Нека не те буни посебно, драг читателу, поимот онтологија или онтолошки. Тој директно се однесува на битието, а ако и тоа те буни, едноставно поистовети го него со душата. Тие се сијамски близнаци. Синонимни. И сè е јасно, а во центарот на битието е Името. Оттука in medias res и фактот дека политиката и онтологијата (битието) се во оксиморонска врска: југ и север, ден и ноќ. Со тоа, на самиот почеток на нашата колумна не само што е загатнат туку е и битно осветлен однатре насловот поставен во знак на прашање. А како што е познато, прашањето како основна фигура на парадоксот, како што би рекол Киркегард, најдобро ги објаснува работите. Во него apriori по дефиниција е содржан и одговорот за оној кој знае да чита шифри. Но така поставениот во шифра на парадоксот наслов на нашата денешна колумна го поттикна воленс-ноленс колумната на Ивица Боцевски под наслов „Политичките цени на Преспанскиот договор“ („Н. Мак.“ 6-7 април 2024). Авторот уште на самиот почеток го поставува прашањето што нас нè мотивира на контратеза или на негово доразвивање и дообјаснување од, како што веќе нагласивме, онтолошки аспект. Тој прашува: „Каква е политичката цена за националната траума?“ Тука, потоа тој во контекстот на неговата теза ја спомнува попатно и синтагмата „политичка психологија“, за која признавам првпат слушам, а која следствено се занимава со колективната или националната траума на еден народ од политички аспект. Во случајот македонскиот. Во рамката на таа и таквата „психологија“, Боцевски и го посматра Преспанскиот договор, нормално како политичар и дипломат (амбасадор), заобиколувајќи ги на тој начин онтолошката суштина и димензија поврзани со него. Сепак не можеме да кажеме дека неговата размисла за тој проблем е стерилна и студена, без емоција. Вели: „Ќе мора да најдеме сили за повторно да го обновиме националниот консензус, да се соочиме со шоковите од најблиското минато и да пронајдеме модус вивенди што ќе ја уважи националната траума и ќе постави излез од несаканата ситуација.“
Така. Но во сето ова е ставен широк акцент на политиката и политичкиот однапред предлив во шемата механички ум, при што е целосно заобиколена онтологијата или битието на проблемот што е единствено важно за да се сфатат длабочина и суштината на феноменот Име. Тоа стои најблиску до поимот Бог како негова супстанција. Homo politicus, пак, таа религиозна, света димензија не ја познава, затоа што и самата политика не се занимава со светите, туку само со световните работи. Тоа кај нас се покажа најевидентно и со Преспанскиот договор (2018), со кој заради буквално разни трговски, геополитички и други зделки, па и за личен коруптивен профит, нашата влада го фрли целиот „свој“ народ во идентитетска смрт. А го фрли, покрај својата неморалност, и затоа што навистина не ја знаеше онтолошката цена на Името. А и нешто малку да знаеја од тоа, нашите политичари, трговци во храмот, беа толку морално извалкани и лакоми за личен профит што немаа сили да се воздигнат над калта на политиката и личниот егоизам.
Едноставно, и не знаеја што е тоа битие. Тие располагаат со некои општи поими, како што се тоа држава, етникум, демократија итн., кои се надвор од онтологијата и битието како генерички печат на човековиот идентитет. Тие се важни за нив како идентитет. Тоа е нивниот raison d’etree. Сум имал можност да се расправам со некои од нив за тоа. Еднаш со Стојан Андов, кој ме убедуваше дека треба да го смениме името за да не ја загубиме државата. Залудно му објаснував дека е поважно да се зачува името од кое извира целокупниот наш колективен и индивидуален идентитет. Оти се тоа различни работи и оти има народи како Курдите и други, кои немаат држава и којзнае дали некогаш ќе имаат, но имаат идентитет, генерички, кој не е повреден од никого како нашиот. Џабе беше моето убедување. Ист беше случајот и со Љубомир Фрчковски, кој на една дебата на „шарените“ за продажба на името излезе како теза со една шуплива аналогија, имено дека неговото менување со северна е безболно, бидејќи тоа соодветствува со, на пример, Социјалистичка Република Македонија како што беше во Југославија. Му реков дека е тоа мешање баби и жаби и дека она социјалистичка е формална општествена одредница, придавка што не го оштетува името како идентитетски столб на колективот, додека северна него го урива и поништува. Како и што гледаме денес, кога ги вадиме личните документи со таа смртоносна придавка како посмртници што ја „озаконуваат“ смртта на цел еден народ и на секоја индивидуа во него. Идентитетската смрт, најстрашната од сите видови смрт, како што тврдат без исклучок антрополозите.
