Историскиот ревизионизам, т.е. менувањето на историските факти, пишување историски верзии во согласност со сопствените интереси и измислување наративи за оправдување на сторените злосторства, не е нова појава. Тоа е темелот на западните (или некогаш нарекувани големите) сили, уште во времето кога САД не беа дел од нив. Всушност, наративот за историјата на Западот и не е толку нов, бидејќи започнува да се гради уште во времето на колонијалните освојувања, грабежот и геноцидот извршен на неколку континенти. Не случајно освојувачите на „новиот свет“ морале да го избришат постоењето на таму затекнатите цивилизации или барем да го покажат како примитивно и варварско. Обично се мисли дека тоа главно се однесува на Британската Империја, како и на другите европски колонијални сили, кои тргнале да го откриваат светот (небаре тој не би постоел ако тие не го „откриеле“ и направеле своја колонија). Малкумина денес ќе кажат дека САД се изградени врз море од крв и земја на затрупани костури на домородното население, истребено низ геноцид, изгладнување или покорување (затворање во гета). Мнозина од нас растеа со јунаците од филмовите познати како „вестерни“, во кои каубојските херои се бореа „јуначки“ со „Индијанците“. Токму филмската индустрија, стриповите и сличните медиумски и артистички поставки ја всадија идејата за добрите и невини (вредни) бели луѓе што се сретнале со дивјаци, кои во „самоодбрана“ морале да ги истребат за да го создадат својот „американски сон“. Богатството и на Западот е крваво – стекнато со воени експедиции, трговија со робови, експлоатација на природни ресурси, заграбување територии и население. Со текот на времето и појавата на меѓународното право, оваа практика мораше да се модернизира, но и натаму наместо покајување, таа се прикажува како добротворна дејност кон неразвиените. Накратко, како цивилизаторска мисија…
Првобитната акумулација на капиталот и првата индустриска револуција навистина доведоа до невиден технички и потоа технолошки развој. Робовите останаа робови (поточно, работници), а белите господари – најбогати луѓе на светот. Сега, до четвртата индустриска револуција и тие се изретчија, па зборуваме за 1 отсто од светската популација што владее со преостанатите 99 отсто. Европа и САД никогаш не се откажаа од приказната за својата наводна „супериорност“ (политичка, вредносна, економска, технолошка, но и воена). Затоа цврсто се држат до политиката на заборав (на сопствените злосторства) и крадат туѓи победи (како сегашното бришење на фактот дека победата над нацизмот најмногу се должи на руската/советската храброст). Но тоа како да не им е доволно во новата геополитичка констелација, во која грчевито се борат за доминација над силите што постепено се поткреваат и престануваат да се согласуваат со поданичката положба.
Два историски настана најмногу помогнаа да падне превезот на лагите ткаен низ годините: Украина и Газа! Патем, Денот на сеќавање на жртвите на холокаустот е денот кога Црвената армија го ослободува Аушвиц. Иронично, но вистинито: на патот кон Аушвиц Русите морале да се борат против украинската 14-та галициска Вафен СС-бригада под водство на Химлер. Споменикот на украинскиот колаборатор Стеван Бандера денес „гордо“ стои среде Украина, а ООН одбива да ја усвои резолуцијата за осуда на неонацизмот.
Колку е незгодно сега да се зборува за ова, зарем не? Путин е сега Хитлер, нели? (А Украина ќе ни помагала на патот кон ЕУ!). Прокси војната на САД и НАТО во Украина требаше да ја покаже „варварската“ и незападна природа на рускиот народ (Украинците одамна веќе се сметаа за свои, докажани западни сојузници, а особено од 2014 година, кога во оваа земја почна и рехабилитацијата на нацистите, колабораторите и истребувачите на еврејската и друга словенска популација). Спомнување на „бандератизмот“ е табу-тема; Бандера е веќе вграден во учебниците како борец за слобода, а не како воен злосторник. Тешко е да се заборави сцената од канадскиот парламент во кој со овации беше поздравен еден украински учесник на Втората светска војна, за кој потоа се покажа дека се борел со униформа на нацистичката страна. Но и тоа се забошоти и заборави. Геноцидот во Газа, се разбира, не започна на 7 октомври 2023 година – но палестинската историја е исто така табу-тема. Но во стварноста не може сè да се закопа и фалсификува, дури и ако се употребат методите од Орвеловата „1984“. Прво, навидум без никаква потреба, беше поведена иницијатива за донесување резолуција за осуда на геноцидот во Сребреница (во 2024 година), иако Хашкиот трибунал веќе има донесено пресуди и каква-таква правда за жртвите. Но геополитичкиот момент не смееше да се пропушти. Додека деца умираа во пеколни маки во Газа, финиот западен свет (вклучувајќи ги и балканските држави, па и Македонија) осуди геноцид од пред три децении. Пред тековниот мижеа и молчеа.
