„I believe in America!“ Јас верувам во Америка! Ова е првата реплика што се слуша уште во оттемнувањето на легендарниот филм „Кум“ на Френсис Форд Копола. Тоа е дијалогот на карактерот Бонасера. Се сеќавате сите. Почетокот на филмот. Сцена прва. Долг кадар што трае пет минути. Едноставно поставен. Горно светло. Портокалово топло. Очите потонати во црно. Како прокобни. На фар што се движи наназад, oд крупен до среден форплан. Несреќниот Гробар му раскажува на Кумот за тоа дека верувал во Америка затоа што таа го направила богат. А тој, за да ѝ врати на Америка за среќата што во таа ветена земја ја пронашол за себе си и семејството, најдрагото што го имал на овој свет, својата преубава ќерка, ја воспитал во американски стил! Тоа подразбира слобода на „американски начин“, но во рамките на италијанската традицијата и морал. За жал, тие принципи ќе бидат погазени кога еден ден, едни момци, добри Амерканци, „Goodfellas“ ко што би ги нарекол Мартин Скорцезе „испровоцирани од убавината на девојката“ ќе се нафрлат да ја силуваат.
Таа ќе ја зачува семејната чест и ќе се брани од насилниците, кои откако ќе ја обесчестат, ќе ја истепаат до толку што лицето на таа преубава девојка ќе биде засекогаш осакатено, а убавината неповратно изгубена. Но тој, добриот Американец, гробарот Бонасера, сѐ уште верувал во Америка, во идеалите на правдата и слободата, па ќе отиде во американските судови, да побара американска правда: и ќе добие ослободителна пресуда за насилниците што во сред судница ќе му се смеат во лице! Правда? Секако. Но таа, од Америка ветена правда нема да ја добие. Затоа доаѓа кај Кумот, паметите нели, подготвен да плати за да добие правда! Ете, така се прави тоа во Америка, драги мои, правдата се плаќа! Како и сѐ друго што сметате дека ви припаѓа се добива со сила, со немилосрдна борба во која сѐ е дозволено, сѐ се продава, сѐ се купува, секој се бори против секого дури и внатре во сопственото семејство! Америка ги наградува со правда само оние што се подготвени да се борат и да загинат за неа, не за Америка, туку за правдата.
Америка не е сцена од филмот „Порта на Рајот“ во кој Мајкл Чимино раскажува за онеправдените и отфрлените од Европа што ќе отидат преку океанот во потрага по правда што ќе ја соберат од нивите со пченка каде што таа, правдата, расте слободно и во бескрајни и богати плантажи достапни за секого. Америка е бојно поле каде што, да, правдата се дели, но само на оние што ќе стигнат до неа преку борба, со подготвеност на саможртва, како дел од група што ќе те штити и крева кога ќе паднеш, но и ќе раѓа нови предводници кога старите ќе бидат изгубени или заменети на долгиот пат до правдата. Не знам како досега не разбравте дека не постои американски „Мекдоналдс на правдата“ каде што правораздавање или правдараздавање се добива со компирчиња пржени на француски начин и „кока-кола“ и милк шејк! Па ние, драги мои, триесет години не можеме да добиеме правда во сопствената земја пред сопственото право и сопствените судови, а очекуваме да ја добиеме од Америка, од нејзиното право и нејзиниот суд!
Каква наивност и каква недоветна работа?! Ако тоа сме го мислеле и очекувале, тогаш и не заслужуваме правда! Па зарем вие мислите дека Френсис Копола тукутака добил право да го сними филмот „Кум“, во кој таа Америка на правдата ниту во времето кога е правен, ниту денес не сака да го гледа затоа што никој моќен не сака јавно да му ја покажуваат неговата немоќ да застане на патот на правдата! На веќе споменатиот правдобарач Копола тоа не му било доволно, па за докрај да се избори за сопствената творечка правда, што е врвот на американската правда, ќе го сними и филмот „Апокалипса сега“ каде што заедно со Оливер Стоун со „Вод“ и „Роден на 4 јули“, Стенли Кјубрик со „Фул Метал Џекет“ и Теренс Малик со „Тенка црвена линија“ ќе застанат на страната на онаа Америка, која макар и на филм, на крајот ако си доволно силен дава правда на секого, па дури и на несреќниот виетнамски народ! Каква правда?! Ама не билe тие луѓе „pussy“!
