Во изобилството теми (домашни и меѓународни) на кои треба да се пишува, сепак се решив за наводното ослободување на Асанж. Неговата голгота траеше 14 години во кои кај нас едвај некој и да му обрнуваше внимание. Јас напишав неколку колумни, повеќе од очај и како вресок против неправдата отколку како ефективен чин на отпор. Си ја проверувам архивата и гледам дека една од нив носи наслов „Je Suis Assange!? Некој?“, а објавена е на 15 април 2019 година (една недела откако насила го изнесоа од еквадорската амбасада во Лондон). Си ја препрочитувам низ денешна призма и ми доаѓа само да ја ископирам. Речиси нема нешто да се додаде. Всушност, сите оние што молчеа или го баталија неговото херојско дело на обелоденување на фактите, на вистината за злосторствата сторени од САД, пред неколку дена за првпат викнаа: „Асанж е слободен!“ За нив е ова олеснување, па дури и некаква морална сатисфакција дека таа мачна работа веќе е симната од дневен ред, и тоа како во холивудски филм – со хепиенд!
Решив да го задржам овој наслов – всушност, слоган што малкумина (особено во новинарските кругови) воопшто го користеле. Се плашам дека сега кога го видоа Џулијан во прегратката на неговата Пенелопа/Стела и семејството, мнозина ќе го заборават. Онака како што го заборавија делото на Даниел Елсберг и Едвард Сноуден. Радоста е нормална реакција кога станува збор за човекот Џулијан Асанж; неочекуваната вест што проструи дека е веќе во авион што ита кон Северните Маријански Острови (американска територија на Пацификот), а дека потоа ќе стапне како (о)слободен човек во родната Австралија, наведе мнозина за првпат и да го спомнат. Алелуја! Правдата победи/ла! Наводно… Ако толку искрено се радуваат, нека се вклучат во кампањата за собирање доброволни парични прилози за да може Џулијан да плати половина милион долари за приватниот авион со кој му беше наложено да лета од Лондон до другата страна на планетата. Изгуби 14 години од животот, призна вина на права Бога и сега треба да плати половина милион долари за авион! И не знаеме од што ќе живее во иднина.
Да се разбереме, не треба да си врвен правник за да знаеш дека во начинот на кој Асанж беше „ослободен“ нема ни П од право и ни П од правда. Империјата ги прекрши и сопствените закони, правила за судење, дури британската експозитура ги заобиколи правилата за напуштање на затворот Белмарш (британскиот Гвантанамо). Со договорот Асанж прифати вина (дали за едно дело, а не за сите измислени 78 е сосема небитно). Не само што пред локален, а не федерален судија, на пацифичките Острови „на Бога зад грб“ невин човек призна вина туку морал и да ја образложи со свои зборови, да изрази жалење и да признае дека неговата новинарска истражувачка дејност била криминален чин. Тоа не само што влезе во записник и во одлука на (кенгурски) суд за еден случај туку станува дел на судската пракса на САД. Империјата сега има „црно на бело“ дека она што го тврдеше додека го гонеше Асанж било исправно и дека има право да му пресуди на секој новинар, без оглед дали е американски државјанин или не, доколку ги загрози американските „национални интереси“. Накусо, новинарството тукушто стана уште поопасна професија, а Империјата недопирлива и пред т.н. „кучиња чувари“, и пред медиуми, и пред поединци. Нејзините крвави раце се чисти, злосторствата што ги обелодени Асанж се заборавени, а Асанж останува човек со криминално досие (за неговото физичко и ментално здравје ми е тешко да судам, но верувам дека она што го мина ретко кој може да го преживее без длабоки лузни).
