Кабаре – приказна за животот

Кабаре, живот, општество – сличност или само случајност? Веројатно и едно и друго. За време на Бел Епок во Франција (1890–1914), со цел да се испеглаат социјалните бариери, има појава на кабариња во чии простории на едно место можеле да се сретнат од мошне богати луѓе до обични работници. Тие во исто време биле ресторани, кафулиња, концертни сали или театри во кои можело да се јаде и пие, но и да се следат претежно комични претстави од животот.
Значи, имале своја програма за подгревање на атмосферата. Најпознати кабариња во Франција биле „Црната мачка“ и „Фоли Бержер“. Но социјалните разлики си останале и до денешни дни. Веројатно и се продлабочиле (како каде), ама оттогаш се со чувство на кисела засладеност, музика и игра што им се нудат на оние што се надеваат, а не се умешни да се изборат со животните пречки. Било тоа да се богати или сиромашни. Првите поради погрешни потези и алчност, вторите поради својот статус поврзан со рожбата, потеклото и судбината.
Зошто кабарето? Едноставно, кабарето има свој простор на кој дејствува, за разлика од патувачките актерски дружини, кои најчесто своите перформанси ги имале под отворено небо. Освен тоа, нема масовност, ама има постојани муштерии. Таму се јаде и пие, се ужива и наедно на уметнички начин се изразува суштинската срцевина на креативната рамка, која се идентификува со животот. Всушност, кабарето на некој начин е и амортизер за нараснатите спротивности помеѓу општествените групи. Со малиганите брзо пламнува гневот, за потоа состојбата да се смири со прегратки на зајадените. Нема многу да се погреши во заклучокот ако се каже дека кабарињата се и бордели со профилирани клиенти од сите општествени категории, кои се составен дел од животот. Значи во матицата, која на едно место собирала урнисани политичари и револуционери, стопанственици, офицери па сѐ до пропаднати актери, литерати, сликари и работничка класа, која освен сите секојдневни проблеми се товарела со алкохол и други пороци, се отсликувале општеството и неговата надградба.

Во лабави и недефинирани општествено политички системи, хаосот се селел од врвовите на институциите, па сѐ до најниските слоеви и повратно. Така се селела и корупцијата, оти каде што биле парите и материјалните добра, таму била и таа. Се покажа дека ниту еден систем на уредување не е имун на хаос. Поради тоа, кабарето си го пронашло своето седело во системот токму поради способноста да ги регистрира пороците и аномалиите во просторот на рамноправни граѓани. Таму на некој начин е родена и сатирата како безмилосно орудие против општественото уредување.
Одамна се рекло дека животот за оние што го чувствуваат претставува трагедија. За оние што го прифаќаат и познаваат до дробност тој е комедија. Кабарето е тука за да ја „освежи“ приказната за животот или за системот на организирано општество на комичен, трагичен, музички или на певлив начин. Тоа е константа како и многу други уметнички институции и форми. Сето друго како политиката, стопанските активности или бизнисот, револуциите и војните се минливи појави, кои можат само да остават своја трага или во програмата на кабарето или во историјата што ја уредува силата. Впрочем, сѐ е по нејзина нарачка. Но тука веќе доаѓа до разидување на вредностите и потребите меѓу власта и кабарето. Во даден момент, тоа станува претесно или ограничено за одредени активности.
Сер Винстон Черчил, политичарот и прв министер на британскиот Форин офис по кого е кроен денешниот современ свет, велел дека демократијата е начин на владеење на народот со државата. За веднаш потоа да се надоврзе, па да каже дека државата е премногу сериозна работа за да му се препушти на истиот тој народ да ја владее. Се чини дека сите општествени промени се најчесто шминка. Се менува само општествениот амбиент, а под неговата површина сѐ си е по старо. Се разбира, одвреме-навреме грмат декларативни изјави на владејачките структури, кои преку периферна и перфидна, но силно нагласена реформа, најавуваат преродба. Реформите се ветувања и симпатично мамење од страна на власта упатени до широките народни слоеви. Но да. Имало случаи кога на народот му било допуштено да владее, односно да биде на малку „повисоко“ ниво од структурите што се предодредени да бидат власт. Во стариот добар Рим кога спротивностите меѓу обесправените и елитите ќе стасале до критична точка на спротивставеност, императорот, советуван од опкружувањето, нудел „леб и игри или леб и циркус“. Најчесто надвор од службените простории, наводно да се биде поблиску до народот. Таа популарна метафора е итрина на власта (не на секоја, се разбира) да ја обезбеди поддршката на населението на тој начин што привидно ги задоволува неговите потреби и барања.

Поточно, нараснатото незадоволство во општеството поради раслојувањето, лукаво да скршне од многу поважните проблеми и потреби на населението.
Во денешно време карваните во изборните процеси се дел од анатомијата на владеењето наследено од антиката. Зарем ова не ве потсетува на веќе споменатите патувачките актерски дружини? Се разбира дека матрицата можеби им е иста, но квалитетот и вредностите се на страна на актерите. Оваа метафора од минатото се користи и за критика кон мас-медиумите, кои сѐ помалку ѝ служат на јавноста, а сѐ повеќе трчаат по профит преку тривијални и банални теми од периферијата на животот. Мора да се биде поблиску до народот за време на изборниот процес. Потоа, ме гледаш и повеќе нема да ме видиш. Кабинетот е комплексен пиедестал. Тој е престол, простор за алиенација, односно отуѓеност од оние што го дале гласот за избраниот. Едноставно, грандиозно кабаре. И тоа е сосема природно бидејќи работите се така поставени што секој настојува да биде практичен и рационален. Оти којзнае до кога ќе трае укажаната доверба од страна на народот. Кабаре и анатомија на власта или на владејачките структури? Секако дека има нагласени сличности иако ни циркусот не е далеку од слична идентификација.
Се чини дека кабарето прави обиди да се трансформира за да го следи трендот на времето. На тој начин, добива облик на екстерна пропаганда преземена од страна на оние во кампањите, но не по своја волја и вина. Едноставно, така треба да биде. Да, кабарето со текот на трендовските потреби и случувања одамна се пресели на просторот на јавните собири и на тој начин излезе од илегала. Секако, ова важи за дел од политичкото милје од содржината на самата програмската определба. Изборните циркуси се во ограничени временски рамки и тука е потребна засилена транспарентност. Тие мора да имаат епилог. Како и да е, тоа сигурно ќе биде во полза на програмата за сѐ потоа да си биде по старо. Секако, успешно или помалку, со своите содржини тоа умешно ќе еквилибрира на тенката политичка струна со сите средства што му стојат на располагање за да се одржува до бесконечност. Решение? Излез од рамките на ограниченост, а сепак да се зачува срцевината на постоењето. Можеби актерите ќе се менуваат за да внесат привидна свежина во менталниот состав на колективната замаеност но никогаш нема да се откажат од посесивниот пристап во процесот за добивање нова и нова доверба од страна на своите редовни муштерии – гласачите. Искуство видено и порано, зарем не?

Љубомир Јовановски