Единствено нешто што ни е загарантирано е минатото, тоа е она што е единствено извесно. И како такво тоа е предзнак на иднината! Затоа што таа нема да „падне од небо“ – таа е тука како „логичен“ редослед на минатите настани! И затоа, драги мои, минатото е важно! Особено нашиот однос кон него!
Во предговорот од „Волја за моќ“, осамениот гениј Фридрих Ниче вели дека нам, читателите, ни се обраќа како „философ и пустиник, кој ја нашол својата корист во осаменоста“, и уште: „како дух аугур кој гледа наназад кога ја објавува иднината.“
Тоа, дека да се биде философ и пустиник има полза по себе, ми стана јасно кога ја заљубив философијата, а ползата од осаменоста ја знаев од дамнина. Можеби отсекогаш – веројатно затоа и ја заљубив философијата. Но она што ме задума во предговорот на Ниче беше овој дух – аугур што „гледа наназад“ кога ја објавува иднината! И притоа, ова – „кој гледа наназад“ – во текстот е подвлечено од самиот Ниче.
Инаку, аугур е староримски жрец, кој читајќи ги знаците нурнувал во божјите планови и ја предвидувал иднината. Така и Ниче, како латински аугур ја чита нихилистичката иднина што ја чека Европа, врз основа на предзнаците од сегашноста и настаните од минатото. И тој дух аугур мора да погледне „наназад кога ја објавува иднината.“ Впрочем, како и во животот на поединецот така и во животот на заедницата – иднината е само навидум неизвесна! Да, иднината „веќе е тука“, или поумерено – таа може да се „види“, ако се загледаме во минатото!
Единствено нешто што ни е загарантирано е минатото, тоа е она што е единствено извесно. И како такво тоа е предзнак на иднината! Затоа што таа нема да „падне од небо“ – таа е тука како „логичен“ редослед на минатите настани! И затоа, драги мои, минатото е важно! Особено нашиот однос кон него! Знам дека ве убедуваат во спротивното и дека ве нарекуваат регресивни и „небањати“, но едноставно е – ако е неважно, зошто на соседите им е важно!? Ако „од/во минатото не се живее“, зошто упорно, тврдоглаво и жилаво за него се борат и Бугарите и Грците!?
Токму заради тоа што минатото и нашиот поглед на него ја детерминираат или можат да ја детерминираат иднината. Ваквиот „детерминизам“, се разбира, во историските собитија треба да се земе условно, затоа што во историското не постои таква каузалност, како што постои во природата, историските собитија се само „водени“ од минатото, но сепак не се каузално „причинети“. Во сферата на историското, како простор на човековата слобода нема место за нужноста на каузалноста. Но, сепак, она што го правиме денес, ќе нè стигне утре – како во личните животи така и во животот на заедницата и историјата.
Токму заради тоа и Бугарија и Грција „се убија“ за историјата, додека вас, оние „прогресивните“ што беа за „запад“, ве убедуваат дека минатото е ништо, иднината е сè! И во колумнава ќе си дозволам да наведам еден дамнешен, но, според мене, антологиски пост на социјалните мрежи од универзитетска професорка, кој мислам дека веќе го изучуваат по светот како доказ на човековата глупост: „Другар(к)и (*важно постот е родово балансиран – моја забелешка), „мора да избереме иднина наместо назадување, гласам ЗА референдумот, не само за НАТО и ЕУ…туку дека со тоа гласам и за НАСА!, и за Ион Муск, и за квантна физика и отворање на дилемите на интервенциите во ДНК, за лекот против канцер, за социјална правда и за сите најсовремени достигнувања во светот. Да не бидеме дупка во свет полн со предизвици.“
О, да! Да, да, навистина ваков пост беше дел од бесрамната пропаганда на тој срамен референдум за промена на името! Сменете го именцето и ќе го пронајдете лекот за рак, ќе ги решите дилемите за интервенциите во ДНК (што и да значи тоа), за квантна физика (и тоа што и да значи?), ќе има социјална правда, а Ион Муск (го оставив постот со сите јазични грешки)…, е не знам зошто тој е во приказната! А во меѓувреме? Во меѓувреме апашлак, клептоманија и арамилак! Во меѓувреме Ласкарци, модуларна болница Тетово, сообраќајка во Бугарија – а одговорност не понесе никој! Најголема смртност од коронавирусот – а најдобар министер за здравство! Најмало ниво на странски инвестиции во регионот, економија во слободен пад – ама важно НАТО. Најслаба армија во регионот – ама спремни за војна во Украина! Клинец не заковаа цел мандат – ама Ион МУск..! Не сестро, промената на името нема да нè извади од дупката „во светот полн со предизвици“, промената на името нè влече кон дупката!
Таквиот однос и кон името и кон идентитетот и кон минатото, впрочем ни ја копа дупката. Еве, вака отворено да ви кажам – колосална глупост е тврдењето дека минатото е неважно! Еве, вака отворено да ви кажам – нема иднина без минато! Или барем нема светла иднина, онаква каква што замислуваме, проектираме и посакуваме! Затоа се „испотепаа“ и Бугарија и Грција за да го наметнат нивниот поглед на минатото! Затоа што така си ја осигурија иднината. Грците си осигурија дека „оваа Македонија“ не е „таа Македонија“ и дека „овие Македонци“, не се „тие Македонци“ во Егејска. Врз основа на Преспанскиот, кој требаше да ни ги донесе НАСА и Ион Муск, се накалемија и Бугарите, па не се глупави – и тие треба да си го редизајнираат минатото, за да си ја проектираат иднината. Кога можеа Грците, можат и мораат и тие – и тие сакаат да го дизајнираат минатото, за да се осигурат дека еден убав светол, сонев ден Санстефано ќе биде реалност. Кога ќе се склопат геополитичките коцки, таа иднина ќе се наслика на историското платно, токму заради тоа „неважно“ минато што го „замесиле“ според нивниот историски наратив! Исто како што Албанците го имаат подготвено теренот во минатото за некоја светла иднина, која се надеваат дека некогаш ќе ја начекаат! Еден убав, светол, сончев ден и нивната геополитичка среќа ќе се насмевне!
Сами нам не ни е важно минатото, само ние не гледаме дека од тоа што било вчера, ќе се случи тоа утре. Нам, т.е. ним не им е важно минатото, затоа што нив иднината на ова парче земја не ги интересира. Тие иднина овде не гледаат. Ним секаде им е обезбедена нивната лична иднина – каде не може со пари, може со многу пари! Ќе си ја купат својата иднина, за нашата не им е гајле! Но, нам ни е! Затоа, ве молам, не дозволувајте да ве мамат, не дозволувајте ниту за миг да поверувате во нивните лаги дека минатото, идентитетот не се важни. Останете регресивни, останете „небањати“ и конзервативни, останете „назадниот“ елемент во ова општество, затоа што еден ден, еден убав, светол, сончев ден, кога геополитиката и нам ќе ни се насмевне, токму вие, ние ќе бидеме тие што ќе ја обезбедат иднината врз основа на тоа минато што сме успеале да го зачуваме! Затоа што ние сме тие аугури што наназад гледаат кога ја објавуваат иднината!
Трајче Стојанов
Авторот е професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и почесен професор на МСПИ, Москва, Русија