Можеби ќе ме обвинат (повторно) дека сум расипувач на забави, дека сум „негативна“ што и на ваква добра вест наоѓам забелешки. Еден пријател ми рече: знам дека си во право со твоето чувство на горчина, но радувај се за човекот, кој денес ќе си ги гушне децата. Респект за неговата Стела, татко му, брат му и неколку блиски пријатели (Пилџер, за жал, не го доживеа овој чин, но тука се Среќко Хорват, Јанис Варуфакис, Крис Хеџис и др.), кои се бореа сите овие години тој да не биде заборавен и буквално да му се спаси животот од „долгата рака на Империјата“. Респект за сите што протестираа пред судот во Лондон или на други места, за сите што не дозволуваа Асанж да го проголта темнината. Некои сметаат дека токму овие луѓе му го спасија животот со својата упорност. Други (иако ретки) новинари (прави доносауруси во мноштвото послушници и пропагандисти) ги обвинуваат токму мејнстрим медиумите низ западниот свет (како „Њујорк тајмс“, „Шпигел“, „Ле монд“, „Гардијан“ итн.) дека беа соучесници во злосторството што се изврши врз овој човек кој вршеше новинарска дејност. Тие ги искористија и објавија наводите на Викиликс, а кои никогаш не беа демантирани од страна на САД, а потоа не застанаа во заштита на истражувачкото новинарство и оној што им ги достави информациите. Не само „државата на национална безбедност“ туку и медиумите се виновни за замолчувањето на Вистината. Глен Гринвaлд одамна кажа дека преку Асанж се врши криминализација на новинарството, што е закана за сите оние што би помислиле дека нивна професионална должност е да откријат што прави „државата на национална безбедност“ зад грбот на граѓаните и во нивно име (и со нивни средства).
Чомски одамна го предвиде дури и (можниот) исход, кога кажа дека третманот на Асанж е само уште еден пример за екстериторијалноста на САД, кои можат во секое време да се заканат по животот и слободата на државјанин на друга држава, на новинар или медиум, кој ќе ги открие нивните валкани дела низ светот. Интересно е што на крајот на договореното затворање на случајот, судијката Манглона прати порака на „мир“: „А сега е потребно да си го повратите мирот во себе кога ќе излезете одовде, како и да водите живот на слободен човек. Господине Асанж, ова е ран роденденски подарок за вас, веројатно првиот што ќе го имате надвор од затворот и без какви било ограничувања“. За два дена, на 3 јули, Џулијан ќе го прослави својот 53-ти роденден.
Да, ќе го оставиме Асанж да заздрави и да закрепне со љубовта на семејството. Да, ќе го чекаме со нетрпение неговото прво ексклузивно интервју со Такер Карлсон (кого може да го снајде нешто слично како и Асанж, како што тргнал). Ќе има огромна гледаност. Но, останува горчливото прашање дали е ова задоволувачки исход, бидејќи праведен не е!? Признавањето вина и сиот политички циркус, а најмногу фактот дека нема сатисфакција за жртвите од Авганистан, Ирак, Гвантанамо ниту казна за злосторниците на врвот на власта, некако ни ја враќа на ум последната сцена од Орвеловата „1984“. Не верувам дека е сосема скршен и дека ги напуштил своите принципи. Не верувам дека сега го засакал Големиот Брат. Но, имаше ли ефект неговата голгота? Научи ли светот нешто за опасната траекторија по која нè туркаат во амбис? Научивме ли да се бунтуваме против неправдите? Побогу, не многу далеку од нас сè уште убиваат деца. Намерно! Со цел да истребат цела група! Големите новинари и интелектуалци низ светот имаа толку години да изградат посилен гард кон државната сила и принуда, која и да е, да застанат во одбрана на својата професија, да продолжат таму каде што застана Асанж. Но каде се? Ќе ги има ли по оваа дисциплинаторна приказна како завршуваат јунаците? Кога мислам на новинари (меѓу кои, чудно ама отсекогаш сум ги наоѓала моите морални џинови повеќе отколку во академската фела, која е полна со опортунисти и конформисти), на таа листа беа и покојните Џон Пилџер и Роберт Фиск, сега Глен Гринвалд, па и Такер Карлсон. Што се вели, да ги избориш на прстите на едната рака… Но Асанж го знаеше тоа, кога на едно прашање за неговото најголемо разочарување одговори: тоа што сфатив дека интелигентните луѓе можат да бидат плашливи и дека куражот е многу поретка одлика од интелигенцијата.
Среќен роденден, Џулијан! Обиди се да ни простиш на сите. Се жртвуваше за свет што не те заслужува, а кој и натаму трча кон амбисот на Крајот.