Според познатата (иако апокрифна) шега, наводно изговорена од Хенри Кисинџер, Европа нема телефонски број. Подоцна „Фајненшал тајмс“ ќе утврди дека тие зборови не ги изговорил, барем не во таа форма, но неговата поента останува релевантна. Во времето кога беше државен секретар на САД тој немаше свој колега, пандан, на другата страна на океанот. По донесувањето на Лисабонскиот договор со кој ЕУ се реформираше, се воведоа две нови функции, кои требаше институционално (и персонално) да ја зајакнат улогата на ЕУ во меѓународните односи. Да се потсетиме, иако една година по најголемата финансиска криза што го потресе капитализмот (2008) ЕУ сè уште живееше во сонот за својата грандиозност и ингенијалност на т.н. мека моќ. Претседателот на Европската комисија гордо најави дека сега САД (и секој друг) може да ѝ заѕвонат на ЕУ на најмалку два релевантни броја: тој на високиот комесар за надворешна и безбедносна политика (министер за надворешна политика, би поедноставиле) и претседателот на Европскиот совет (кој требаше да биде претседателскиот лик на ЕУ, но го зазеде една бледа и веќе заборавена личност Херман ван Ромпој, кој со нетрпение седеше покрај телефонот чекајќи некој да му продаде значење; тоа не се случи). Оваа иронична размена меѓу САД и ЕУ продолжи и во наредните години, па во времето на Могерини како шеф на европската дипломатија, а во време на првиот мандат на Трамп кога доаѓаше до чести промени на функционерите од неговиот кабинет, таа возврати: А на кој број треба да се јави ЕУ ако сака да разговара со САД? Проблемот на Европа (или ЕУ, ако сакате) беше и станува многу поголем, не само поради новата екипа на Трамп. По клучни прашања на европскиот континент, ЕУ не изгради единствена надворешна (а уште помалку безбедносна) политика. (Не)признавањето на Косово е само едно од прашањата што ги делат земјите членки, а се чини многу поголем предизвик е прашањето на Украина. Вистината е дека европската надворешна политика никогаш не зборувала со еден глас – а тоа, ако и воопшто, нема да се случи уште долго време.
Елоквентниот потпретседател на САД, Ј.Д. Венс, пред само неколку дена среде Минхен создаде дармар со говор (без белешки и читање) по кој мнозина се сетија на шамарањето на Путин во 2007 година од истата говорница. Но, тогаш самобендисаните трансатлантисти можеа и да се потсмеваат и да игнорираат историски важен говор на претседател од друга држава (иако се покажа како фатална грешка). Но сега шлаканиците доаѓаа од сојузник – па затоа болеа повеќе. Накратко, тој ѝ соопшти на таа елита убедена дека „нема друга алтернатива“ на нивниот поглед на свет, еден обичен факт: во градот сега има нив шериф! Сите ние што сме гледале вестерн-филмови знаеме што значи нов шериф во град што се разбашкарил и разуздил, па веќе не се знае ни кој јаде ни кој пие ни кој плаќа. По откривањето на скандалозните (иако не и непознати) зделки и акции на УСАИД и НЕД, Западот личи на „балканска крчма“ (што кај нас нужно создава мала доза на злорадост). Се разбира, Венс реферираше на претседателот, кој за нецел месец создаде таква драма во сферата на надворешната и безбедносната политика што аналитичарите и сојузниците се постојано на штрек. Некои дури и зборуваат за своевиден „канибализам кон сојузниците“ (особено по прашањето на царините, но сега веќе работата е многу посериозна).
По прашањето на Украина, интересно, Трамп не го ни побара бројот или присуството на ниту еден европски политичар. Телефонскиот број што му беше потребен, оној на Кремљ, веќе го имаше во адресарот. Службената потврда за директниот разговор меѓу Трамп и Путин создаде неверојатна бура во Европа (ние би рекле дека паднал снег, па се покажале трагите на сите ѕверки што минале низ гората). Иако меѓу соопштението на шерифот (на неговата социјална мрежа и во медиумите) и она строго дипломатско и мудро соопштение на руското МНР има контрадикции што се читаат меѓу редови, значајноста беше што двете супер (нуклеарни) сили разговараа непосредно првпат по речиси осум години. Таа работа не смее да се потцени, иако целата приказна за наводниот договор за мировен план сè уште е недовршена за каква и да е еуфорија.
