Ве молам немојте веднаш со критики за англискиот наслов. Едноставно, немам подобар начин да ја отсликам на модерен начин врската меѓу ЕУ и т.н. Западен Балкан, освен со синтагмата што се употребува на социјалните мрежи кога корисникот го презентира својот личен статус. Кога ќе кажеш „комплицирано е“ за врската во која се наоѓаш, тоа значи дека не си сигурен дали си воопшто во врска, ама и дека не си сосема слободен/слободна за нови врски. Доколку станува збор за втората опција, всушност, би пишувало „отворена врска“ (open relationship) – каде што двајцата партнери се слободни, без обврски, да стапуваат во врски со други партнери. Но овде го цитирам францускиот претседател Макрон и начинот на кој тој по тукушто завршениот самит ја опиша врската на Унијата со овој дел од европската периферија. А не дека е баш толку сложена врската (затоа што врска нема или ако ја има, таа е толку асиметрична што дури и навестува доминација и „семејно насилство“). Многу е едноставно: меѓу нас нема никаква врска, освен на зборови! Сите оние годишни извештаи за „напредокот“ се единствената видлива индикација за (божемниот силен) интерес на оние од Брисел за тенденциите во различните сфери на управување, демократијата и човековите права. (Притоа, во своето семејство чуваат земји што се лидери по авторитарни тенденции.) Инвестициите во инфраструктурата и дозволата за пристап до разните фондови се дел на механизмите преку кои сите колонии го реализираат сопствениот интерес, а го прикажуваат како несебичен и беневолентен однос кон периферијата. Повторно се тресеше Брдо (кај Крањ), а се роди нешто помало од глувче.
Затоа, статусот на нашата врска е: It’s simple! Едноставно е: ако врска и постои, таа не е ништо друго туку како меѓу метропола и колонијален вазал. ЕУ (или како што обично сака да се претставува себеси – Европа) отсекогаш била колонијална сила, и покрај тоа што е (божем) мека или ангажирана во mission civilisatrice, мисија на цивилизирање на оние примитивните и заостанатите. А во светлина на геополитичките амбиции, однесувањето на Брисел е во стилот на онаа народната: ниту коската ја глода ниту на друг ја дава. Дури и најголемите еврофили, како Горан Свилановиќ или Еди Рама, се оладија: првиот вели дека ЕУ веќе не е во состојба ни да се преправа дека ќе нè прими, а вториот во сличен тон вели дека искуството го научило веќе да не верува на ветувањата на Брисел. Циришкиот „Ное цајтунг“ отворено вели: „ЕУ лаже за проширувањето, од навика“. Авторот го познавам и лично: Андреас Ернст мина доста време и во Македонија, како и во регионот.
И тој го вели она што мене ми го забрануваат да го кажам: „Не постои инаков начин да се каже тоа: односите меѓу ЕУ и шесте земји од Западен Балкан станаа длабоко нечесни. За расколот е првенствено виновна ЕУ. Точно е дека на сите инволвирани со години им е јасно дека проширување на ЕУ на Балканот нема да има, но државите-членки на ЕУ и Европската комисија продолжуваат без никаква резерва да се држат до празната реторика за ’европските перспективи‘ и за ’заедничките вредности‘. Последна беше претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лејен, која во блиц-посетата на земјите-кандидатки, ги повтори овие празни фрази, кои на граѓаните едноставно им предизвикуваат мачнина.“
Изгледа само нашиве слепци на власт се во филмот на Шехерезада и бајките од „1.001 ноќ“, дури и кога Бугарија не отстапува ни педа во бришењето на нашата егзистенција, која ја нарекува „македонизам“. Ова е веќе дијагноза: не е ниту државничко однесување (ако некогаш воопшто и постоело!) ниту е рационална надворешна политика. Вака се однесуваат фундаменталисти: веруваат во некое „свето писмо“ и во своето закоравено толкување на „принципите“ и ветувањата, па не гледаат ни дека напишаното е застарено, а реалноста зела сосема инаков тек. Човек се прашува: што уште треба да ни се случи, што уште да ни побараат (а што нема ама баш никаква врска ни со критериуми за членство ни со европски вредности) и од што уште треба да се откажеме за да ни стане јасно дека е ова нежен европски геноцид – без никаква намера за зачленување на она што се нарекува Северна Македонија! Во интелектуалната сфера има и новоразбудени Трнорушки, кои дури сега, три години подоцна, го кажуваат она на што предупредувавме: Преспанскиот договор е само за влез во НАТО, ЕУ во „друг филм“! Општото будење од колективната хипноза очекувам да биде скоро и многу болно: нема принц да ја бакне северномакедонската убавица, туку сиромаштијата со цунами од поскапувања ќе ни ги одмили бајките (освен можеби онаа за „Девојчето со кибритчиња“).
