економска и секаква друга комуникација меѓу нив, иако, како што се покажа тоа подоцна, особено со Јустинијан, таа не ќе може да се развива само со Грците, а без нив. Така, и сето тоа, првичната намерна разделеност од Римјаните на Македонците за потиснување на нивниот идентитет, историски и културолошки, е, драг читателу, далечна судбинска префигурација на она што ќе им се случи ним во модерна Европа, која ги наследи суровиот ген и менталитет на римската психа, етноцентрична и колонизаторска, за разлика од космополитската на Македонците, отворена со демократска и братска прегратка кон сите народи од Пела до Хималаите на исток и Египет и Сумер на југ.
За македонската трагедија во врска со модерната европска цивилизација посебно и пошироко ќе зборуваме во овој есеј. Уште само да кажеме дека Византија со многу културно-цивилизациски дарови ја задолжија Македонците. Во овој контекст пак ќе го спомнеме веќе спомнатиот Јустинијан од скопското село Таор, кој ја реформира културолошки Византија, го изгради најубавото архитектонско здание во неа, храмот во Цариград „Аја Софија“, а го реформира како законодавен канон и православното римско право, кое, според неговиот реформатор и кодификатор, би можело да се вика и македонско, но Европа има страв од тоа име и од сите придавски и атрибутски деривати извлечени од него. Плус Јустинијан како темелен реформатор и на христијанството ги укина сите пагански институции на Грците во Атина, кои уште неколку столетија по Христос ги славеа нивните орфејски мистерии и други пагански обреди. А во Библијата апостол Павле, како што знаеме, се жали на тврдокорното грчко (ахајско како што вели тој) срце, кое има отпор кон христијанството, па им советува на Грците да се угледаат на тој план на боголиките Македонци, кои толку многу ги засакал што имал намера со нив да му се пофали и на Господ.
Но, секако со Јустинијан не завршува, не гасне македонската културолошка и космополитска светлина, драг читателу. Неколку столетија по него тука е големата културолошка и космополитска светлина на светите солунски браќа Кирил и Методиј, со нивната визија за правда и божја вистина сите да бидат еднакво греани од Сонцето и Словото на Господ, нешто што им беше забрането од ариевската раса на Латините (како оние сега во Брисел) на Словените, богослужба со Словото господово на нивниот сопствен јазик и културолошки и онтолошки идентитет. И тие успешно ја извршија својата богозрачна мисија, описменувајќи ги Словените и приведувајќи ги пред Господ со нивното автентично Слово, јазик, Дух и Душа, притоа, што е важно, отворајќи им го, барем за кратко, умот кон космополитизмот и на Латините, за што сведочи срдечниот пречек од Ватикан и на Кирил во Рим, каде што потоа со сите почести е и погребан тој. Тука е важно уште што Кирил и Методиј (како што вели мојот Филип) го запреле на границата со Моравија агресивното навлегување на Германците (со кои тогаш биле сојузници Бугарите) во словенскиот свет. Не сум сигурен, драг читателу, дали тој факт го имал во (пот)свеста Хитлер кога го подготвил (а има индиции дека заедно со ЦИА) планот „Барбароса“ за уништување на словенската раса, но со сè што се случува денес, многу повеќе со Македонија отколку со Русија, изгледа дека сето тоа е веројатност и дека западното варварство на колонизаторската ариевска цивилизација продолжува: темпларите, крстоносците, конквистадорите, инквизицијата, фашистите и неофашистите со либерална маска не исчезнале. Ние особено трагично и драматично ги почувствувавме нив во Преспа 2018. А македонската трагедија дури и по тоа сè уште не е завршена. Има уште замислени голготи и распетија. Воскресението од смртта што ни ја смислиле е исклучено од нив, иако клучевите за нас за него ги држат не тие туку Господ и големата катастрофа во која тој ќе ги извлече од неа тие што му биле најблиски во љубовта до него и што најмногу пострадале за него. Ги има. Апостол Павле јасно кажа во „Второто послание до Солуњаните“ дека меѓу нив како најзаслужни се Македонците.
Како и секогаш, и сега долг вовед за да влеземе во самата срцевина на темата, драг читателу, иако, како што гледате, со него и веќе сме во неа. Тоа е, нагласивме, вовед за влез по минатите историски, духовни и онтолошки светлини во новата македонска судбина на трагично постоење и страдање на убавината на македонскиот дух и душа. Вовед во досега врвната точка на македонската Голгота „Преспанскиот договор“ што ни донесе, како подарок од оваа безбожна „цивилизација“, идентитетска смрт со бришење на нашето генеричко име, најстрашната од сите видови смрт што постојат за еден колектив, па и индивидуа како негов член, како што тврдат и антрополозите. Во сето тоа, пак, драг читателу, е одразена суровата ментална слика, која како по генетска линија од Римјаните ја наследија колонизаторските Европејци. А тоа е сликата на римскиот Колосеум во кој Нерон, Калигула и другите за задоволство на римската аристократија ги фрлаа гладијаторите во устата на ѕверовите за да уживаат во таа крвава трагедија на другиот, нешто што е сè уште актуелно како задоволство во западната колонизаторска цивилизација. Сега во сликата на гладијаторите од римскиот Колосеум се и децата во Палестина, а сега и во Иран, Либан и на други места, кои ги пренесуваат преку телевизија западните медиуми за да ја задоволат суетата на моќната цивилизација. А таков беше случајот, драг читателу, и со нашите егејски македонски деца што ги убиваа англиските бомбардери 1948-та со напалм-бомби. И има вистина во тоа што го вели Маркиз де Сад дека има нешто естетско, естетска наслада во садизмот на човекот. Западниот колонизаторски „еднодимензионален човек“ (Маркузе) на анималната цивилизација, кој ја искомпримитира како ариевска и белата раса, најдобро го илустрира тоа со црнците, а сега со она што им го зготви со идентитетската гибел и со Македонците.
