Нордистан толку остро ме демантираше што кога пружив рака да го штипнам демантот, си ги пресеков прстите. Во минатата колумна правејќи гротеска од нордистанската реалност, го сместив секојдневието под шинелот на Гогољ, па еден совесен, а умрен граѓанин го испратив сам да си вади умреница и тој, по четири дена чекање во ред доби информација дека нема умреници со новото име на државата, што значи ќе мора да живее мртов додека не добие официјален документ, на раат да си почине. Демантот гласеше вака: „Не само што Русјаков лаже дека во Нордистан не може мртовец да си подигне умреница со новото име на државата, туку и живите можат да добијат умреници сеедно што дошле по венчаници. Патем Русјаков претенциозно користи гогољштина, хармсовштина и булгаковштина (ова за да покажат дека добро ми ги знаат руските конекции) што автоматски докажува дека тој е за Русија, а не за Европа“.
И што јас сега да правам вака демантиран и размонтирам како руски миксер во чија утроба дреме чип и чека да биде ставен на лопата? Ми доаѓа да пропаднам во земја или да се скријам некаде и да замислувам како штипкам и скокоткам гардисти. Уф, повторно излегов од протоколите на пристојноста и веднаш, само што признав дека сум фатен во лага, продолжив да мавам по светите нордистански ритуали.
Веројатно станав зависник од ширење антинордистанска хистерија. Сакајќи да се направам духовит изложив на потсмев свет нордистански ритуал како штипкање и скокоткање гардисти. А такви нешта има секаде во светот. Бајден гушка луѓе маскирани во зајчиња, Путин сонува дека јава пораснати мечиња, Нетјанаху фрла бомби врз палестински дечиња, а кај нас претседателот штипка и скокотка гардисти на почесна стража и што тука има јас да обесувам?
Туку, искрено, мене она „да за Европа, не за Русија“ стварно ме штипка и скокотка, сеедно што упорно се трудам да бидам политички коректен и недуховит како интелектуална бижутерија. И не, не мислам на изборниот слоган на ДУИ, туку на секојдневниот наратив на властите во Нордистан, оти сте забележале, а нешто зуцнете против новата нормалност веднаш тоа се толкува како проруски антиевропски влијанија. Толку се рашири оваа појава што веќе ја забележувам на секој чекор меѓу обичните нордистански смртници, кои ги чекаат своите умреници со новото име на државата за конечно да се одјават од јавето.
Супермаркет, наутро. Одам да купам леб. Гледам господин, генерација со Информбирото, внимателно, речиси хипнотички, пипка лебови. По малку, една млада прогресивна госпоѓица со изразен антифеминицит на шминката, прозападно ориентирана, оти купува и зборува сама со себе, односно со гласот што од слушалката, преку уво ѝ завршува во мозокот, му се врекнува остро на човекот со муабетот, „Стари, дај бе доста го пипкаш лебот како да е Лолита од Набоков. Аман од вас, руските ботови, ако веќе ти се пипкаат лолити, пипкај нормално западњачки, оди на некој Епстајн остров или пица-гејт сеанса“, па откако го испука тоа, ноншалантно, ем нервозно напната, си ја зеде својата родова еднаквост под рака и појде накај овошјето, да си купи авокадо за пицата што ќе ја спреми и слика за Инстаграм.
Две минути подоцна, кај гондолата за здрава искрана, налетувам на две средовечни госпоѓи на кои под фотошопот ала Мадона на лицата им се гледаат нијанси Лепа Брена од младоста.
Ги фаќам среде дијалог. Знаеш, брат, вели првата, (ова „брат“ го има дрпнато од ќерка ѝ), жена му на Миле заглавила во руски Ана Каренина филм, па си нашла некој, помлад од неа, Вронски за љубовник, па додава, сега нејзин Миле ја тера, ако веќе паднала под руски влијанија најдобро е да падне и под воз за да не ги срами децата. Ама знаев дека е руска роспија, жими сè, вели втората, уште кога со маж ми ги теравме, и неа и Миле, да си направиме една свингерска забава, знаеш колку сакам свинг, нели (?), оваа почна да превртува со очи, а бе тоа зениците, казачок ѝ заиграа.
Малку подоцна, на каса пред мене стојат двајца тинејџери. Едниот со вчерашна фризура и план да не ја чепка цела недела, оти вчера бил на концерт на Десингерица и овој баш него, каква радост (!!!), го млател со чевел по главата, а другиот со имиџ во преодна фаза од Митар Мириќ (за кој не чул, ама така тато се носи и шиша), во Лејди Гага. Зборуваат за некој трет тинејџер на кој пред малку му правеле прогресивен булинг. А бе, тоа смрдливо педерче е руски хомофоб, вели среќната жртва на Десингерица, ја знаеш Маја што е трета година во Карев (?)… е па ја однел во парк, ѝ го рецитирал оној Есенин, некоја песна, пеер, за џукела, демек Маја е негова кучка, а кога оваа му рекла да не ја вика Маја, туку Марвин, затоа што длабоко во себе се чувствува како маж, Афроамериканец и геј, овој кретенов се расплакал и заминал, па како да не го згазиш од мавање бе? Јас му направив кансел, се јавува и Лејди Мириќ, уште кога одби да дојде на пиџама-воук парти кај мене за да ја гледаме снимката што брат му на Буцо ја направил со онаа студентката со која имале секс, а она не знаела дека ја снима, е ама кога пред некој ден го фатив како ѝ пушта на сестра ми „Ленинград каубојс“, малку гуглав, сконтав дека Ленинград денес се вика Санкт Петербург, а е град во Русија, ми стана јасно дека сака да ја задои со руска пропаганда и гадно го излупав.
Не е убаво што вака ширам зла хистерија против власта, а всушност сум на нивна страна. Озбилно! Ги слушам опозиционерине, сите ја пеат истата песна, демек џабе француски рамки и замки, џабе Бугари во устав, без реформи, со ваква корупција, ЕУ никогаш нема да нè прими во оргија. Глупости! А Украина? Како Киев доби датум? Јас точно знам дека власта има генијален план како да нè внесе во ЕУ со брзина на светлината. Економијата и корупцијата веќе ги доведоа на ниво на Украина, сега останува само уште да го убедиме Брисел дека нападите врз Виница и Грушино се на нордистанска територија и ете нè во прегратките на западните вредности, ем богати, ем убави, конечно со троцифрена интелигенција и можност бесплатно да се лечиме од епидемијата на безумност среде која успешно извадивме умреница за Македонија. Па да, нели му дадовме на оној црпнат од Бога да ја венча Македонија? Е па, тоа е, наместо венчаница, Македонија си доби умреница.
Александар Русјаков