Записи во несоница
Името е идентитет. Светот е составен од имиња и во секое од нив престојува Бог. Секој што го прочитал новозаветното Евангелие по Јован го знае тоа. Само ние не го знаевме тоа во Преспа 2018. Името е онтолошки архетип, јаство на сите живи, но и неживи материјални нешта. Во таа смисла веќе од поодамна и модерната филозофија говори за „онтологија на предметите“. Фасцинантно е што сите нешта со печат на ДНК-та втиснат од Создателот во нив го чуваат (не како ние Македонците) без отстапка и не го менуваат за ништо името. Ако земеме примери од минералниот свет, за тоа сведочат кристалите и скапоцените камења, секој засебно: рубинот со својот црвен идентитет, јасписот со зелен, сафирот со син итн. Тој подземен сјај на материјата Новалис го дефинира со поимот интелигенција, како некој вид остаток од божјата енергија и свест. Кај билниот и растителниот свет, пак, идентитетската манифестација е дури уште пофасцинантна, содржана како во бојата, така и во формата на листот и цветот, а кај дрвјата и во вкусот на плодовите. Качунката знае дека е жолта и со чашка во облик на ѕвонче, а знае и кога точно да излезе од под снегот напролет. Тоа е нејзиниот идентитет што го памети во семката и никогаш не го менува и изневерува него како ние името.
Сè тоа, пак, за кое зборуваме тука ние, можеме да го подведеме под синтагмата генетика на идентитетот, присутна во секоја семка, кристал или скапоцен камен. Шопенхауер, кој исто така го интересира овој проблем во „Светот како волја и претстава“, го дава во таа смисла примерот на еден антрополог од Кралската академија, кој го посеал житното семе од ќупот донесен во Лондон од една египетска фараонска гробница стара неколку милениуми, пет или шест. И, глеј, старо-египетската пченица не го заборавила својот идентитет и пак прокласала со него и родила род во новото време. (А кога ќе прокласаме ние од нашата идентитетска гробница во Преспа?)
Пловејќи по оваа, за мене невралгична тема, стасувам и до поезијата, едно од најмоќните оружја за одбрана на идентитетот од брзотечната река на Хераклит, што не се разликува многу од Стикс, која носи сè во царството на смртта и заборавот. Постојат многу идентитети за кои се залага како меморија да ги зачува таа. Тука е во прв ред митот како праслика на светот и на нашето постоење, на нашата индивидуална и колективна душа, а веднаш по него доаѓаат легендите и преданијата како идентитетски архетипови на цели племиња, народи, раси и цивилизации.
Најпосле поезијата и литературата, воопшто, ги нагласуваат како архетипски идентитети и јунаците, кои го бранат идентитетот на родот, особено ако тој е, како што вели Блаже Конески, „смачкано племе“. Тие се родени во судбински миг за најблагородниот подвиг да ја одбранат меморијата на племето и потиснат варварите, а потоа како благодарност за тоа нив поколенијата што доаѓаат од иднина ги промовираат во идентитетски столбови на родот. (А ние како поколение што направивме на тој план? Ги урнавме столбовите на Илинден и на АСНОМ. Ништо друго).
Поезијата не само што ги озаконува со царски печат постојните од дамнина, туку креира и нови идентитети. Ќе одвоиме два од нив мошне ексклузивни. Едниот се однесува на англиските романтичари, кои ја фрлија во оптек синтагмата „светски бол и тага“, што ја подразбира универзалната меланхолија на светската душа. Другиот е негов близнак и се однесува на француските симболисти, а е поврзан со синтагмата „проколнати поети“, во која се вглобуваат тие. Проколнати иако деновите ги минуваат во кафеани шмркајќи бурмут или друг опиум за „растројство од сетилата“ (Рембо), впрочем како и нивните англиски книжевни пријатели што не ја доживеале лично ни светската тага, ни проколнатништвото на судбината како што го доживеале тоа Рацин и некои други македонски поети на таа тема: Вапцаров, Неделковски, Караманов, Конески… Така. А со тоа е создаден еден од главните архетипски идентитети на модерната цивилизација, архетипот на маската. Тој архетип пред сè во западната цивилизација го промовира Бодлер, и тој макар и како кич, доживеа бум не симболистички или романтичарски, туку перверзно натуралистички бум за време на корона-вирусот, кој според некои знаци ја носеше круната на англиската кралска династија прелеана во Америка. Како што и испадна тоа. Џабе ѝ ја фрлија вината на невината Кина.
Целата цивилизација денес, особено Западната, го носи идентитетот на маската, која е амбивалентна и протејска во илјада бои. Во неа се вклопува и идентитетот-маска на Шехерезада. Тоа е приказната што поседува спасителска моќ, одбрана од мечот на суровиот Шахријар. На таа поента и се задржа Иво Андриќ кога ја примаше Нобеловата награда во Стокхолм. (А ние Македонците се одбранивме ли од крвникот Шахријар, макар тој се викал и Заев / Димитров?). Шехерезада, кога сме кај неа, е поетска фуга, литерарен идентитет. Тоа е јазикот што се пресоздава и обновува од неговата божествена креативна моќ. Пред нешто повеќе од два милениума тоа го објави, пишувајќи го последното евангелие на Новиот завет, апостол Јован. Тој му даде на јазикот (Словото) не само божествени атрибути и моќ туку и го изедначи него со Бог: „Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бог. Тоа беше во почетокот во Бог. Сè стана преку него и ништо што стана не стана без Него. Во него беше животот. И животот им беше светлина на луѓето“.
