Не знам дали по некој повод си бил во Собранието на нашата Република, драг читателу. Ако не си бил, кога ќе одиш, штом ќе влезеш, фрли поглед десно и ќе видиш фреска на ѕидот. Копија, се разбира. Мислам дека е од оригиналот на Михаил и Евтихиј. На неа е претставена библиската анегдота со бакнежот на Јуда во Гетсеманската градина, по што следуваат апсењето и судењето на Исус, а потоа и неговото распнување на Голгота. Она што е интересно со оваа фрескокопија на влезниот ѕид на нашето собрание е вистинска енигма за одгатнување. Дали е таа спонтано тука насликана без никаква задна намера или некој свесно ја подметнал како аналогија за политичките Јуди во оваа зграда со библискиот Јуда, кои, како тој Исус, го предале и извеле на Голгота својот невин и христолик народ. Голготата Преспа 2018, пред сè. Оти аналогијата меѓу еврејскиот Јуда и нашите политички јуди е неверојатно и фасцинантно поклопувачка, но со таа разлика (ќе се изненадиш, драг читателу) што нашите многу заостануваат во моралниот капацитет зад него. А истото тоа важи и за нашите пилати.
Еднаш пишував на таа релација за Јуда. Сега правам варијација на тема, збогатена со темата Пилат, а и Јуда и Пилат ги земам како архетипови по аналогијата за ликот и делото на нашите политваленти во нашата страховлада. Но првин за Јуда и за тоа кој е порасипан во карактерот, тој или нашите јуди, иако како што ќе видиш, драг читателу, тоа не е тешко аргументирано да се утврди. Во својот брилијантен кус есеј за Јуда англискиот естетичар и филозоф Џон Раскин вели дека тој постапил рационално, сметајќи однапред дека Исус како Божји син што прави чуда ќе се справи со предавството и ќе излезе неоштетен од него, а тој ќе ќари. Арно ама не испаднало така, затоа што Исус не ги викнал небесните воини на Отецот на помош, туку се решил за Голгота и спас на човештвото, испивајќи ја покорно досудената чаша.
И што станало потоа со Јуда. Приказната е добропозната. Него почнала веднаш по Исусовото распнување да го јаде совеста за подлоста што ја направил кон спасителот, па отишол кај Кајафа, челникот на фарисејскиот синедрион, и му ги фрлил триесетте сребреници пред нозе, што ги добил за змискиот бакнеж со кој го предал Учителот. Но тоа не било сè. Совеста и понатаму го јадела Јуда, не му давала мир, па тој за да се ослободи од нејзиното шило зел јаже, отишол во нивата на грнчарот (така ја викале) и се обесил на осаменото дрво во неа. Крај. Така завршува таа трагична, но и поучна библиска приказна во која по моралната подлост Јуда целосно се преобразува, се покајува, сфаќа што направил и станува еден вид морален страдалник. Со еден збор, сакале теолозите тоа да го признаат или не, станува, макар и пост фестум, огледало на доблесен морален пример.
Така, драг читателу. Знам дека и ти мислиш така. А сега преминуваме на Пилат. Понтиј Пилат бил римски прокуратор, владетел во Јудеа за време на последните трагични денови од животот на Исус. Како таков тој имал важна улога во судењето на Исус од страна на фарисеите и разулавената еврејска толпа што ја барала неговата смрт. Имено, на главниот еврејски празник Пасха, на кој се одвивал овој настан, според традиционалниот обичај се ослободувал еден криминалец како знак на милоста на Бог. Притоа се правел избор. Сега тој избор требало да се направи помеѓу Исус и разбојникот Бараба (Варава). Според римскиот правен кодекс, Пилат немал право на одлука во тој спор и избор, но не значи и дека немал голема моќ и влијание да го насочи судењето. Секако, тој се обидел да го направи тоа. Им рекол на фарисеите и толпата: „Во овој човек не најдов никаква вина“. Но тоа не било доволно за да ги убеди да го ослободат Исус. Напротив, потоа, надевајќи се дека тој негов став ќе има ефект, кога ги прашал насобраните кого да го ослободи, тие во еден глас викале „Бараба“. За Исус барале неодложна смрт.
Најпосле, бидејќи требало да ја почитува волјата на мнозинството, на синедрионот и толпата, Пилат се покорил на нивната волја, пред тоа изговарајќи го еден од најпознатите слогани во историјата ESSE HOMO, Еве го човекот. Тоа е наслов и на една книга на Ниче. Може не бил свесен Пилат, но тој со тоа всушност го дал архетипот, образецот на општиот човек, кој треба да е како Христос. Христолик од петиците до главата. Оти, пак, од своја страна и самиот Христос честопати на апостолите и другите им се претставувал како Синот човечки. Повеќе отколку Синот божји, а само со цел да даде на знаење дека човекот генерички и по дефиниција е божјо создание, и таков треба и да остане. Арно ама по сè изгледа не остана ништо од неговата божественост денес.
Туку да продолжиме со Пилат. Што се случило на Голгота, на која Исус го распнале лично неговите римски војници, кои толку многу пати во ликот на Европа како нивен наследник распнувале и Македонците. Денес посебно. Приказната е слична на онаа на Јуда, иако за неа нема многу податоци, освен писмото на неговата жена Клаудија Прокула испратено до нејзината пријателка Фулвија. Во него таа пишува дека нејзиниот маж одбил да го разбере нејзиниот страшен и пророчки сон за убиството на Исус, а со тоа и нејзините молби на колена најенергично да се заложи по секоја цена да го спаси него. Но тоа не се случило. Наместо тоа, Пилат по судењето дошол дома, во магиски обреден стил си ги измил рацете, небаре биле (а биле) крвави, и си ги избришал со пешкирот, лишувајќи ја така совеста од грев. Ама сепак тој магиски обред траел кратко. Клаудија Прокула кажува во своето писмо дека многу брзо потоа и него како Јуда почнала да го јаде совеста, паднал во страшна депресија, а и сите работи му тргнале наопаку. Клаудија ѝ пишува на пријателката: „По неколку месеци тој ја загуби позицијата и ние се вративме во Европа, патувајќи по целото царство тој го носеше товарот на жалоста, душевната мака и обесхрабреност.“ Така, во таква душевна состојба на јадеж на совеста и каење тој и го завршува својот живот. Не се самоубил како Јуда, но секој ден се убивал во делови.
Така. А што е со нашите јуди и пилати, драг читателу, кои ги имаме во изобилство, најмногу во власта и политиката. Имаат ли тие морална доблест по аморалниот престап да ги вратат сребрениците, нечесно и со подлост заработени, и храброст, најпосле, да си пресудат како Јуда во нивата на грнчарот. Не, драг читателу, нашиот јуда над јудите нема ни ронка совест за злосторството што го направи, па да почне потоа со својот морален препород. Јуда, јуди, комбинирани со пилат како кентаури. Сепак некои од нив се повеќе јуди, а некои пилати, како оние две жестоки дами што не само што не сакаа да ги спасат оние невини души од 27 април, туку истите тие без трошка совест ги осудија да скапуваат во затвор. Не, драг читателу, совеста како морална супстанција за човековото битие, ако е божествено тоа, е мислена именка за нив. И нашите јуди и пилати по злосторството си ги мијат обредно рацете до лактите во грев, се бришат со пешкирот на садизадоволството и одат да ручаат со саканото семејство. Потоа ги поткаструваат и мирисаат ружите во градината.