Тоа, драг читателу. А сум имал можност да се уверам дека и многу од нашите таканаречени врвни интелектуалци академици и универзитетски професори немаат поим што е тоа Име и што значи тоа како генерички идентитет. Тие ми развиваа некои свои демек интелектуалистички теории, постмодерни и десакрализаторски во основа, дека е тоа световна и во нашиот случај политичка, но не и света идентитетска категорија, која е само „архаичен остаток“ (Фројд) од магиската култура на човекот. Дури некои од нив категорички ми велеа дека промената на името што води кон идентитетско обезличување е единствен спас за нас како народ, држава и култура. Тука би можел Фројд да има дополнителен богат материјал на атрофирана свест и етика за неговиот брилијантен есеј „Нелагодноста на културата“.
Така. Тоа е искуството на овој народ, драг читателу, што се однесува на името и идентитетот, со политичарите и нашите „интелектуалци“ од „ранг“, кои сега, нека простат, ги ставам во наводници. Тоа е и моето, како атом од големата карпа на племето, искуство со нив. Горчливо. Но она што е важно и утешително, тоа е отворената и непоматена со политика и книшки интелектуализам свест на обичниот простодушен народ, кој и чувствува и мисли со умот на душата.
Сум разговарал со тој народ за време на идентитетската македонска катастрофа на пазарите, плоштадите, улиците, а потоа и во мојата родна Малешевија и во некои други испустени македонски села. И тој „народ од низините“, како што велеше Блаже Конески, поседува чиста длабочина на едно како длабок планински вир негибнато битие, кое како саат е навиено од Господ на непогрешливиот механизам на инстинктот и интуицијата за идентитетот. Оти како што знае, пак повеќе интуитивно отколку интелектуално, Чомски дека структурата на јазикот како феномен е дури пренатално, а потоа со раѓањето цврсто вглобена во психата на детето за ја усвои наеднаш неа тоа без часови по граматика, така и нашиот простодушен народ знае дека името што го носи како царски печат на неговиот генерички идентитет е подарок од Господ што го усвојува со самото раѓање. Неговиот идентитетски инстинкт, а на рационалистичкиот интелектуален или политички разум, му го говори тоа со таков внатрешен моќен глас што е рамен на оној космички со кој Исус ја разбуди од смртта ќерката на Јаир, а потоа го скорна и Лазар од гробот. Нашиот простодушен човек во таа смисла, за разлика од постмодерните интелектуалци и политичари што обесветуваат сѐ со киселината на иронијата и сарказмот, со чистата психа е несвесно втонат во душата и идентитетското искуство со името на човекот на архаичната магиска култура. И тоа не е примитивност како што можат да мислат надмените академски интелектуалци и политичари, туку длабок инстинкт за вредност на битието манифестирана со името. И кај него, како и кај човекот на архаичната магиска култура, името не само што го сугерира туку самото е основен носител на животот. Самото тоа е живот. Затоа и, имено, древниот магиски човек на новороденчињата им ставал две имиња, едното вистинско, тоа што било идентитет, живот, а другото лажно, кое служело за комуникација со надворешниот свет. Вистинското се чувало во тајност, во кругот на семејството, за да не го дознаат силите на смртта со што ќе биде загрозен животот на детето. Оти, имено, името е негов носител. Ете, тоа го знаеше, кога ни ја лепеа смртоносната северна, нашиот „човек од низините“ и беше вознемирен за разлика од нирваната на интелектуалците и политичарите до еден лажни будисти. Тие во ниеден миг до денес не ја почувствуваа болката што ја почувствува и до крајот на својот живот ќе ја чувствува тој. Тој ја чувствува својата ДНК, различна од онаа на тие што нè ништат, таа што е вглобена како кристален остров во секоја ќелија од неговиот индивидуален, но и колективен организам.
