Еве сум назад од Кина, или поточно – назад од една друга планета, друга димензија на просторот и времето. Со денови, а и сега додека ги пишувам овие зборови, се опоменувам да не потпаднам под првите силни впечатоци од првата средба со една прекрасна земја, која е преголема и пресложена за да се сфати и разбере од читање или само од една посета. Уште за време на престојот впечатоците се роеја со таква брзина што мислев дека собирам материјал за многу колумни. Сега кога сум свесна дека идната колумна ќе се совпадне со крвавиот 7 октомври, односно со почетокот на крвавата драма што се претвори во геноцид што светиот го гледа со очи ширум затворени, морам да ја скратам приказната. Оние што ја читале Перл Бак ќе се сетат дека насловот на колумната е позајмен од нејзината прва книга посветена на Кина (една семејна приказна што се одвива под влијание и со мешање на источните и западните влијанија). Но Кина на Перл Бак и оваа денес се земји што е тешко да се поврзат. Затоа, денешна Кина заслужува сосема поинаков пристап и должна почит за сето она што самата го има постигнато со силата и волјата на својот вреден народ.
Но минатонеделниот свечен прием на амбасадата во Скопје по повод нивниот најголем државен празник (1 октомври), а кој годинава одбележува 75-годишен јубилеј од основањето на НР Кина, покажа дека ние или сме недоветни (како држава) или не сме свесни за почитта што ја заслужува оваа голема држава (намерно не велам голема сила, бидејќи таа не се однесува империјалистички). Да се нема елементарна државничка и дипломатска култура, да не се појават барем неколкумина државни претставници, макар и од чиста куртоазија – тоа е срам за Македонија. Ова не е мој впечаток, туку на оние новинари што се појавија на приемот и како гости и како професионалци. Да, тој ден на гости ни дојде Орбан, претседателката се бореше за нашите евроинтеграции во ООН (небаре е среде Европскиот парламент или Совет), албанските претставници си беа на некакви екскурзии на кои се сликаа исклучиво до албанското (државно) знаме – но од толкава влада можеше да се очекува некакво присуство. За волја на вистината, и од дипломатскиот кор беа присутни амбасадори од земји што можете да ги изборите на помалку од десет прсти. Патем, вакви свечености беа организирани во сите земји во кои НР Кина има амбасади, па можев да ги споредам со моите колеги и пријатели. Верувајте, ние сме „шампиони“ во срамот.
Да се вратам јас на она што го доживеав. Тешко е да го раскажам во една колумна, бидејќи впечатоците се многубројни, а и сè уште ферментираат. Ќе се обидам накратко да ги сублимирам најважните нешта што ги забележав и научив. Ајде да почнам од крајот: на заминување пред хотелот нè испрати кинескиот колега, кому сите му заблагодарувавме на беспрекорната меѓународна конференција за мирот во 21 век (претставници од над 80 земји и 140 институции).
Јас лично му кажав дека најтрогателното нешто што ќе го понесам со себе е односот кон повозрасните и грижата за нив, кои ги гледав на секој чекор (можеби затоа што стареам и тоа ми е една лична преокупација). Неговиот одговор беше: Но, знаете, ние сме комунисти, а името на идеологијата доаѓа од комуна (заедница). Заедницата е таа што е важна за секој поединец, во неа растат и се воспитуваат младите на начин на кој потоа ќе им возвратат на постарите, и така во круг). Ќе се расплачев уште еднаш (да, таму повремено се фаќав во таква длабока емотивност, како да ми се враќаа спомени од едни времиња во кои и ние се почитувавме и сакавме себе и светот), па се утешив: и јас сум комунистка, иако комуната ми ја уништија и сега ми ветуваат индивидуализам. Поентата е дека Кина гради општество/заедница верувајќи дека таа е базата од која израснуваат добри и среќни луѓе, а не обратно. Западот верува во поединецот и неговиот примат; евентуално, доблесните и храбрите ќе се борат да создадат заедница, ама поединецот останува поединец. Овој мој најсилен впечаток се должи на посетата на резиденцијални објекти (урбани и рурални) во кои гледате колку се луѓето сплотени. Покрај детските градинки и училишни дворови има објекти за дневен престој и дружење на постарите. Јас повитални и понасмеани ликови не сум видела со децении. Во една просторија изработуваат украсни предмети (кинеската естетика и љубов кон убавото е неопислива), во друга работат на калиграфија, во трета пеат, во четврта има библиотека, во петта играат карти итн.