Но пред да преминеме во текстов на конкретното западно, европско, а сега и евроамериканско варварство кон Македонците, уште малку вовед пред тоа, а тој му е посветен на македонскиот идеализам како животна формула. Него тој им го подарил лично Господ, можеби и како ненамерна грешка поради која страдаат тие од цивилизацијата, која е лишена од тој талент на онтолошки културолошки идеализам.
Но да одиме конкретно, и не мора по прецизно историски хронолошки редослед, за кој немаме многу смисла како ни Индусите, кои ни се многу блиски по душа. Тука во таа смисла прв е Григор Прличев со неговата естетска, ама и онтолошка за македонското битие максима „Совршенство или смрт“. И тоа е важно. Тој е идеалната индивидуа, која е озарение на македонската колективна душа, нејзин архетип. Тој идеализам во кој како во математичка равенка со златен пресек во центарот се порамнуваат совршенството и смртта, но не како смрт туку како живот што наоѓа одраз и во филозофијата на собратот по јунаштво на Спартак и Че Гевара, најсјајниот македонски револуционер Јане Сандански: „Робот се бори за слобода, а кога ќе се ослободи за совршенство“. Тука нема разлика меѓу Прличев и Сандански, кои се како сијамски близнаци родени од една мајка. Македонија. Нивната мисла за животот како нешто составено од елементите смрт и совршенство несвесно ме потсети на сјајната скулптура на Микеланџело „Побунетиот роб“ истиот миг кога ја видов во париски „Лувр“ како стипендист на француската влада во осумдесеттите години од минатиот век. А по Прличев и Сандански на тема македонскиот идеализам сега сме, драг читателу, кај Климент Охридски, кој во име на божествената, а не Дарвиновата, промисла за еволутивниот внатрешен раст вели дека човекот треба секогаш да се стреми да расте од анималното кон ангелското. И тоа е пак онтолошки и антрополошки пронајдок на македонската душа како архетип на божественото озарение, како што би рекол Штајнер. Оти тоа е, драг читателу, нека ми извинат и Шекспир и Гете и другите западни гении, обратно од историјата и хронологијата на западната антропологија во која по обратна орбита се вртеа стрелките на етичкиот и моралниот пад на западниот колонизаторски човек, кој изгради прекрасни катедрали но го уби Христос, надолу од ангелското кон анималното. Двете светски војни со мотив за лакомост и грабеж на туѓото, Хирошима и Нагасаки, напалм-бомбите врз македонските деца од англиските бомбардери во 1948 година итн. Безбројни се примерите за тој пад на таа цивилизација од ангелско кон анималното. Неа не можеше да ја поправи и исправи ни Дарвин со својата теорија за нагорен каков-таков, макар и мајмунски, раст. А потоа ни сиротиот Емануел Кант со неговата славна етичка максима, како што изгледаат работите упатени, имено, пророчки кон лакомиот за материјални а не духовни и божествени богатства човек. Не успеа кај нив моралната Кантова максима: „Ѕвезденото небо над мене, моралниот закон во мене“.
Тоа е тоа. Може да се каже, по аналогија на нивните етички максими, дека и Кант и Климент се браќа, сијамски близнаци. Но има тука и една битна реплика. Максимата на Кант, за жал, никогаш не ја впи во себе и не ја оствари како антрополошки императив западниот колонизаторски и пљачкаш на туѓи блага човек, додека максимата на Климент Охридски ја оствари македонското колективно битие уште во антиката пред нашата ера. И не само тоа, таа залегна во него и опстоја до ден-денес. И веројатно е и тоа причината што тој од големо стана мало, како што би рекол Блаже Конески „столчено племе“. Да. А тој Климентов етички и морален императив, како што знаеме не само ние туку и западната цивилизација, етноцентрична и ариевска до гуша, Македонците го резимираа со универзализмот на својата космополитска психа.
За тоа посебно сведоштво пружа концептот на Александар Македонски за обединување на народите во една светска држава во која сите народи ќе бидат апсолутно рамноправни на ниво на јазикот, културата, религијата и идентитетот како божји подарок. Таа света идеја од Македонците многу невешто ја презедоа Французите со нивната прославена формула од Француската револуција 1848: „Егалите, либерте, фратерните“ („Слобода, братство, единство“), остварена по победата не со тапани, свирки и универзални свадби како на Александар, туку со гилотина што сече глави. Една од нив, таа на Марија Антоанета, тие дури ја употребија во рекламна цел и на француската „демократија“, без никаков срам, и на минатите олимписки игри итн. А француската „демократска“ гилотина, драг читателу, сега нам ни дојде и со таканаречената „француска рамка“ на малото француско Наполеонче (а и самиот Наполеон беше мал по раст, и за да порасне ја запали Москва) со која е замислена целосната идентитетска ликвидација на Македонците. Така и толку, а има уште многу да раскажува, драг читателу, Шехерезада за Македонија и македонската судбина над која стои и никогаш не се тргнал од неа со мечот суровиот Шехријар. Упатените во нештата знаат за што станува збор.
(продолжува)