Комплицираната врска што ЕУ ја одржува со своите конкубини на Балканот е мотивирана од геополитички причини, се разбира! Така, овие зависни партнери/партнерки не смеат да земаат кинески кредити, не смеат да се поврзат енергетски или економски со Русија, блиски врски не се пожелни ни од други регионални актери, а воените врски со САД се прогледуваат низ прсти (затоа што ЕУ не е способна ни самата да се ослободи од нив). Автократските тенденции на т.н. Западен Балкан се, исто така, последица на толерирањето на стабилитократиите и автократите, кои се пожелни сè додека не го менуваат курсот на прозападната политика. Затоа, оние извештаи, тапкањето по рамо и наградите за мир и демократија можете да ги врзете за опашката на мачката – тоа никаде веќе не минува! Тоа е дел на фарсата за вљубениот пар, знаете како кога (економски и социјално) зависната сопруга го трпи сопругот „заради децата“ и заради егзистенцијата. Затоа, Зоран Заев на локални избори, но и на повеќе други места, може да го покажува „стапот“ (да го употребам изразот на еден познат уредник од неговата жестока колумна) – ама само пред локалната публика (која уште и му ракоплеска!). Тој е претставник на „онаа страна“ во другиот сложен однос со ЕУ, затоа таму не само што не покажува стап туку и фактички го нема – кастриран е. Впрочем, како и другите политички лидери што како папагали речиси 30 години мантраат за ЕУ… Никој од нив нема ни стап ни ’рбет, па ни среден прст да го покаже и да сврти друг лист во надворешната, ама и внатрешната политика.
За волја на вистината, центарот на моќта во ЕУ слично се однесува и кон другите сиромашни и некадарни земји од сопствената фамилија. Зарем може да се заборави третманот на Грција во 2015 година, кога безмилосно ѝ го скршија ’рбетот и социјално, и економски, и политички. Во однос на другите (сега бивши) колонии, Макрон неодамна ни демонстрираше дека Бугарија не е сама. Пред само една недела тој го доведе во прашање постоењето на алжирската нација пред колонијалната ера. Притоа, порача дека „официјалната историја“ била целосно ревидирана и не се заснова на вистини, туку на дискурс на омраза кон Франција. Ви звучи познато? Националистите и империјалистите се многу слични едни на други, иако оние што ги копираат (како жабата коњот) можат да бидат и смешни – но последиците за послабите страни се речиси еднакви. Алжир го повлече својот амбасадор од Париз и забрани прелет на француските авиони над територијата на земјата; Македонија нема ни кого да повлече ни што да забрани. Дури има и специјален пратеник, а Бујар Османи е убеден дека до декември ќе ги задоволиме и Бугарите (по Грците, ни станува навика, зар не?).
Свесна сум дека на секоја моја критика на ЕУ доаѓа лавина реакции кај еврофилите, кои обично велат дека само критикувам без да понудам визија. Нешто слично ме праша и младата Чупеска како модераторка на собирот на МАНУ: побара решение за „идеално општество“ (цитирам). Но поентата е утната, бидејќи за тоа се платени политичките елити, вождовите што ги гласате, тие имаат легитимитет за водење на државата. Јас сум платена да бидам научник и со нозе цврсто на земја да анализирам и да антиципирам! Досега сè што имам напишано и прогнозирано, за жал, излегло вистинито. Вклучувајќи и дека со Преспа не влегуваме во НАСА, туку сме како паднати од Марс. Политиката и науката се два света – освен кога не се (т.е. се во некомплицирана и нечесна) врска за заемна полза. Нападите врз научниците дека се „политички неодговорни“ со своите аргументи со кои ја деконструираат лажгата, или дека не нудат визија, се во стилот на она „убиј го оној што ја носи пораката“ – тој е виновен, а не оние што довеле до ова дереџе! Ќе ми простите што колумната ја посветувам на нешто што конзистентно го повторувам со години, а не за празникот, не за Денот на востанието, не за македонизмот. Не ми се зборува ниту за локалните избори, во кои битката наликува на она кога со аспирин или ханзапласт се обидуваш да залечиш длабоко растурено општество. Понекогаш дури ми е и страв гласно да прогнозирам, бидејќи и мене ми е тешко со она што е извесна иднина, веќе навестена со социоекономскиот колапс што ни чука на врата, со енергетската криза, со сето она за што оние на Брдо кај Крањ или во скопските вили и резиденции ниту имаат идеја ниту решенија. Најмногу болат неморалот и отсуството на етика, емпатија и чувство на одговорност за сите жртви на овој режим, завиткан во скинатото знаме на ЕУ со 12 ѕвездички.
Ако пораснавте и почнавте да сфаќате дека Дедо Мраз не постои, а ЕУ нема намера да се проширува во скора иднина, време е да се свртиме кон себе и кон сите недовршени работи, недоветност, насилство, корупција, нечистотија, но и политички простотилак, во кој „стапот“ ни беше покажан на 30 септември пред цели три години. За нефункционална врска во која ве влечат за нос и ве лажат и понижуваат излезот е јасен: направете ја едноставна! Откачете се од (нежниот) насилник и гледајте напред, ама и околу себе. Решението е тука и не бара чуда. Освен ако не продолжиме да се однесуваме како будниот, кој се преправа дека спие и сонува европски соништа.