За нас што уште од 2014 година зборувавме и пишувавме за Евромајдан, за случувањата внатре во земјата што тргна кон фашизација и систематско прекршување на малцинските права на Русите (заедно со дури 14 илјади жртви), и кои тврдевме дека мора да се дојде до мировно, дипломатско решение, самото спомнување мировен план значи сатисфакција. Замислете, сите ние нарекувани путинисти, фашисти и што ли уште не, сега можеме да кажеме: и американскиот претседател зборува за мирно решение (или барем решение што нема да ги инволвира ни државата САД ни нејзината армија). Лично, имам сериозен проблем во Трамп да гледам миротворец, особено откако видов како ја замислува ривиерата врз гробовите на затрупаните деца во Газа. Повеќе би го споредила со мистер Џекил и доктор Хајд – никогаш не знаеш со кого зборуваш и каква идеја ќе му дојде на ум. За Палестинците, за жал, нема кој да зборува. Нема ни телефони ни политичари (сите поискусни ги истреби Нетанјаху), а Трамп и не би зборувал со некој што не му е рамен (по сила). Но, една работа е сигурна: во Кремљ седи човек што не можете да не го сакате или нарекувате автократ, но кој е исклучително интелигентен и искусен (Трамп веројатно има и комплекс кога зборува, а искрено и не знам колку се разбираат во суштинските нешта). Путин знае што е дипломатска куртоазија, знае колку е неопходно да разговараш дури и со оној од другата страна, но ја знае и својата црвена линија.
Засега немаме никаква скица за мировен план (не верувам ни дека Трамп ја има), но убедена сум дека може да се случи двајцата лидери да се најдат „изгубени во преводот“ (не мислам на англискиот и рускиот). Мистер Џекил, или шерифот, бара прикривање на фактот дека (преку прокси војната на НАТО), САД доживеаја воен пораз, како и во Авганистан. Најелегантно решение и најевтино му е да каже: доста ѝ беше на оваа „апсурдна/смешна војна“ (која впрочем и тој самиот ја започна со милитаризацијата на Украина уште во време на првиот мандат, па Бајден само ја надгради и доведе до невозможна мисија). Ајде да си подадеме рака, а Европејците по обичај ќе треба да го расчистат хаосот, да платат за изградбата на она што остана на Украина и да ја одржуваат во живот. Притоа, трансакционистот сака да си ги наплати досегашните услуги со ретки метали. Тој бара брзо решение, во американски стил – quick fix, па да се сврти кон Кина и БРИКС. Но Путин зборува за „коренот на конфликтот“ како услов за траен мир. Тоа го викаме и ние во мировните студии, но знаеме дека патот е долг и бара знаење, трпение, мудрост, дипломатија и добра желба, градење доверба.
Во оваа драмолетка што ја следевме изминатите денови на површина испливаа уште неколку работи (и за време на министерскиот состанок на кој шлаканици лепеше државниот секретар за одбрана Хегсет и на Минхенската конференција): можеби не со формален указ, но САД ја напуштаат Европа. Ја напуштаат и Украина без око да им трепне. Европа веќе не знае ни која е, бидејќи час е приврзок на НАТО час е самостоен субјект – но во двата случаја, таа е вазал на САД. И има развиено стокхолмски синдром. Трамп сигурно нема да ја бара на телефон онаа плавуша Каја Калас, која бара воена победа над Русија, па дури и нејзино размонтирање како држава (а доаѓа од мала балтичка земја, но дигнала нога да се поткова како коњот). Уште помалку би ја барал Урсула, а оној Руте е на тешки маки како да балансира во алијанса што веќе не е тоа. Трамп го напушти и „меѓународниот поредок заснован на правила“ (за меѓународното право никогаш и не се ни грижел). Тој сега бара поделба на сфери на интерес, милом или силом. Тоа, секако не е мирољубива позиција, и тука не треба да имаме илузии. Но добро би било да се ослободиле од илузиите дека ЕУ има некакво значење во меѓународни рамки или дека може да нè храни.
Сите европски земји, сè уште неотрезнети од крвавиот пир во Украина и наративот со кој се хранеа три години, уште инвестираат во војна, до бесвест, до самоуништување. Дури и ако САД не бараат 5 отсто од БДП, тие се во воен амок. А кутрите не гледаат дека се нерелевантни! И воено неспособни, и економски девастирани, и социјално потресени во фундаментот. Западот каков што го знаевме престана да постои само три години откако Москва кажа НЕ. А потоа и целото глобално мнозинство, кое има друга визија за светот. Европа нема визија ни за себе. Таа за три години не поднесе ниту еден мировен план! Затоа што никогаш и не била мировна унија. Од колонијални сили не можеш да очекуваш алтруизам и мудрост, а најмалку каење. Но, со инсистирање на воено „решение“ и поддршката на Зеленски, Европа сериозно навестува дека по третпат може да стане иницијатор на светска војна.