- Тактичка зрелост, тимски карактер и порака пред продолжението на ЕП
Изгреа (од)Ново Сонце(то) ова утро, во нашата Македонија. Вчера, пред многу важниот натпревар, можеби и малку резигнирано, на мојата ФБ страна, посочив дека, свесно или несвесно, јавноста, медиумите, сите ние, создаваме клима, која не кореспондира со реалноста. Ситуација која може да биде дополнителен товар за момците во Хернинг. За среќа, Македонија одигра одличен натпревар, кој заврши без резултатски победник (морални сме секако НИЕ), но и да беше малку поинаку (а натаму тргна работата во вториот дел), повторно, тука во овие редови, тие момци, целиот стручен штаб, со таков пристап, ќе ја имаа(т) истата поддршка. Така и ќе биде. Додека гледам(е) дека се дава максимум, дека се игра со срце за Македонија.
Онаа Македонија, а особено оние кои се пасионирани следбеници на ракометот, но и сите останати, без разлика на клупската боја, ривалитетот, нетрпеливоста, која грицка нокти, се нервира, но и ужива во натпреварите на нашиот национален тим, на големите натпреварувања. Многупати во минатото, на големиот христијански празник, Богојавление – Водици, или во очи истиот, момците кои стојат исправено под звуците на македонската химна, знаеле да одиграат со цело срце, со цела душа, за себе, за своите најблиски, за нацијата.
Честит празник Македонијо!
За многу години. Бог се јави – Навистина се јави!
Читајќи го сега второто продолжение од мојата најавна колумна, во која сериозен акцент е даден на вчерашниот натпревар со Португалија, како многу важен, од повеќе аспекти, можам слободно да кажам дека, она синоќа, беше тактички, еден од најдобро одиграните натпревари што оваа наша национална гордост воопшто ги одиграла. Тактичко ремек-дело, кое, мораме да бидеме искрени, беше во голема мера спроведено на терен, од целиот тим, надополнето со борбеност, мотивираност и инает, карактеристични за регион, држава или народ кој е постојано е потценуван и омаловажуван.
Да почнеме од таму, каде се добиваат натпреварите во овој наш спорт. Одбраната.
Стартуваме со Митревски, како голман кој бил клупски колега со половина селекција на Португалија, но и со, за мене очекувана 5-1 зона со супер интелигентниот Џонов на позиција на преден и младиот Стојковиќ, на многу одговорната централна позиција. Зона која имаше густина, имаше агресивност, имаше „глава“ и трпение. Со поставеност на нашите играчи на позиции 2 и 5, успеавме да ги принудиме нивните главни играчи да напаѓаат накај средина, таму каде што нашата зона е најгуста, највисока и најсилна. Грешки имавме, и ќе има, но многу важно е што оваа зона ги натера Португалците да шутираат од неизградени позиции, да имаат многу контакт игра со нашите одбранбени играчи…да бидат нервозни. Без разлика кој од нашите играчи беше на одредена позиција, поставеноста беше таа.
Се случија пехови, со Џонов, со близнакот, со Маркоски, но, како велат, секое лошо, за добро е. Стојковиќ го замени Џонов, Павле – Петар, и тоа во два правци. И повеќе од достојно. Стојковиќ одигра „џверски“ на преден, во зона која може во иднина да се патентира, зона која, после Червар-Вори ерата, не сме ја виделе во вакво издание и со ваква „учинковитост“. Играч со серозно широк распон на раце, висок 2.03, подвижен и силно мотивиран, кој може да „се спушти“ плитко и да ја трансформира зоната во длабока 6-0 е сериозен капитал. Марко, во исклучително чувствителен период за него, за неговата фамилија, се издигна како феникс, покажа карактер својствен за шампиони и мажишта. Одигра за себе, за тато, за Македонија.
Ти благодариме!
Од друга страна Павле, како замена за бате, одигра длабоко и повеќе од коректно на позиција, каде беше напаѓан од Кико Кошта, а на другата страна погоди и повеќе од тоа што се бараше, имајќи предвид дека играше на, за него неприродна позиција. Да бидеме коректни, во целата оваа еуфорија, да го споменеме и Михаил Аларов, кој иако не беше планиран на позиција заден, одигра, пред се со многу жар и срце, и беше столб и главен „осигурач“ во нашата зона, в ситуација кога некој од неговите колеги ќе „изгубеше“ дуел.
Завршувам со одбрана. Уште еден важен сегмент. Македонија, со многу желба и големо срце ја победи, скоро непобедливата 7-6 на Португалија, најдобра во светот. Томовски, дете златно, капа доле, ти имаш голем удел во овој период од натпреварот.
Толку за овој дел од играта.
Транзицијата, овозможена од доста изнудени технички грешки на, технички супериорната Португалија, но и одредени, добро прочитани одбрани на Митревски, во првиот дел, дозволија да нападнеме од прв и втор бран. Да испровоцираме неколку т.н лесни погодоци, да не дозволиме противникот да направи тактички замени напад-одбрана. Македонија користеше се што нуди модерниот ракомет, парцијално и по потреба, но и според она што го налага ростерот.
