Така, не само што празниците се ближат туку можеби и изборите се ближат. Веројатно по празниците, кон крајот на јануари и почетокот на февруари, работите ќе бидат појасни. Но изборите се ближат, не се однесува само на изборите како чин на гласање
Парламентарните избори во Македонија стануваат секојдневна политичка тема, што е невообичаено, бидејќи Владата тврди дека тие нема да се случат наскоро, односно пред 2024 година во редовниот термин за избори. Овој пат темата ја отвори Беса, односно Билал Касами, нејзиниот лидер и градоначалник на Тетово. Тој деновиве побара предвремени избори во 2023 година, бидејќи е јасно дека нема потребно мнозинство за измени во Уставот, услов за започнување на преговорите за членство со ЕУ. Дојде брз одговор од премиерот Димитар Ковачевски, кој одговори дека не прифаќа уцени и притисоци и дека изборите ќе бидат во редовниот термин во 2024 година, а дека промената на Уставот треба да биде на основа на принципи. Од ДУИ дојдоа поддржувачки изјави, кои барањето на Беса го сведуваат на вообичаен политички фолклор.
Пред само две недели, во „Владин уплав од избори“ пишував зошто е тој уплав од избори и опсесијата на власта, на ДУИ и на СДСМ, изборите да бидат во редовниот термин во 2024 година или да владеат до последниот ден. За СДСМ објаснувањето на уплавот од избори е многу едноставен, знаат дека ќе изгубат. Тоа го знаат уште од локалните избори во 2021 година. На што се надеваат тогаш од СДСМ со бегањето од предвремени избори? Се надеваат дека нешто ќе се смени и ќе се намали поразот што е неминовен. Што ќе се смени? Првиот чекор беше промена на раководството кога стана јасно дека Зоран Заев е една од причините за пораз на локалните избори. Вториот чекор е да се задуши локалната власт, и по цена да се оштетат сопствените градоначалници, за да се покажат градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ како неспособни и корумпирани, исто како власта на ДУИ и на СДСМ. Негативна кампања кон ВМРО-ДПМНЕ не е доволна и СДСМ не може да се надева на чесен пораз, за победа секако нема шанса, без да го ублажи имиџот на неспособност.
Така, во изборната стратегија на СДСМ клучно е завршување на автопатот Кичево – Охрид во 2023 година. Бидејќи оваа изборна стратегија не е многу ветувачка, тогаш СДСМ ќе се сврти кон клиентелизам – купување на гласачите. За тоа треба да послужи рекордниот буџет од над пет милијарди евра за 2023 година со нов долг од над 700 милиони евра. Секако тука е картата на „Запад“ и игра на „националистичката“ ВМРО-ДПМНЕ, заложник на антизападната Левица. Излитена реторика што никој не ја купува. Ќе се ветуваат и 80 пратеници за промена на Уставот, па ако треба и да се рехабилитираат лица од црната листа на САД. Тука е и компромитацијата на албанските опозициски партии (АнА) со мамката за влез во Владата. Секако и преземање целосна партиска контрола врз правосудството.
Каде е тука ДУИ? ДУИ доби влада со слаб коалициски партнер СДСМ и нема зошто да ја напушти таа влада дури обезбедува мнозинство. Иако ДУИ со „раздели, па владеј“ ја разбива опозицијата и може без многу стравување да излезе на предвремени избори. Во меѓувреме ќе продолжи со заробување на државата и корупција и ќе крои стратегија како да обезбеди да биде и во следната власт со СДСМ или без него.
Бидејќи стратегијата на СДСМ има мали шанси да даде плод, и со секојдневните скандали во безбедноста, правосудството, економијата, енергетиката, распадот на секое поле, за СДСМ е подобро да излезе од задушувачката прегратка на ДУИ и да се одлучи за предвремени избори. Има повеќе показатели дека притисокот врз власта расте. Не само од опозицијата, Беса и од ВМРО-ДПМНЕ. Притисокот расте и од меѓународната заедница, која бара резултати во борбата против корупцијата и криминалот. Секако очекува и Македонија да ги исполни условите за започнување преговори со ЕУ, односно да го промени Уставот. Дали геополитиката, односно започнување на преговорите со ЕУ, е клучна за опстанок на оваа влада?
Тоа што Владата има уплав од избори и нивната изборна стратегија за 2024 година нема да даде плод не значи дека СДСМ не се подготвува и за предвремени избори. Показател се посетите и средбите што раководството на СДСМ ги имаше со своите комитети, а кулминацијата беше собирот во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Овие активности може да се толкуваат како прво запознавање со членството на новото раководство на СДСМ, избрано на експресни партиски избори. Но да се одвојуваат толку многу време и енергија за партиски активности во контекст на тешка енергетска и економска криза е многу чудно. Освен ако тие партиски активности не се консолидација на новото раководство на СДСМ и мобилизација на партијата за избори. На тоа укажуваа и секојдневните пиар-активности на премиерот Ковачевски, кои укажуваат на започнување континуирана изборна кампања. На крајот започна нова негативна кампања против ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски.
Така, не само што празниците се ближат туку можеби и изборите се ближат. Веројатно по празниците, кон крајот на јануари и почетокот на февруари, работите ќе бидат појасни. Но изборите се ближат, не се однесува само на изборите како чин на гласање. На овие избори ќе мора да направиме избор и да го напуштиме овој патрон-клиентелистички политички систем, бидејќи тој води кон распад и банкрот. Тоа не е возможно да се постигне без влада што ќе биде подготвена да ги изгуби изборите. По повеќе, ако не е цело време, со неколку исклучоци, влади што се служеа со нелегитимни и незаконски работи по секоја цена за да останат на власт, време е за влада што ќе ги направи потребните работи и по цена да ја изгуби власта!
Авторот е аналитичар. Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични