…„Една земја на југот, многумина сe обидуваат одново да ја уништат. Преку неа ќе се кршат многу копја. Заради неа народ е подготвен да војува. Жителите на таа земја неколкупати ќе бидат пред тотално уништување, но кога ќе минат тие премрежиња, војни и војувања, таа земја одново ќе се роди, а неа ќе ја води човек што отпрвин ќе биде омразен, а потоа сакан и почитуван. Таа земја многумина нема да ја сакаат и ќе се обидат да ја уништат на секој можен начин. Таму многу луѓе се алчни заради многу вредни и драгоцени работи, историски факти за што многу крв ќе биде пролеана. Во таа земја се имаат случено многу војни во минатото. На крајот таа земја ќе допре до самиот Бог и ќе биде почитувана од сиот свет“ – слови ракописано пророштво од древните книги.
Со свесно и смислено посегање и буричкање во историјата, со нескриени официјални деструктивни акции, координирани и потпомогнати од насилната и неодговорна политика на Унијата и големите сили и нашите ни мили соседи, без пардон и усул одново се прават обиди за разнебитување на македонскиот реалитет, негово пасивизирање и перфидно вплеткување во божемни демократски лавиринти транснационални текови. Повторно бочни удари однадвор, но и однатре, врз македонското достоинство што го отежнува одржувањето на нашата идентитетска критичка самосвест.
Децении притисоци, закани и бременити ситуации во кои апсурдот ја има својата главна, суштинска улога, и ни трага од извесноста, за доближување до претпоставката за скоро завршување на траумите, спор за името, јазикот, идентитетот.
И еве сме во среќна Нова 2024 година, живи и здрави во тешкото оро на македонската „хиперсвадба“, во уште едно историско премреже, со мелодрамски сцени во еден вековен историски драмски набој, заплет и перипетии.
Некој ќе помисли и рече дека со ваквите наоди, размисли и писанија се подгрева клима за епската тема, според која како по правило сме колатерална жртва на големите стратегии, нови заговори против нас опасни становишта, вруток на нови илузии и митологии.
А ние само се обидуваме да го одбраниме нашето универзално право да останеме тоа што сме и кај што сме. Не загрозуваме никого и не му7 крадеме историја никому. Ќе ги славиме сите личности и настани што на кој било начин нѐ поврзуваат само откако ќе сфатат и прифатат дека ние сме Македонци, со свој јазик, духовно наследство, историја, обичаи, песни, мирно племе, кое бара место под сонцето со милениуми и на своја почва.
Но историскиот развој на македонскиот национален дух и идентитет, и покрај премрежињата, мистичните лавиринти, сцили и харибди, пронаоѓа начини да се штити, крепи и одржи, среде виорот на антимакедонските стратегии, приспособувајќи се на невремињата на Балканот, со константни манифестации
на својата енергија преку востанија и борба против непријателите. А денес, четврт столетие од нашата современа форма на држава, закрепнува нов стадиум на историскиот развиток на нашата Македонија, преку изблици на новата самосвест на Македонците. Новите Македонци којзнае по кој пат ги поразија антимакедонски Македонци, со презир отфрлајќи ги во најоддалечените ѓубришта на својата автентична и отсекогаш единствено посакувана визија за Македонија.
Словенскиот карактер на современата македонска нација и јазик од некои внатрешни и надворешни кругови упорно се нудеше како претпоставена рамка и главна основа за заеднички прифатливи решенија меѓу Република Македонија – „фантомската, коминтерновска“ творба и соседите. Истата стара приказна и бајата епска реторика.
Да, така некако. Сега за сега, како и во минатото, луѓе ја пишуваат историјата. А тие, како што знаеме, се смртни и лесно расипливи. Интересот и властољубието лесно може да ги наговорат за соодветни верзии на митологии. Од такви соображенија всушност започнаа голем број недоразбирања, толкувања, крвави безредија и воени дејства на Ридестиот Балкан во поново време. Повторно се подгрева клима за епската тема. И понатаму сме колатерална жртва на големите стратегии, нови заговори против нас опасни становишта, вруток на нови илузии и митологии.
Но од историското депо, изминативе плурални лета, некако срамежливо и скромно започнува да извира една малку поинаква и тивка историја. Од подземните пребогати архиви и историски депоа почна да се откопува и наѕира една скриена и со векови премолчувана цивилизација, која до пред извесно време беше настрана изговарана со шепот.
Нашиот сегашен (вистински) идентитет останува ист, непроменет во текот на историјата и секогаш достоинствено испливува од под малтерот и од под густите идентитетски наслаги, премачкувања, прекрстувања, илузии, притисоци, промени на личниот опис во кафезот на геополитичките и историските неправди… Mакедонскиот народ е горд на своето славно минато, чувствува огромна љубов за својата родна земја, која го инспирира и поттикнува во континуитетот на борбата за заслуженото место под сонцето на светските народи.
А историјата? Таа често знае да биде збир на индивидуални митологии и прикази скурдепсани во тврд луксузен повез и како аргументација да се користи за извесни и неизвесни перфидни интереси. Но, и покрај благородниот напор за „објективност“, таа секогаш останува книжевна измислица и ја претставува третата димензија на фикцијата.