Нападот. Оној дел од играта, каде натпреварот многу често се губи. Одигравме сериозно, ама сериозно, тактички на врвно ниво. После првиот бран од транзиција, трпеливо (со одредени исклучоци) и конкретно. Можеме да забележиме дека, во првите 15 минути, немавме доволно трпение да дадеме добра топка за Митев да игра 1 на 1, но и да бидеме здраво разумни и докрај коректни, да се согласиме дека, во моментов, Брус Ли, големиот македонски ракометен бисер, не е сеуште подготвен за „војна“ и борба „сам против сите“. Македонија трпеливо ќе го чека Марко Митев, да се врати во препознатлива форма, а сигурни сме, тој ќе знае да возврати на најубав можен начин. Веруваме!
И повторно, додека на некој не му се стемни, на друг не му изгрева. За среќа, синоќа не му се стемни на Брус Ли, но се потврди она погоре кажаното. Затоа, како играч од сенка, тимски играч, кој е секогаш подготвен да се стави во функција на истиот, Игор Симба Ѓорѓиев, го положи испитот на ракометна зрелост. Сме збореле (или пишувале) за Струмичанецот, кој е еклатантен пример на спортист кој дошол до одредено ниво со многу работа и железна дисциплина. Симба е играчот, кој синоќа беше моторот и осовината на тимот. Заедно со Фитиљ и Серафим, наизменично, но и супер логично, го „малтретираа“ Интуриза, од што излегуваше и „вишок“ на една и друга страна, пенал, исклучување итн.
Ветувам дека привршувам со оваа анализа.
Покрај Симба и техники одлично дотераните Мартиновци, на десен бек (море и крило), менаџирањето со пивотите беше долично сработено. Пеше играше доволно, но и Стојковиќ даде свој придонес, од прв бран и на транзиција. Комплетниот тим одигра на високо ниво. Впрочем, само така можеш против топ 8 селекција во светот.
Во студиото на МТВ ја спомнав ротацијата, на полувреме на натпреварот, како ситуација која ќе ни даде повеќе играчи во игра, подготвени да испорачаат квалитет и извршат задачи, но и енергија да бидеме конкурентни, па и да доминираме во последните десет минути, односно до самиот крај.
За крај. Фитиљ. Надреално добро одигран натпревар. Како производ на тимската игра, се профилираше во главен егзекутор. Фитиљ на терен, на подксат, во микс зона, било каде, веќе е сериозен играч, човек, другар, капитен. Можеби некогаш избрзува, и дава погрешен впечаток на провокатор, но Филип Кузмановски е сериозен европски играч, но и она многу поважно, голем човек и другар.
Случајот Португалија е заклучен, а математиките за втор круг се активираат, но и тргаат на страна, како непотребно бреме, де фокус и потенцијална замка.
Следува Романија во вторник.
Селекција, која водена од неколкумина странски селектори, се сврти кон младоста во својот „двор“ и стави селектор кој се обидува да ја модернизира. Не оди лесно, но од друг аспект, видовме дека оваа Романија е коректна. Всушност, не постои селекција која е на ЕП или СП, против која можеме со сигурност да впишеме бодови. Ќе не чини скапо таквото размислување.
Романија има висока зона, силина на средината во Милитару и Ракотеа, но и слабост во игра еден на еден во истата. Бузле е висок лев бек кој има топ во рака, а Станчиуц е вистински двигател на тимот. Висок пивот кој „лови“ топки горе и има одлична реализација, до Деду и Гита, како прва опција на десен бек. Традиционално солидни крила, но не и голмани на високо ниво (пу пу пу).
Спомнав и претходно, во моите писанија, екипа која не знае да победува, години наназад ги нема на големата сцена, или ги има, ама на опашката.
Тим од играчи, на кои, можеме да им „трчаме во грб“, треба да дадеме повеќе голови од транзиција, за да не се „тепаме“ со гореспоменатите Милитару и Ракотеа, кои од друга страна се склони на правење прекршоци за исклучување. На другата страна, нашата евентуална 5-1 ќе ја решаваат со еден од бековите на „втор пивот“, и ако играме со Стојковиќ на преден, нема да се наиграат.
Ојлески е во Хернинг, како различен профил на играч, кој не игра во зоната на позиција пет или преден. Колку ќе може да се користи, ќе видиме.
На Македонија и треба победа, било каква, за да биде во повластена ждрепка во идниот циклус. Таму треба да биде фокусот. Се останато, за пласман во втора фаза, е поклопување на коцките. Коцките ги баравме да се поклопат и пред Португалија.
Така да…
Среќно момци
Горан Ѓоргоноски
Авторот е поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот
„Ракомет за секое дете“



