Нејќам да се оградувам, намерно кажувам – плачипутки што треперат пред секое џавкање преку синото пиленце еднаш на две недели рано наутро во име на амбасадорката на Америка определувајќи кој, како, кога и колку ќе удара по вашите глави со чеканот на амбасадорската правда во судницата на историјата на северната република! И веќе не се борите за правдата! Обесхрабрени сте, немате сила, мотивација, пречките ви се преголеми за да можете да ги заобиколите, прескокнете, преминете или да ги урнисате! Или дури да одречете дека постојат. Веќе кревате раце колнејќи ја судбината, природата, па дури и Бог! Замислете вие да сте Америка и да треба на некоја мала и сосема безначајна нација да ѝ дадете правда, а притоа неколку различни групи од таа нација претендираат на тоа дека токму тие, а не оние другите ја заслужуваат правдата единствено и само за нив! Кому би му ја дале? Секако не на некој лик заскитан во мистериите на идентитетот во „Источно од рајот“ на Џон Стајнбек или на некој Том Бјукенен скициран во романот „Големиот Гетсби“ на Френсис Фицџералд, туку на кучето Бак од романот „Повикот на дивината“ на Џек Лондон, макар и за онаа филмска приказна со мојот омилен Американец Хрисон Форд во улогата на Џон Торторн! Правдата ќе ја добие секој што ќе биде подготвен да се избори за неа. А сега, во овој момент тоа не сте вие, драги мои! Вие сте тие што потклекнуваат и се откажуваат на долгиот, трнлив и мачен пат што води кон заслужената цел – „sweet justice“ (слатка правда) како што се кажува во добрите и праведни американски филмови!
И ајде ви се молам, од каде таа идеја дека некој може да ви забрани да мечтаете дека еден ден и вашата правда ќе стигне на вашата врата и ќе чукне на начин на кој американскиот фолкер Роберт Дилан го опева во онаа песна за „Тропањето на вратата на рајот“?! Правдата, драги мои, е идеал и тој или таа доаѓаат во својот совршен облик. А тоа совршенство се обликува во вашата душа и во вашето срце и ниту една амбасадорска екселенција на која по две години никој нема да му го памети ниту името не може да ви забрани да зборувате за тоа совршенство, да пишувате песни, раскази, новели, романи, драми! Ниту еден договор, па макар бил и стопати меѓународен нема сила да забрани да направите поетско читање, театарска претстава, телевизиско шоу, па дури и да снимите филм во кој мечтата за вашата правда ќе добијат суштина, облик и дух! Не постои полиција на овој свет, па макар била и „ЦСИ: Мајами“, која може да ги уапси и напика по севернорепубликанските алкатраси копнежите и љубовта кон Македонија и нејзината култура, традиција, вера и духовност! Треба само да сакате да го правите тоа. Ништо повеќе. Америка, драги мои, знае кога вие сакате, а кога лажете дека сакате. Видела таа Америка и поголеми и повеќебројни фолиранти од Македонци што лажно се колнат дека се подготвени да умрат за правда додека „Смртта е непроверена работа“, како што кажува Емир Кустурица, мерејќи ви го паметот на вас што ќе поверувате во бесмртноста а не сте направиле и оставиле ниту едно дело зад себеси достојно да се нарече праведно! Мислите дека Кусто, тој наводен антиамериканец не верувал во „Сонот за Аризона“? Верувал, затоа и му било дадено тоа да биде неговото најдобро дело. Америка, драги мои, не е само една. Има Америка и Америка.
Америка на Џон Вејн и Америка на Џони Дип. Како што има Македонија и Македонија. Македонија на Милчо Манчевски и Македонија на Столе Попов. Јас бескрајно верувам во онаа Америка што ме заштити кога ми беше најтешко во животот. Јас, драги мои, верувам во онаа Америка што ме прими и ми ја даде мојата правда, ама затоа што се борев за неа. Во ниту еден момент не потклекнав пред предизвикот дали таа правда ќе дојде самата, без јас да проколнувам и плачам за неа, непопустливо, немилосрдно и непоколебливо. Ете, јас во таа Америка верувам! И таа Америка има правда за сите што веруваат во неа. Е сега, првиот чекор е секогаш најтежок, затоа што за да проодите по нерамниот пат на правдата треба да расчистите со кого ќе одите по тој пат и од која Америка ќе ја барате вашата правда? Гледате како нејзината екселенција расчистила со тоа? Таа им се обраќа на граѓаните на северната република, кои се дел од мечтата за правда на оние што живеат на север од Македонија! Ако вие живеете на исток, запад и на југ од Македонија, тогаш кажете „Fuck you!“ Тоа е вообичаена реплика од секој праведен американски филм и е метафора што сите ја разбираат. Јас верувам во Македонија, но не во онаа Македонија во која може секој гробар да извади пари од џебот и да си ја купи правдата кога нему ќе му притреба. Јас верувам во онаа Америка на кумот Вито Корлеоне, која има правда за оние што веруваат во неа и одат по патот на правдата подготвени на борба во која ќе го изгубат и онаа што не може да се изгуби – својот живот.
Така е тоа во филмовите драги мои. Особено во добрите и праведни американски филмови во кои исто така верувам а некои од нив и споменав. Како е во животот тоа веќе кажавме. Така што тие што се за правда, нека тргнат по патот на филмот и фантазијата! Затоа што само таму, во фантазијата, во таа судница на човечкиот дух, уметноста, вие и оние со вас и во вас можете да ја создадете својата совршена правда во која сите во еден глас, во оттемнувањето, сосема спокојно и бавно, во еден долг кадар што почнува од крупен, а завршува со форплан го правите филмот што зборува за едни луѓе што веруваат во правда и ја почнуваат таа борба со репликата: „Јас верувам во Америка!“
(Авторот е режисер и универзитетски професор)