И во Светиот Дух, Господ, кој живот твори, кој исходи од Отецот, кому заедно со Отецот и Синот Му се поклонуваме и Го славиме и кој говорел преку пророците

Ние како луѓе сме емотивни битија, па затоа понекогаш, водени од нашите внатрешни огнови и пориви, честопати знаеме да западнеме во гревови и заблуди што скапо нè чинат и нас, но и нашата непосредна околина. Бидејќи сме такви по природа, ние сме лесно ранливи и подложни на разни манипулации што имаат цел да нè одведат до дното и неговата најдлабока темнина. Ако тогаш се обратиме кон Бога и успееме да ја сфатиме својата падната состојба, брзо ќе се избавиме од тешкотијата што нè разорува, а ако и понатаму упорно остануваме во непокајание, неминовно како гостин ќе ни дојде суетата – големиот убиец на духот човечки, која со своите остри канџи страсно ќе нè држи во калта во која бесмислено и бесцелно се прпелкаме. Ваквата состојба кај човекот може да трае кратко, може долгорочно да се провлекува низ целиот живот, а може, за жал, во одредени околности, под наше влијание, да биде составен дел од културата, може да стане никулец што ќе влезе во генот на цела една цивилизација, во која незабележливо ќе се притаи и упорно ќе ровари, пренесувајќи ги своите заблуди и бунила на идните поколенија, кои потоа во иднина со сите сили ќе се обидуваат да ја разберат и да ја оправдаат минатата застранетост на своите татковци.
Тажно е да се каже, но вистината понекогаш тешко и со мака се поднесува, без разлика на нашата природна вистинољубивост. За ова имаме голем број примери во историјата. Во минатото, при одбраната на вистината се дадени и поднесени неброени жртви, знајни и незнајни. Огромни умствени и духовни напори се употребени за таа да се одржи во нејзината исконска чистина, за да се утврди и да се пренесе како чиста пченица на идните генерации. За нас христијаните вистината почива во личноста Христова. Он е урнекот на нашето постоење, Он е темелот врз кого се градиме себеси, Он е столбот на кој се потпира зданието на Црквата. Во Црквата, која е Негово тело и која Тој ја возглавува, секој од нас се вградува како тула, како единствен, неповторлив и важен чинител на оваа света градба. Христос во Евангелието ни се објавил Себеси како патот, вистината и животот. Ние во ваквата Негова објава цврсто веруваме, според Неговите спасоносни начела живееме и секоја појава во светот, според Него ја мериме и проверуваме. Токму поради тоа ни е многу битно неизвалкано да ги зачуваме Неговиот лик и Неговото откровение, не сакаме во Него да придодадеме какви било погрешни овосветски примеси и додавки, зашто Царството Негово не е од овој свет. Секој што во минатото ќе се обидел во Неговата личност и во Неговата Црква да внесе нешто што е спротивно на Неговата објава, без разлика на тоа дали станува збор за велик владетел или за премудар учител и филозоф, од страна на Светите отци бил опоменуван и братски разобличуван заедно со секој нивен посреден или непосреден следбеник. Некои од овие еретици биле отворени опортунисти, некои биле занесени од лажни пориви преоблечени во добри намери, но без разлика на нивните мотиви, црковните отци со Божја помош секогаш наоѓале начин прво да ја одбранат, а потоа и правилно да ја посведочат вистината. Многумина останувале тврди во своите ереси и погрешни учења, а некои од нив во покајание се вратиле во топлата прегратка Христова. За некои заблудата била многу силна, понекогаш таа била поддржувана од страна на светските моќници, кои жестоко го прогонувале малото стадо, кое го чувало православното исповедание, но на крајот вистината секогаш испливувала на површина, засекогаш останувала неизвалкана во пазувите на Црквата и си го наоѓала својот пат во срцата на луѓето, бидејќи такво е Божјото ветување. Христос никогаш не ги напушта Своите верни чеда, па нека се тие и најмалите и најслабите во овој свет.

Тие се соединети од правилната вера во Троичниот Бог. Единството нивно почива врз Богочовекот Христос, кој од самото Негово зачнување па сè до распетието, воскресението и вознесението, го повикувал народот на покајание, го подготвувал да биде достоен соучесник и сопричесник на Божјата неискажлива слава. Единството на христијаните не зависело од нивната бројност, од нивниот статус или општествена поставеност, туку од чистата и неизвалкана вера, од правилното учење за Христа кој Бога го објавил и прославил во светот, кој со Својот праведен живот го преобразил човекот и ја победил смртта.
Пред некој ден, особено нè зачуди и натажи обидот на еден наш владика да ја релативизира и оправда старата заблуда на римскиот папа и римокатоличката идеологија. Како што ни објасни во проповедта од солеата, неговиот основен мотив за да го даде ова оправдание било единството што според него е најголемата заповед Божја. Никој од нас не спори дека единството е многу важно, но за тоа да се оствари се потребни голема решителност и истрајност во вистинољубието. Не може да ја споиме чистата со загадената река и истовремено да очекуваме дека таа како целина ќе остане пивка, неотровна и полезна за луѓето. Според тоа, единството со Римокатоличката црква може да се достигне само преку делотворно покајание. Ова јасно и гласно треба да биде кажано и пренесено. Работата е проста и едноставна, иако можеби привидно ни се чини сложена и заплетена. Нека се откаже папата од филиоквето, нека ги напушти и другите погрешни учења и догматски новотарии, нека исповеда правоверно исповедание на верата и тогаш од секој православен човек, од секоја помесна црква ќе биде дочекан како блудниот син од евангелската парабола. Секој од нас ќе му приреди најсвечена и богата гозба, секој ќе го украси со најголеми почести и достоинство. Ова нема да го направиме заради некоја наша каприциозност, туку заради нашата искрена и братска радост, заради Бога и заради вистината. Тогаш сите заедно ќе му објавиме на светот дека визиготските кралеви, Карло Велики и каролинзите, заедно со епископот од Толедо и франачките кардинали се обични еретици и заблудени опортунисти. Само на овој начин може да биде остварено единството и никако поинаку. Ние сега, во овие околности, можеме да имаме меѓусебна почит, се разбира не треба да се мразиме, може и да водиме разни дискусии, но ако нема правилно исповедание на верата, тогаш ќе ни бидат бадијала сите мудрости, сите интелектуални способности и брилијантности. Единството зависи од вистината, која се чува во едната, света, соборна и апостолска Црква како што буквално запишале отците од Првиот и Вториот вселенски собор. Тоа што папата опортунистички го прочитал Символот на верата без додавката филиокве, па го воодушевил нашиот владика, не треба да нè занесува дека е решен повеќевековниот проблем меѓу Истокот и Западот. Ако не бидеме емотивно внимателни, лесно можеме да западнеме во интелектуална замка, па преку разни мудрости и жонглирања да се обидеме да ја релативизираме реалноста и да ја оправдуваме фактичката застранетост. Мораме секогаш да имаме предвид дека гордоста честопати се претставува како понизен слуга, таа понекогаш знае успешно да се преобрази и приспособи на ситуацијата, оти нејзина основна алатка е манипулацијата, тоа е нејзиното второ име и нејзината вистинска природа. Од Големата шизма па наваму, секој еден римски папа има цел и упорно се обидува да доминира и да владее и со светот и со Црквата. Што е сега сменето, па да поверуваме дека се променил правецот на нивното црковно учење? Напротив, и денеска гледаме дека им е поомилено вплеткувањето во бурните световни мориња отколку мирното пристаниште на правилната вера во Троичниот Бог и во Богородица. Омилена им е нивната непогрешливост, што е схоластичка апсурдност самата по себе. Колку и да сакаме да им признаеме дека се непогрешливи, сепак пред нас испливуваат голем број примери каде што токму тие директно се вклучени во разни интриги, во разни меѓудржавни и меѓународни судири. Ова се провлекува до ден-денешен. Бидејќи се раководени од световни и материјалистички интереси, тие се подготвени да направат сè што е потребно само за да ги задоволат своите краткотрајни интереси.

