Усното народно творештво е облик на уметничко изразување, кое се изразува преку говорот и претставува најстар начин на практикување на народната книжевност, односно на литературата воопшто. За разлика од писмениот начин на изразување, кој во одреден момент има конечна форма, усната книжевност е подложна на менување во јазикот, метриката и во текстуалниот дел, односно на импровизација. Токму од вештината на импровизирање на народните пејачки, односно од нивниот авторски влог во народните песни зависело и прифаќањето на творбите што понатаму се пренесувале од уста на уста, од колено на колено. Од мноштвото народни поетеси се издвојуваат имињата на: Дафа Цепенкова, Депа Каваева, Дафина од Просеник, Арса Стрезова, Митра Ристова, Парашкева Сирлешчова, Илинка Везенковска, Цвета Мазнаеова, Ѓурѓа Котева и Божана Трпанова. Без разлика на околностите, без разлика на местото и името под кое своевремено биле објавувани, преку нивната интерпретација го откриваме големото македонско духовно богатство и ги откриваме и убавината на македонскиот јазик и неговите убави дијалектни форми. Авторот д-р Славчо Ковилоски работи како научен истражувач во Институтот за македонска литература, автор е на повеќе монографии за македонската културна историја од 19 век, добитник е на државната награда за наука „Гоце Делчев“ и повеќе од една деценија работи на истражувања поврзани со појавата и развојот на македонското женско прашање
Духовното и јазичното богатство во творештвото на македонските народни поетеси (7)
Еден од најинтересните случаи е оној поврзан со собирачката дејност на српскиот истражувач Милош С. Милоевиќ и интерпретаторката на народни песни Илинка Везенковска. Случајот заслужува особено внимание поради низа контрадикторности коишто произлегуваат, пред сѐ, од самиот собирач и запишувач на песните. Станува збор за еден од најкомплицираните недоумици за истражување во македонскиот фолклор, па поради тоа бара и крајно внимателно исчитување на песните. Затоа, најпрво е потребно да видиме кој бил собирачот и запишувачот на песните на Илинка Везенковска.
Запишувачот на овие песни, Милош С. Милоевиќ (1840-1897), бил српски публицист, просветен деец и воено лице со неверојатно голема желба и интерес за историјата. Тој интерес во 60-тите години на XIX век го донел и во Македонија, со цел и со надеж дека ќе пронајде фолклорни творби, кои по својот карактер би можел да ги вметне во српскиот фолклор под српско име. Во тоа време веќе биле излезени зборниците на Стефан Верковиќ и на браќата Миладиновци, но просторот за дејствување, односно собирање умотворби и ширење на политичките идеи бил огромен, бидејќи токму во тоа време започнале да се играат големите политички игри поврзани со Македонија. Тој објавил три книги „Зборници“ со народни умотворби.
Најголемиот влог и наедно најзначајна интерпретаторка во првите две книги на „Народните песни и обичаи“ подготвени од Милоевиќ е Илинка Везенковска. За Илинка можеме да кажеме дека му припаѓала на мијачкиот род Везенковски, била родена во Росоки, мажена во Јанче за мајсторот градител Јован, а подоцна се преселила во Крушево каде што најверојатно го поминала најголемиот дел од својот живот. Од овој род, познати се имињата на Јован Везенко, мајстор градител; Стојан Везенко(вски/иќ) (1828-1897), син на Јован, мајстор градежник, истакнат општественик, деец и борец во македонското ослободително движење; Константин Везенков (1848-1878), син на Јован Везенко, брат на Стојан, лекар и доброволец во Руско-турската војна од 1878; Петар Везенков, брат на Стојан и Константин; Марија Везенко, сопруга на Стојан Везенко; Владимир Везенков (1866-1933), син на Стојан, офицер во руската и бугарската армија; Катерина Везенковиќ (родум од Крушево), ученичка којашто во учебната 1871/72 година посетувала основно училиште во Србија итн. Од изнесеното, со сигурност можеме да кажеме дека животниот пат на Илинка се одвивал во мијачките средини, и тоа во Росоки, Јанче и Крушево.
Нејзиното презиме во зборникот се сретнува во повеќе варијанти: и тоа сите завршуваат на карактеристичното српско -иќ: Везанковиќ, Везеновиќ, Вензанковиќ, Везенковиќ, дело на запишувачот М. Милоевиќ. Нему му испеала најмалку 90 песни, наспроти тврдењата и укажувањата од други истражувачи коишто посочуваат бројка од шеесетина песни. Најголемиот број од нив се лазарски, додолски, ороводни и јуначки песни. Нивната убавина е неоспорна, но, за жал, тие се контаминирани со повеќе додадени стихови коишто имаат политичка природа, па затоа голем број од нив се неупотребливи како показатели на богатото македонско фолклорно наследство.
Нашите согледби на проблемот на песните на интерпретаторката Илинка Везенковска застапени во двете книги на зборникот „Песни и обичаи“ од Милош С. Милоевиќ покажуваат дека е потребно критичко читање на песните, коешто се однесува на јазикот, на употребата на графемите и мистифицирањето на голем број стихови од страна на издавачот Милоевиќ. Ние уточнивме или извршивме корекции на неколку места во биографијата и во бројот на испеаните песни од страна на Везенковска, а извршивме и соодветна анализа на јазикот и мистифицираните стихови од страна на Милоевиќ. Многубројни се примерите каде што можеме да видиме вметнување србизми, односно непридржување до карактеристиките на мијачките говори, што значи нивно непознавање или игнорирање со некакви цели, потоа додавање нови стихови, односно менување на песните повторно поради некакви цели, како и низа правописни грешки. Има повеќе драстични примери за додавање стихови со што песните добиваат некаква вештачка форма, при што додадените зборови се забележливи уште при самото читање. Притоа, уфрлени се стихови коишто треба да го потенцираат туѓиот карактер на песната и на луѓето што ја пееле, односно на народот од областа од која потекнувала творбата.
Меѓутоа, без разлика на сите сомнежи што ги имаме во однос на песните на Илинка Везенковска застапени во зборниците со народни песни на Милоевиќ, можеме да кажеме дека тој високо ги вреднувал нејзините поетски квалитети, можеби и највисоко од сите други пејачи застапени во трите книги. На слично мислење сме и ние, дека песните го заслужуваат нашето внимание, меѓутоа само по внимателна анализа и отфрлање на сето додадено поради политички цели, што, за жал, ги контаминирало во голема мера прекрасните македонски народни песни од мијачкиот крај.
Единствено со внимателна анализа и адаптација на стиховите и со претпазлив избор на песните некои од нив може да послужат за научноистражувачки цели. Сепак, треба да нагласиме дека неоспорни се интерпретаторските капацитети и пејачките способности на Илинка Везенковска, којашто сигурно влегува во редот на македонски народни пејачки со широк опус на теми и мотиви.
Славчо Ковилоски
продолжува