- Не можам да останам рамнодушен кога на национален јавен сервис на соседна држава се емитува програма што со намера и перфидност ја србизира македонската историја, прикажувајќи го македонскиот народ како некаква историска подгрупа или етнографска сенка
Автор: Благоја Шундовски
По природа не сум бунтовник без причина. Не сум човек што ќе реагира на секојдневни ситници или празни провокации. Но кога ќе видам како некој со леснотија ја искривува вистината, ја потиснува правдата или, што е уште потешко, ја прекројува историјата – тогаш, да, знам да „запалам“. Историјата не ми е професија. Не сум историчар, ниту академик. Ја знам онолку колку што треба за да можам со разбирање да разговарам со луѓе што се занимаваат со неа научно – луѓе што се членови на академски институции, со титули и кредибилитет. Но, како и секој свесен граѓанин, ја следам јавната сцена и внимавам кога некој се обидува да ја редефинира вистината под превезот на „документарна објективност“.
Последен пример за тоа е емисијата „Брсјаците – заборавено српско племе“, емитувана на РТС (Радио-телевизија Србија) во рамките на „Квадратурата на кругот“. Не можам да останам рамнодушен кога на национален јавен сервис на соседна држава се емитува програма што со намера и перфидност ја србизира македонската историја, прикажувајќи го македонскиот народ како некаква историска подгрупа или етнографска сенка.
Згрозен сум не само од уредништвото на емисијата туку и од уредувачката политика што дозволува јавен сервис од соседна држава да шири искривени „вистини“ со „факти“ на божемни експерти, чие единствено научно занимање изгледа е да ја преобојуваат етничката припадност на Брсјаците. Она што особено ми пречи, ме резигнира, а ако сакате – и ме инспирира за оваа реакција, се речникот и изборот на автентичните снимки од нашето демирхисарско село Железнец, во чија историја, уште од античко време, е вградено и името на нашата општина и градот Демир Хисар. Старото име на Железнец е токму тоа – село Демир Хисар.
Затоа, со право се прашувам: води ли сметка некој – на пример, државата – да се спречи гостопримливоста кон вакви недобронамерници, кои сквернават значаен дел од нашата национална историја? Или, во име на „демократијата“, ќе продолжиме пред светот да се промовираме како село без кучиња, во кое секој може да влезе, да сними, да искриви и да си замине неказнето?
Да потсетам: Брсјачката буна, позната и како Демирхисарски заговор, е настан што се случил пред речиси 145 години – херојско, но крваво поглавје во нашата револуционерна историја. За жал, иако заслужува широко научно и општествено внимание, таа и денес останува речиси непроучена.
Пред повеќе од десет години (2013) имав чест да бидам иницијатор на првата научна трибина под наслов „Брсјачка буна, Демирхисарско востание или Демирхисарски заговор“, која се одржа благодарение на поддршката на тогашниот градоначалник Љупчо Блажевски. На трибината учествуваа повеќе од дваесет еминентни историчари – единствен обид досега државата да покаже интерес за овој настан.
Токму затоа денес, кога гледаме како некои други ги користат нашите историски празнини и незаинтересираност за да присвојат делови од нашето минато, мора да си поставиме прашање: до кога ќе им ја оставаме нашата историја на туѓи интерпретации?
Нашата ноншаланција и тивка рамнодушност се нивната најголема сила. Додека ние молчиме, тие пишуваат „нови“ приказни во кои нашите предци се губат, а нашите подвизи се преименуваат. Историјата не се продава, ниту подарува. Таа се брани – со знаење, со вистина и со достоинство.
