Тие ако треба пред вас правилно ќе го прочитаат Символот на верата, бидејќи цврсто веруваат дека вие ќе паднете на нивниот шарм и нивната умешност, зашто себе се сметаат за посебни и исклучителни, нивната светлозарност и досетливост, зарем не е безгрешна?! Ако си навидум силен може и ќе ти се умилкуваат, но не дај Боже да си слаб и разединет, тогаш си за нив една обична незабележлива прашинка што ветрот лесно ја дува и разнесува. Тогаш е дозволиво бездушно да бидеш поробуван, пљачкан и омаловажуван. Тогаш ниту едно правило не важи, ниту кој било договор има некаква вредност. Како поткрепа на ова што го зборувам, сетете се какви сè ултиматуми не им поставувале на Православната црква и на православните народи во минатото, кога над нив силно се надвисила османската наезда. Без трошка совест и сомилост сите нè препуштиле да потонеме во петвековниот мрак и црнила. Сетете се и сега, како нас Македонците бездушно нè присилија, прелажаа и обезличија. Точно дека тоа директно не го направи Ватикан, но го направија нивните духовни чеда, во кои генерациски е сраснат комплексот на посебност и непогрешливост. Зборувавме за оваа појава на почетокот на текстот. Посочивме дека настраното учење и неправоверната мисла имаат далекосежни културолошки последици.
Но, како и да е, ова не го говорам толку за нив, мојот фокус е насочен кон нас, кон нашиот правоверен народ. Сосема е во ред да се има контакт, се разбира во никој случај не смее да постои омраза или, пак, ние да бидеме причина за немир и недоразбирања. Но кога станува збор за правдата и вистината, мора да стоиме свесно, цврсто и стамено. Единството по секоја цена не е цел самата за себе, вистинољубието и делотворното покајание се она што е најважно. Вистината понекогаш може да биде многу повредена, може да биде дури и масовно напуштена, превртена и исмеана, но сепак таа во својата чистота ќе биде скриена и зачувана во малата заедница, во неколкумина што искрено се собрани во името Христово. Затоа правилното учење и исповедање на Господа Исуса Христа и на Бог Троица е беспоговорно и апсолутно. Од ова зависи Неговото присуство во срцата човечки, во заедницата, во Црквата што тие ја образуваат. За лаикот ова може да биде и несфатливо, но за еден епископ на Црквата тука не треба да има никакви компромиси, оти он е наследник на Апостолите, он е непосреден чувар на вистината, он е врвен учител на народот Божји. Епископот е верна икона Христова, кој пак е полнотата на Црквата, кој ја возглавува и раководи кон Царството Небесно.

Не смееме да ја заборавиме древната мудрост што вели дека сме она што го мислиме. Како мислиме, така и правиме. Правата и делотворна вера, усрдното чување на вистината Божја, ја определила и изградила оваа цивилизација и култура со сите нејзини позитивни придобивки. Ова е неминовен и непобитен факт. Правилното исповедание на догматите не е интелектуализација и мудрување, не е филозофирање околу Божјото постоење, туку е непосредно сведоштво на Боговидците, кои во борбата против разните ереси и погрешни учења имале потреба да го запишат и да го остават во трајно наследство на следбениците Христови. Оваа вистина секогаш треба да ја имаме пред себе, кога ќе размислуваме или кога се впуштиме во суштински преговори со римскиот папа или со некој што повеќе или помалку застранил во верата. Вистинскиот Христос, Неговата објава и откровение, секогаш ќе треба чисти и неизвалкани усрдно да ги сведочиме пред секој што сака да ги прими, да ги чува и да ги живее во својата внатрешност. Овие правила важат за сите, и за Москва и за Цариград, и за црковниот великодостојник и за обичниот верник.
Пред нас се божиќните празници, доаѓа денот кога уште еднаш со радост и благодарност ќе се потсетиме на Рождеството на долгоочекуваниот Месија, кој снисходливо ја прими нашата човечка природа за да ја освети и преобрази, за да ја продухови и удостои, и како таква да ја поседне од десната страна на Отецот, кој на секоја наша молитва татковски ќе одговори и изобилно ќе го излее Светиот Дух, оти Он толку многу го возљуби светот што го даде и неговиот Син како жртва за секој што ќе поверува во Него да има живот вечен и изобилие. Бог Отец, Бог Син и Бог Свети Дух, Троица Една и Неразделна, нека бидат со нас и во нас, при празниците што ни претстојат, но и во новото лето Господово.

Митрополит повардарски †Агатангел (Станковски)