Избрусениот идентитет е забетониран во полнети пиперки

Ѝ благодарам на МРТ за преносите на Европското првенство во фудбал за дами. Понежниот пол презентира одлични игри. Додуша, терминот понежен пол баш и не одговара ако се земе предвид како девојките реагираат при жестоки стартови нормални за фудбалот. Воопшто не се пренемагаат и не лелекаат како што вообичаено гледаме кај мажите. Што би се рекло, за апсурдот да биде поавтентичен, машки ги поднесуваат ударите. Се надевам дека овие преноси на големите турнири во женски фудбал, вклучително и женската Лига на шампиони, ќе станат пракса и редовно ќе ги гледаме.
Но фудбалот сè уште е споредна работа. Главна улога игра политиката. А војната е продолжување на политиката со други средства. Американскиот претседател, кој за 24 часа ќе донесеше мир во Украина и Газа, по 734, пат ја изненади јавноста и соопшти дека ќе му даде на Зеленски опасно оружје за да ги гаѓа Москва и Санкт Петербург за Путин да види како е, бидејќи, така Трамп соопшти, неговиот руски другар, кој до вчера беше фин соговорник, всушност само преку ден бил добар на муабет, а навечер рокал по украинско тло кај ќе стигне. Мојот измрцварен ум веднаш извади теорија на заговор. Трамп веројатно стварно сакал да ги сопре војните, оти Нобел за мир е баш фина награда. Си рекол, мора да сопрам барем една војна, оти глупо е да ја добијам наградата за ништо, како Обама и Европската Унија. Ама лошо пресметал. Очигледно други моќни ликови многу вложиле во смрт од која ќе произлезе огромен кеш, па не сакаат овие војни да завршат. И Трамп думал, па му текнало.
Ало, Биби, му се јавил Дон на Бен, а да го разрокаш ти Иран, по што и Иран ќе ве распука вас, па јас да улетам со две ракети и да изгледа дека сум ја завршил војната и сум донел мир, бива? Бива бе, одговорил Биби, ама да знаеш, ќе ја рокаме Сирија. Баш ми е гајле за Сирија, се насмеал Дон, само не ги чепкај нашите бази. Не ни мислев, ама Дон, мора да знаеш, западните лидери, особено оние од ЕУ, нели ги претставија новите сириски власти како цивилизирани демократи, сеедно што претходно ги нарекуваа терористи и убијци, па да не мрчат сега ако ги разрокаме? ЕУ(???), свикал Дон, ич ја нејќам онаа Нуланд, ама еве, да ја цитирам… Fuck, EU, така што, бркај си работа, рокај низ Сирија, дај само ова со Иран да го изрежираме.
Значи, ЕУ. Сексапилна лејди што извезува цивилизациски вредности за нордистански политички, експертски и медиумски зависници од празни флоскули, лажни ветувања и демагогии, како дрога подметнувани во пијачката наречена живот.

ЕУ очигледно се најде отфрлена, оти никој не ја прашува што мисли околу светскиве збиднувања. САД, Русија, Кина, Израел, Иран си тераат војни (освен Кина) и политика и не ја фермаат Унијата, оти којзнае, може се шовинисти што мислат дека сексапилот е само за насловни страници на списанија, а не и за решавање сериозни проблеми. Патем, нејзините страшни санкции што ја фрлија Русија на колена при стомачни грчеви од смеење, очигледно ѝ се удрија од глава на Унијата, па уште САД ѝ накачија економска уцени што пустата, како некоја остарена џетсетерка на која ѝ завршила славата, мора да се фати за сламка за да ја зачува репутацијата.
И така ЕУ, како искусна дама во постелата на меѓународната политика, жестоко удри по масата и одлучи својата сила да ја покаже столчувајќи ја Македонија. Е не, ќе се зезаат и тукутака ќе им го остават чаламот на САД, Кина и Русија. На сламката за која се фатија веднаш додадоа многу сламки и добија снопје, кое Италијанците го нарекуваат фашо. И не само тоа. Како моќни политички волшебници, споија минато и сегашност за да обликуваат иднина, па некогашните флоскули, „Нема Чакаларов, нема Македонија“ и „Им благодариме на Хитлер и Мусолини што овозможија Македонија да се врати во Бугарија“, ги модернизираа во „Нема македонски идентитет“, „Македонија е грчка“ и „Македонците се Бугари“ изговорени од хистеричните грчки и бугарски евронацисти, ама и премолчени во ароганција од останатата ЕУ-бирократија.
Ама Унијата тука не застана. Не ја столчи само Македонија, туку и нејзините сојузници Србија, Унгарија, Кина и Русија. Е ова е вистинско продолжување на политиката со други средства, односно војна… со логиката. Можеби не можат да ја сменат власта во Србија и Унгарија, ама парче ги направија нивните влијанија во Македонија. А се знае дека Србија и Унгарија се во оската на злото со Кина и Русија, па така, ЕУ ги направи растурена сарма змејот и мечката уништувајќи ги нивните страшни сили на македонскиот фронт, кој е грчки, ама бугарски по вокација. По оваа крвава битка, ЕУ го собра меленото месо од растурената сарма и со неа ги наполни пиперките на македонскиот идентитет, кој не постои, па им го сервираше на апологетите на присилната нордистанизација, овде долу во Македонија.

Овие, пак, откако стрвно се налапаа идентитетски пиперки наполнети од грчки и бугарски нациготвачи во кујната на Европската Унија, се истопорија по медиуми за да ни кажат дека власта е виновна за укинување на македонскиот идентитет (и јазик) во Европскиот Рајхстаг, кој, пак, идентитет (и јазик) е зачуван и потврден во францускиот предлог што мора да го прифатиме безусловно. Или поинаку кажано, го брусеа идентитетот од шахти за да го бетонираат во полнети пиперки. Генијално, нели?
Петнаесет години пишувам за ова што се случи во Стразбур. Не дека ќе се случи, туку дека од Лисабонска декларација наваму, се случува. Ме правеа малоумен и не ми е гајле што за таков сè уште ме сметаат. Ќе ги злоупотребам непостојните руски и кинески влијанија (терминологија), додавајќи уште понепостојни ирански, за да заклучам: политичките одреди за деидентификација, како и народноослободителната војска на интелектуалната бижутерија, но и шаренореволуционерната гарда како домашни сојузници во специјалната војна водена од САД, ЕУ и НАТО против Македонија, кои демек рушеа режим, а срушија држава, сè уште се обидуваат да ни ги избрусат умот и душата, сакајќи да нè убедат дека ни ја бетонираат суштината полнејќи ја со безумна манипулација. Но да не излезе дека ги обвинувам само „меѓународната“ заедница и нејзината одработувачка инсталација во татковината, ќе додадам, народ што повеќе се истреска од земја за некакви размисли на премиер околу данок за немажени и неженети што нема да се воведе отколку за идентитетскиот геноцид што ни се случи во Нивици и не треба баш да се размножува.