Кинеските градови (видов три „помали“, односно секој со жители колку пет Македонии) имаат огромни булевари, облакодери слични на оние во Дубаи, а сепак се како збир на мали ботанички градини. Ако мислевте дека Швајцарија или Германија се најчистите места на светот, не сте биле во Кина. Секој детаљ е проткаен со грижа за природата и почит за естетиката. Луѓето се секогаш со насмевка и подготвени да помогнат иако сте странец (паднат од Марс). Тој однос на скромност, ненаметливост, љубезност и смиреност ве изненадува, па дури и „вознемирува“, особено ако доаѓате од несредена држава во која секој секому му е волк, секој секого го мрази или го гледа низ нишан.
Конференцијата се занимаваше со сериозните прашања на светскиот мир, но кинеските домаќини низ пракса ни покажаа како тие го разбрале и негуваат внатрешниот и би рекле позитивниот мир: низ труд, развој, грижа еден за друг, можности за развој на младите и почит за старите. Оваа земја ја нашла волшебната формула на спој на древните цивилизации, филозофии (на мир) и градби со развојот на технологијата од која „боли глава“. Како левичар втората (најважна) работа што ме трогна беше односот кон поблиското минато (ова што го слават како 75-годишна борба за изградба на модерната кинеска држава). Нема тука прикривање на фактот дека почнале од страшна беда и глад, неразвиеност и повоени страдања. Напротив, секое ново достигнување, успешна компанија или фабрика (во која работниците само ги надгледуваат хипермодерните роботизирани машини) го нагласува периодот на тешка/вредна работа.
Таквата почит кон трудот е тешко да ја разберете ако живеете во земја во која фраери и успешни луѓе се ајдуци, неписмени, измамници и шверцери. Како постара, во себе како да ги слушав звуците на старата песна од „она време кога ние бевме Кина (или Америка)“: да ни живее трудот (да нам живи, живи рад – во оригинал). Фирмите се и мали музеи низ кои секојдневно се потсетуваат од каде тргнале и каде стигнале и кон што се стремат. Во Кина има и висока класа на богати луѓе, не е ова бескласно општество, но фактот дека за помалку од 30 години создале средна класа и благосостојба за над 400 милиони луѓе (приближно целата популација на ЕУ, ама заедно со богати и сиромашни) е успех за себе. Притоа, Кина не дели памет, не уценува, не бара другите да го прифатат нејзиниот модел, но на едно место прочитав парола „ние го држиме клучот за остварување на кинескиот сон“. Тоа го разбрав како пандан на онаа приказна што уште се врти кај нас за „американскиот сон“: знаете, од стриповите учевме за дедо Бајо на Дизни, кој од четврт долар станал милионер – и циција што ужива во својот успех.
Дојдов до крајот на просторот за колумна, а уште не сум кажала ни стотинка од она што го видов и доживеав. Кина е земја што заслужува истражувања, но ние немаме ниту стратегиски ниту културни центри за истражување на мултиполарниот свет, за другите цивилизации и погледи на свет. Ние сме како експериментални глувчиња, кои веруваат дека западниот кафез е сета среќа на светот. А Кина? Дури и ако ја игнорираме, таа е веќе во друга временска димензија. Димензија за која дури и не знаеме како да сонуваме. Она што го знам, сепак, е дека таму имаме пријатели и насмеани лица со подадена рака за соработка. Сите фрази за „малигни и малициозни влијанија“ на фактчекерите (кои така ќе ја класифицираат и мојата колумна) се навистина злонамерни, ама кон Кина – која ни крива ни должна сакаат да ја гледаме како непријател. На лично ниво, средбата со Кина кај мене ја распука закоравената лушпа со која сум ги оковала срцето и сеќавањата на едно бившо време во кое и ние бевме добри луѓе, кои сакаа мир и дома и надвор, кои знаеја што е сиромаштија и борба за подобро утре, кои беа солидарни со Палестина и обесправените, а не сојузници на империјалистите. Ете, оваа средба со комунистичка Кина ме врати децении назад и ми ја отвори стерната на емоции кон една земја што чекореше напред. Земја што еднаш беше – а сега е мртва. На нејзините посмртни останки градиме себичен свет заснован на неработење, на непочитување ни млади ни стари, а најмалку на самите себе.
Среќен роденден, НР Кина! Сте стигнале where no one has gone before, да ја употребам фразата од познатата серија „Ѕвездени патеки“, чие дејство се случува во 24 век, во кој нема војни, нема глад, нема пари, нема сиромаштија на духот и на телото.