Но дојде и 80-годишнината од ослободувањето на Аушвиц-Биркенау. Бесрамно и бескрупулозно, историските факти беа избришани со лажните солзи на оние што сакаа да ја покажат својата хуманост над милиони луѓе убиени со индустриска педантност и ревност. Се чини, германските и полските солзи беа најкрупни, а следуваа американските и многу други. Меѓу нив и луѓе на кои расизмот и геноцидот не им се ни туѓи ни одвратни – ако се однесуваат на неевреи. Ослободувањето на Аушвиц го славеа претставници на нации што немаат врска со неговото ослободување, ама и тоа како имаат врска со геноцидот во Газа и со поттикнувањето на случувањата од Евромајдан 2014. Тоа што на руска делегација не ѝ беше дозволено да го посети Аушвиц, местото што беше ослободено од војниците на Црвената армија, се оправдуваше со украинската војна. Но тој изговор тешко минува (нели, веќе и мировен план има Трамп за запирање на војната?). Западот (и она што е денес ЕУ) перфидно со години прво го украдоа Денот на победата над фашизмот (9 Мај) прогласувајќи го за Ден на Европа. За жал, нашата историја е веќе во партали престорена, па не ги одбележуваме настаните за кои гинеа и нашите партизани. Всушност, ние ги ревидираме и спомениците на паднатите борци, 9 Мај го славиме во седиштето на Делегацијата на ЕУ или низ некакви НВО-манифестации на кои не се зборува за неофашизмот, туку за европеизмот.
Денес дури и не може да се каже дека Западот живее во духот на „двојната мисла“ (doublethought на Орвел) – т.е. со способноста истовремено да поддржи две контрадикторни уверувања и двете да ги смета за вистинити. Не, тој сака Русите (Советите) и Црвената армија да не постојат, да станат non persons. Трамп веќе зборува дека САД ја ослободиле Европа од Хитлер, а Русите „само“ помагале!!! Без жртвата на рускиот народ (кој страдаше најдолго и најмногубројно, и со воени и со цивилни жртви), Европа денес ќе беше фашистички рај. Југословенските партизани (т.е. припадниците на КПЈ) не случајно ја почнаа ослободителната војна против надмоќната фашистичка орда толку рано, речиси неподготвени, на 4 јули 1941 година, за да помогнат дел од силите што ќе одеа на Москва да се префрлат на новиот фронт. И успеаја! Со огромна жртва од над 800 илјади жртви. Македонците дадоа 20.000 сина и ќерки во таа битка. Посебна сол на рана е фактот што една Бугарија нè уценува и бара да си ја ревидираме и избришеме сопствената историја, а нив да ги рехабилитираме како „администратори“, а не окупатори. Музејот на холокаустот во Скопје доволно зборува и за нивното учество во депортацијата на Евреите од Македонија во логорите на смртта. Но ние молчиме, траеме, слушаме и помагаме неоколонијализам и неофашизам. Се откажавме и од своите предци.
Но која е најголемата последица од ваквата кражба на историјата од Втората светска војна? Зошто им е таа важна на западните лидери? Одговорот е едноставен: нацизмот и фашизмот се родија во утробата на европскиот капитализам! Тие се капиталистички чеда или, поточно, империјалистички. Тие се (за жал) нормален продукт на милитаризмот и хиперкапитализмот, кој не може да живее без војни и грабеж и експлоатација… Од споменот за Аушвиц е избришана не само Црвената армија (ослободителите и оние што стигнаа до Берлин за да ја завршат војната). Не, оваа ревизија има за цел ревизија на вистинската природа на канибалистичкиот хиперимперијализам чии последици ги гледаме денес не само во Газа.
„Мировникот“ Трамп на пример има намера да го купи (од Данска) Гренланд – сосе територија и население! Чиста трансакција! И уште вели дека е тоа подобро од војување. Тој не сака војни – тој сака покорност и прифаќање поткуп и колаборација. За Газа веќе има план како да ја очисти „таа убава земја“ – скиците од луксузни градби и ресорти веќе кружат во бизнис-светот. Палестинците? Па, тие можат да одат по ѓ…., пардон каде сакаат (Египет, Јордан, Индонезија…). И тој геноцид не е нивен. Едноставно, се случил. А Израел е изграден врз грабеж, крв и коски, како и врз длабоките корења на маслиновите дрвја на таа древна земја. На Западот му треба бришење на сета меморија, му треба нова и постара верзија на неговиот успех и цивилизаторска мисија низ светот (како оној луд генерал што додека го гранатираше Дубровник велеше дека ќе изградат поубав и постар Дубровник).
На хиперимперијализмот како највисока фаза на капитализмот му нема лек. Или тој или ние, како човештво: дилемата е едноставна. Овој режим што тврди дека е најдобриот во историјата не може да се поправи, но наоѓа начини да преживее. Тој е шампион во метаморфоза, па и историска , ама не може да се реинституционализира или хуманизира. Тој е метастазиран и гнил, крвожеден – особено кога нуди „чистење“ и трансакции.