Иран – левијатан во фармерки

Единствен начин да се „реши“ иранскиот проблем е однатре – „сириски синдром“, што мене ми изгледа извесен. Има многу фракции, верски и етнички групации во Иран, а правата на човекот и жените се катастрофални (сетете се на побуната во 2022 година). Добро е ако се вратат преговорите, но Иранците се упорни во инсистирањето на „нуклеаризацијата“ (упорност на апсурдот – „Зеленски синдром“)

Многу интересно. Гротескно. Иран е нападнат. Денес е петок 13 – незгоден датум нели? Се разбудив испотресен со веста за бомбардирањето на Иран, не поради страв од сопствена смрт (тоа почнува да ми биде јасно на стари години), туку за светот. Си реков – ете го армагедон, до тука е! Хммммм… интересна игра. Неолибералите и постлибералите се вистински уметници за игри. Значи рој од дронови, шверцувани длабоко во иранска територија ги напаѓаат Натанц и дел од Техеран, а Исфахан – ништо. Драги читатели, ова е едно големо ништо. Нека ми извинат моите браќа Израелци, навистина ме исплашија до смрт со овој спектакуларен „циркус“, бидејќи таму (во Израел) ми е фамилијата, а и многу драги пријатели. Прво – Исфахан, велат значаен нуклеарен центар – но нема успех. Има две причини за „неуспехот“. Пред сѐ постои можност дека содржи ураниум и вистински погодок би направил еколошка катастрофа во регионот (сетете се на Чернобил), па затоа не го ни гаѓале или намерно го промашиле. Второ, не е користено вистинското оружје. Што се однесува до Натанц, погоден е, но нема зрачење. Значи, или нема ураниум или е многу длабоко. Таков објект се прави многу длабоко, над стотина метри во најнови времиња, заштитен со секакви материјали. Значи, за разорување ваков објект, потребен е хиперсоничен проектил, како на пример „орешник“ или еквивалент ако постои (можеби „дарк игл“ – ЛРХВ, „локид мартин“). Ниту Израел, ниту Европа имаат таков проектил. Дроновите се само играчки за таа работа. Наводно го уништиле електричниот систем, но – извинете – тоа е ништо. Има други видови оружја што не доаѓаат предвид сега. А може да се направи и диверзија однатре – ама тоа сега не е направено. Е па, што е направено? Убиени се неколку важни воени раководители (Хосеин Салами, командант на Исламската револуционерна гарда, и генерал Мохамед Багери, шеф на воениот кабинет). Убиени се и неколку нуклеарни инженери. Секако, тие се заменливи, „како конфекција“, ама не е сеедно.

Тоа што е важно е дека Израел им кажува „можам да ликвидирам кого сакам, каде и да е“…, а тоа не е баш сеедно. Исто така, има многу повредени цивили. Ми паѓа во очи дека не го гаѓаат ајатолахот. Значи, тој е потребен во играта. Од друга страна, Шестата флота (на САД) е позиционирана, а дали и седмата ќе се приклучи, зависи од повеќе фактори (финансиски, стратешки, односи со Русија, Европа итн.). Претседателот Трамп е поддржувач на Израел, но го чекаат други немири од мигранти и џихадисти кај себе. Наводно претходно рекол дека ќе испрати мигранти во Србија и Хрватска. Велат дека претседателот на Иран, Пезешкиан, има полиберални ставови во однос на жените, човековите права и Исламската револуционерна гарда. Сепак, „не верувај им на Данајците и дарови кога носат“.
Идните избори во Израел се во октомври 2026 година. Нетанјаху со ова ќе си ги зголеми шансите, кои инаку беа опаднати пред тоа. За жал, не гледам сериозен кандидат што би можел да го замени. Неоспорен е одговор на Иран – веќе тоа се случува и има повредени во Тел Авив, Рамат Ган и во Ерусалим (зарем муслимани гаѓаат свет град) – а тоа е тригер за ескалаторна спирала. Тоа се случува интензивно додека пишувам (Моника Алба рапорт). Формациите што му се сојузници на Иран („прокси“) не се во состојба сериозно да интервенираат, но ќе пробаат. Борбата ќе трае. Жално, ќе има мртви.
Забележувате дека Европа, а и арапските земји иако вербално го напаѓаат Израел, тоа е некако „млако“, со „свилени ракавици“. Обединетите нации (што беше тоа?)… гледате не се фактор. Антисемитизмот е „жежок“ во западниот и целиот свет и не е ништо ново. Ова ќе биде само изговор за негово постоење. И во ЕУ се плашат од џихадизмот, кој е поопасен од антисемитизмот и им е влезен во универзитетите, владите и спалните. До коска се уплашени.