И еве ја поезијата и литературата, јазикот како божествена креативна моќ. Еве го секој еден поет застанат пред белиот лист хартија како микросоздател, алфа и омега на создавањето, Исус во средишното кубе на својот духовен храм. Тој е тука како самиот Господ пред почетокот и на почетокот од создавањето. Тој ја држи во дланка сè уште неодухотворената материја, според божјата волја симболизирана во глината. А всушност станува збор за глината на јазикот од која Господ го твори своето богообразно создание Адам. Потоа и сè друго, целиот универзум од мравката до ѕвездите и планетите. Држејќи се, пак, до херменевтиката на апостол Јован во неговото новозаветно евангелие, тоа добро го почувствувале, повеќе интуитивно отколку рационално логички и Хајдегер и Паз, едниот филозоф другиот поет, востоличувајќи ја (хипо)тезата дека имено јазикот (Словото-Бог) е тој што го создал човекот, а не обратно како што тврдат еволуционистите курдисани заедно со Дарвин на Галапагос.
Темата за која зборуваме е широка како море без брегови, Шехерезада, која не е ограничена на 1.001 ноќ, туку се простира на многу милениуми. Ние само нафрламе некои (хипо)тези, кои може повеќе ја дозагатнуваат отколку одгатнуваат темата, што и не е лошо. Идентитетот, сходно на него и името со кое е крвно сврзан тој, на изглед елементарен, е сложен метафизички поим. Тој е архетип на Животот, Светиот Дух на сè што постои не само во живиот биолошки и растителен туку и во неживиот материјален свет. Така тој се јавува како манифестација на божјиот Логос што удрил печат врз сè. Затоа, имено, и Новалис во сјајот на кристалите и скапоцените камења ја гледа интелигенцијата на Создателот, а тоа значи и неговата психа. Затоа слично на него еден друг Германец, физичарот Хајзенберг и рече дека денес не постои граница меѓу физиката и поезијата. Тоа меѓу другото го потврди и пронајдокот на таканаречената „божја честичка“ во материјата, која, парадоксално, ќе испадне пожива и од биосот, затоа што кај неа не постои смртта како кај човекот. Таа не ја познава неа. Божјата честичка на материјата како да пулсира во самото срце на Создателот. Или како тој да пулсира во неа. Сеедно.
И тука, со ова, стоиме на самиот извор на идентитетот, на изворот на неговата генеза, која како откровение е важна за секој негов примерок и за секоја негова варијација. Важна е за бубачката во ливадата на животот, за прашинката од сандалите на апостолите што го следеа Исус низ Галилеја и за ситното цвеќе што се отвора напролет во ридовите. А потоа во тој универзален идентитетски синџир таа е важна и за чудото што се вика Човек. Од него потоа и за племето и расата, како и за сè друго вглобено во Големата слика на постоењето и универзумот. Во таа слика се вглобени и Македонија и Македонците, кои не случајно како златна жица што венчава со прстенот на љубовта патуваат од првите до последните страници на Светото писмо.
А сега, парадоксално, откако оваа цивилизација со лопатите на нашите домашни гробари нè закопа и нè пушти низводно во ништо низ реката на заборавот, одземајќи ни го Името со кое дишеме со милениуми, ние сме смрт. Смрт сè додека не си го вратиме него за повторно да нè крене од смртта со здивот на Светиот Дух. Оти сè што е лишено од име пропаѓа во ноќта на безименото, во смртта од која сепак според законот на божјата дијалектика повторно се раѓа животот. Да се потсетиме во таа смисла на параболата на Исус (илустрирана и со неговото воскресение) со житното зрно, кое најпрво мора да умре за повторно да се роди и да даде богат род. А ние Македонците, не еднаш во мартирската историја сме биле во улогата на тоа свето жртвено зрно и неговата кружна дијалектика на минување на патеката од смрт во живот во циклуси, како никој друг народ. А тоа е кај нас патеката на неговото величество Името, без кое Господ не можел, како што тврди апостол Јован, ни да го создаде светот. Но презафатен со именувањето на сè во безбројните светови на вселената, тој го повика и Адам да му помогне во именувањето, пред сè на билките, растенијата и животните на земјата, заедно и со Ева, најскапоценото сребро што излезе од неговото ребро. Но името Македонија, секогаш со силен космички глас, сличен како на оној кога го скориваше Лазар од гробот, на сет глас го изговори самиот Создател.
Јас и како поет знам дека имињата се огромни столбови, сталактити и сталагмити што го потпираат (како што го прават тоа со ноќта на материјата) да не напукне и да не се урне небото врз нас. Тие сè далеку посилни од митскиот Антеј. Тие го потпираат постоењето на секоја една единка, племе, народ и раса. Именките, не придавките ја содржат во себе чистата супстанција на идентитетот. Македонија, а не северна. Само именки чисти како јатки, ослободени од лушпата како излишна, печат на божјиот Логос. Тоа убаво го знаеше и Готфрид Бен, па во неговата подоцнежна фаза, имено, единствено нив, а не глаголите и придавките ги користеше како столбови, темел и покрив на својот поетски храм. Именките се тие од кои извира генеричкиот идентитет на нештата. На имињата на луѓето поединечно и на народите. Оттука секое насилно поместување на името, или смислено негово бришење, е смрт за избришаното. Ние тоа со северна не го сфативме, не се боревме и изборивме за Името и затоа нè фрлија во идентитетска смрт. Тоа го сфати пред столетие и половина најдецидно, духовно осветлен од него, и во својата „Славјаномаќедонска историја“ истакнатиот македонски преродбеник Ѓорѓија Пулески и нè одведе на самиот извор на нашиот живот, но ние не знаевме да го зачуваме.