Тоа. Но простодушниот народен човек не можеше да го спаси името, сопствениот и животот на колективот, од гилотината на политиката што ја пресече речиси без поголем отпор, освен отпорот на обичниот народ, нашата идентитетска глава, како што го стори тоа Ирод со главата на Јован Крстител за танцот на царската гозба во Ерусалим на својата соблазнителна поќерка Саломе (читај во нашата ситуација: Европа). Името на еден народ, во кое е вглобен целокупниот негов идентитет даден од Господ, и сè што зрачи од него како меморија, како културно-цивилизациска слика порано не било доведувано во прашање. Постоел само физичкиот геноцид како што е тоа, на пример, сега во Палестина. Инаку, ако било така, нашето име одамна ќе било избришано и од Библијата во која опстојало неколку милениуми, иако сега во новите нејзини преводи се обидуваат и тоа да го сторат, па на местото каде што на апостол Павле во Троада му се јавува Македонецот стои „човек од Македонија“, што е драстично различно. Идентитетскиот геноцид е посебен специјалитет на модерната цивилизација, која со него цинично парадоксално, како во нашиот случај, сака да го демонстрира своето либерално хуманистичко лице како политика. Притоа за обезименувањето и грабежот на историската и културно-цивилизациска меморија тие нудат божем посветла иднина. Од таа лажно понудена иднина, пак, Македонците не ја добија ветената ЕУ, туку НАТО, најголемата терористичка организација во светот, на која секоја година на сета сиромаштија ѝ плаќаме рекет од двесте милиони евра и под присила купуваме нејзино застарено оружје.
Јасно ли ти е, драг читателу, оти и нашите политички и парламентарни идиоти се согласија со тоа, ставајќи смртоносен потпис на смртоносниот документ и притискајќи ги во знак на согласност за самоликвидација копчињата во парламентот како една општа сива мозочна маса во која нема индивидуа, оти политиката знае целосно да ја уништи неа. Сивите безмозочни мозоци на тие луѓе управувани, пак, на копче од Брисел, Вашингтон, Атина, Софија, Тирана идентитетското злосторство го направија под слоганот: да го оставиме минатото за сметка на иднината, што е најглупавата теорија, која не важи не само за Лао Це на Исток, туку, на пример, и за Томас Елиот на Запад, кој децидно вели: „Сегашноста е многу минато и малку иднина“. Тоа. А што се однесува до македонската иднина, драг читателу, таа сѐ уште не стасала кај Македонците, почнувајќи од Берлинскиот конгрес во 1878 година,па до денес. А по сè изгледа, како што замислила политиката на големите западни колонијалистички сили и нејзините балкански предатори по идентитетската смрт, логички, и нема ни да стаса. Тука сега во тој контекст, драг читателу, ми иде во свеста една песна од Еуѓенио Монтале, струшки венценосец, кого го читав неодамна којзнае по кој пат. Во неа тој, а според забелешката на некој друг со која тој се согласува, кај Франц Кафка во неговото дело ја нема граматичката категорија идно време. Тоа мене ме мотивира повторно да го прочитам овој, за многумина ексцентричен, трагичен гениј. Но и пред тоа којзнае по кој пат да сум го препрочитал, сум бил сигурен сум дека е тоа точно макар и како хипотетичка теза во контекст на психолошката и онтолошката ситуација на неговите ликови, кои се во секој случај негови алтер-ега. Таа психолошка и онтолошка слика без граматичката категорија иднина секако е најизразена во романот „Процес“ и неговиот главен лик Јозеф К., бутнат во судските лавиринти, кој не знае за што го судат иако е невин. Но го судат, и на крајот двајца како демонски сенки го убиваат него ноќе на месечина. Е, сега, нели целата оваа ситуација и слика, драг читателу, по аналогија (златниот универзален клуч на Бодлер за растајнување на нештата) те води кон Македонците убиени невини како Јозеф К. по месечина во Преспа на 17 јуни 2018. Навистина кај Македонците од нивниот пораз од Римјаните наваму континуално е укината граматичката категорија иднина. И тие се како Јозеф К. на Кафка. Ним сега со идентитетската смрт во Преспа 2018 им е укината од крвожедната корпоративна и канибалистичка цивилизација не само граматичката категорија иднина туку и категоријата минато, во кое, колку и да е тоа парадоксално, е удрен засекогаш печатот на нивната идентитетска вечност. Имено, тоа го знаат и токму затоа се вознемирени и по македонската преспанска идентитетска смрт, што е само обичен крвав политички акт, западните и балканските македоноубијци, заедно и со македонските презрени квислинзи, имено од фактот дека онтологијата е нешто друго од политиката. Битието на еден народ никогаш не умира, ако макар и една негова единка од целиот колектив ќе умее да ја чува и дочува неговата генеричка искра.