Сепак главен фактор во играта сега е Русија. Таа може да го издигне Иран (оружје, ураниум, бази, економски) или да го сотре. На крајот, повторно важи руската теза – дека на маса треба да седнат Трамп и Путин. И само тие

Се сеќавате на кралот Хусеин, кој си имаше проблем со Палестинците? Зошто никој не сака да ги прими Палестинците, а сите лажно и лицемерно плачат и цимолкаат за нивната несреќа? Па ќе им се свртат и погазат. Ердоган урла, мислиш утре ќе го нападне Израел. А всушност најголем страв на Ердоган и Турција е Иран. Иран е најголем конкурент за доминација врз исламскиот свет во Африка, Азија и насекаде, а тоа ниту Турција, ниту Западот го сакаат. Дури и џихадистите кај нас се плашат од џихадистите. Како тоа? Па ако надворешните џихадисти влезат овде, прво ќе ги сотрат внатрешните џихадисти. Потоа и другите. Не грижете се, тоа веќе се случи во Босна, па дури и Косово. За нарко, градежните и други мафии да не зборуваме сега. И Кина некако чудно мирно седи на страна. Таа игра со инвестиции. Од друга страна, Кина има огромен проблем со исламскиот фундаментализам внатре. За сето тоа многу се молчи и кај нас и во светот.
И што ќе биде? За жал, единствен начин да се „реши“ иранскиот проблем е однатре – „сириски синдром“, што мене ми изгледа извесен. Има многу фракции, верски и етнички групации во Иран, а правата на човекот и жените се катастрофални (сетете се на побуната во 2022 година). Добро е ако се вратат преговорите, но Иранците се упорни во инсистирање на „нуклеаризацијата“ (упорност на апсурдот – „Зеленски синдром“). Од воен аспект има три можни степени: првиот е сега, со фокални бомбардирања. Вториот е со масовни бомбардирања и нови ракетни технологии. Трет степен е бомбардирање нафтени и гасни извори. Четврти степен е нуклеарно оружје, што мислам ќе се избегне.

Ловејќи ги воените лидери и научниците, Израел со „дронизација“ може да направи втора Газа, или повеќе такви. Од друга страна, за жал, играта наречена „џихадизам“ нема врска со народите на исламот. Џихадизмот (различен од оној користен во средниот век за одбрана) го измислија безбедносните служби на Западот, а сега сите манипулираат со него, а тој како бумеранг им се удира од глава. Тој во Иран отиде малку предалеку, со игрите од седумдесеттите години (меѓу Америка, Франција, неврзаните, остатоците од нацизмот, династичките конфликти и земјотресните трагедии) и сега тој некако треба да се демонтира. Според мене, сепак главен фактор во играта сега е Русија. Таа може да го издигне Иран (оружје, ураниум, бази, економски) или да го сотре. На крајот, повторно важи руската теза – дека на маса треба да седнат Трамп и Путин. И само тие.
А економијата? Цените на нафтата на берзите веќе скокна, а тоа ќе повлече други последици. Кој ќе има корист? Па постлибералците! Ќе има инфлација насекаде. Регулаторната комисија кај нас вели дека тоа е само мала осцилација – но јас не верувам, бидејќи и без оваа криза веќе најави неподносливо покачување на цените на греењето. Бидејќи оваа војна или чаркање ќе потрае, сигурно ќе има тектонски промени во економијата и сиротиот македонски граѓанин ќе има уште еден товар на грбот.

Заклучок: постлибералкапитализмот ќе биде исполнет со војни, инфлации, миграции и несигурност. Секој ден е нов ден.

Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио