Прашањето е дали секогаш етичното однесување и судење е хумано и дали секогаш хуманото однесување е етично?! Се разбира дека не е ниту едното ниту другото! Понекогаш можете да бидете етични, а сепак нехумани спрема некого
Човекот отсекогаш се трудел, се обидувал, некогаш успешно, некогаш помалку успешно, да биде праведен, морален кон другите. Ова секако не важи за луѓето, кои од најразлични причини, не се труделе околу тоа или едноставно не го разбрале истото тоа или, пак, не го сметале за мошне важно, па и неопходно. Секако, некои од луѓето се обидувале од најискрени причини да бидат исправни, праведни, морални кон другите (ова е најмалобројната категорија!)… други, пак, само напати се обидувале да бидат такви, најчесто кога од тоа имале и некаква лична корист (повеќебројна категорија!), а трети, пак, го правеле тоа исклучиво кога имале лична потреба од таквото дело (најмногубројната категорија!).
Нејсе, како и да е, многу луѓе, од искона, па сѐ до ден-денешен навистина се обидувале во овој потфат. Некои биле успешни докрај, да речеме, дека често и биле такви какви што се обидувале (читај: биле исправни, морални, справедливи кон другите), некои биле успешни само понекогаш, додека на трети, пак, тоа никогаш и не им пошло од рака! Како и да е, како и да било, како и да биде во иднина, луѓето имаат различни, најчесто сосема лични причини да бидат справедливи, та нели, човечката мотивација е процес на неодобрени и никогаш докрај објасниви заднински процеси во секој од нас.
Многу често среќавам луѓе што се обидуваат да бидат такви поради некои свои незавршени работи, некакви лични недоискажаности или, пак, така речи, некакви свои „болки на совеста“… Дали е точно ако речам дека неброено пати сте забележале дека самите вие или некој кого го познавате бил справедлив само затоа што некогаш многу се огрешил, без разлика дали конкретно некому, или, како што нашиот народ милува да каже, „се огрешил на бога!“ Од друга страна, пак, дали сум грешен ако речам дека некои од нас го прават тоа затоа што имаат страв дека ако не бидат справедливи, морални и чесни, на оној свет ќе „горат во пеколот!“, „ќе ја платат својата карма“ или, пак, „ќе ги пече сопствената совест!“… Од трета страна, пак, ќе згрешам ли морално ако речам дека некои од нас го прават тоа, ете, само затоа што биле така воспитани!? Во многу од нас спие итројектот дека треба секогаш да бидеме добри, справедливи, исправни кон другите, бидејќи тоа се вистинските морални вредности… Но интројектираното не значи и интегрирано! Тоа што некој ни внушил такви вредности, тоа не значи дека станале навистина наши. Од четврта страна, пак, ќе згрешам ли ако речам дека некои од нас се такви затоа што имаат некакво невротско нарушување поради кое мораат опсесивно да бидат внимателни во своите компулсивни потреби да не згрешат никогаш, ете, чисто поради својата идеализирачка природа на личноста?!
Но да бидеме на чисто… Прво, што всушност е тоа морален чин, акт, дејство, навика, однесување?! Ако во една животна ситуација и одреден контекст на животните околности, одредено наше дејство е сосема морално, да речеме објективно етично, во друга животна околност, тоа исто дејство може да се смета за неетичко, неморално, неисправно! Еве како некаков профан, најпрост пример да ја земеме вечната филозофска дилема околу прашањето за доброто и лошото, за општествено-конвенционално прифатеното добро однесување и за т.н. лошо или, пак, неморално однесување. Пред сѐ, однесувањето само по себе не значи ништо ако не е врзано со некаков логички постулат, некаква одредена сегашна објективна околност, настан, причина и слично. Ниедно човечко однесување, било тоа оквалификувано како морално односно неморално, не е апстрахирано од секојдневното живеење и логичките постулати на здраворазумското функционирање во еден свет ваков каков што е!
На крајот на краиштата, одредено однесување не може да се квалификува како вакво или, пак, онакво само по себе и изолирано од контекстот во социјалното функционирање во одредено СЕГА И ОВДЕ и ШТО И КАКО! Еве на пример, дали тоа значи дека коректното и морално однесување е секогаш оправдано во согласност со одредени околности во реалноста?! На пример, една личност, едно лице што има тенденција секогаш добро да се однесува, во одредена животна ситуација се однесува добро кон човек што чини неморални и недобри дела?! Дале е етички да се однесуваме морално исправно кон лице што, да речеме, ги повредува животните или, пак, луѓето?! Колку и да сакаме со тоа да го подобриме тоа кутро битие и преку нашите добри дела да го поттикнеме да се подобри, сѐ уште постои прашањето дали е тој чин етички?!
Од друга страна, нели, не е оправдано на луѓето да им судиме исклучиво на одредени посебни однесувања без да го земеме предвид нивното дотогашно однесување… ако, на пример, некој постапил неетично кон некого во одредена ситуација, сепак, би требало да ја увидиме неговата матрица на однесување што е просек од неговите други секојдневни однесувања… од друга страна, пак, дали тоа значи дека ние, ако се обидуваме да согледаме некое неетичко дело извлекувајќи општ суд од животните дела на едно лице, со тоа не го занемаруваме фактот како тоа лице се однесувало во таа конкретна и одделна ситуација?! Или, пак, од сосема друг агол, ако го осудиме тоа лице за неетично однесување само поради таа конкретна ситуација, значи ли тоа дека вечно го осудуваме за сите негови дотогашни постапки?! Кој овде, на ова место може да пресече и да рече, ова или, пак, тоа е неетично?! Кој го има правото да суди за нечиј морален чин?! Ако тргнеме од претпоставката дека сите сме донекаде неетички овде или онде, олку или, пак, онолку, дали тоа значи дека немаме право никому да му судиме?! И да и не! И ок, и не е океј! Заклучокот досега е дека е многу тешко да одлучиме што е етично и исправно, а што не е?!
Со овој заклучок доаѓаме до една сосема друга дилема, дилемата околу прашањето за етичното и хуманото… На ова место се сечат две дијалектични парадигми околу релативноста на тоа што е етичко, а што е хумано… Понекогаш моралниот чин е нехуман спрема оној што е праведен. Понекогаш, пак, хуманиот чин е неетичен спрема тој што бил справедлив и морален. На пример, ако ние сме етични и исправни спрема некој што некого повредил во исто време сме нехумани спрема повредениот! Ако, пак, сме хумани спрема оној што е повреден, не значи ли тоа дека во една поширока смисла сме неетични кон оној што повредил само затоа што сме го осудиле исклучиво врз основа на тој единечен чин?! Повторно, и да и не… Исто како што понекогаш се потценува важноста на етичното, а понекогаш се преценува важноста на хуманото. Прашањето е дали секогаш етичното однесување и судење е хумано и дали секогаш хуманото однесување е етично?! Се разбира дека не е ниту едното ниту другото! Понекогаш можете да бидете етични, а сепак нехумани спрема некого.
На пример, тука е феноменот на т.н. бели лаги. Во реалноста, општествено е неприфатливо да се лаже, па автоматски, белата лага е секогаш неетички чин, нели.
Но, на пример, ако излажете дека сте го виделе партнерот на вашата пријателка со друга женска личност, а не ја знаете заднината на таа ситуација, од морална гледна точка би требало да помислите дека е добро да ѝ кажете на вашата пријателка за таа сцена. Тогаш, од една страна ќе бидете етични, но од друга страна, пак, ќе бидете нехумани од аспект на тоа дека тоа сознание може да ја повреди вашата пријателка и да ѝ создаде низа состојби, емоции и дилеми околу ситуација за која вие не знаете што значела! Е сега, некој ќе рече, сепак, морално е тоа да се каже, бидејќи вие се грижите за вашата пријателка. Но од друга страна, пак, дали е хумано да му нанесете некому сомнеж и болка за нешто, што од една страна не е ваша работа, а од друга страна, пак, не знаете што ќе предизвика кај вашиот пријател. Некој пак ќе каже, добро е да се употреби таа бела лага бидејќи тоа значи грижа за добросостојбата на вашата пријателка. Гледате, многу е тешко да се донесе суд! Другиот спротивен пример би значел дека вие сте постапиле хумано ама не е и етички, можеби. На пример, во ситуација кога ќе му помогнете некому што повредил друго човечко битие, бидејќи нели, тоа е хумано, дали тоа не значи дека сте постапиле неморално бидејќи е морално да не му се помага некому што неетично со однесува?! Некој ќе рече, да, ама човечки е да помогнеш, и онака секој си ги плаќа своите гревови! Друг, пак ќе рече, не е во ред да му помогнеш некому што не им помага на другите, бидејќи така го поддржуваш злото!
Повторно е тешко да се каже што е исправно, дали едното или, пак, другото… Тешко е да се каже дали е оправдано рушењето на Берлин на пример, од сојузничките војски затоа што Хитлер ја уништи Европа. Тешко е да се оправдаат незадоволството и агресивноста на луѓето што биле долго време робови откако се ослободени. Моралните идеалисти ќе ги препознаете по изреките од типот – „јас никогаш не грешам!“, „ако некого отпишам од животот, тоа е засекогаш!“ или, пак, „каде што сум плукнал не лижам!“ Навистина?! Како само тие на белиов свет да го имаат правото на единствената вистина! Хуманистичките идеалисти, пак, ќе ги препознаете по „секој може да се подобри!“, „Секој заслужува втора шанса!“ и слично. Навистина?! Кажете им го тоа на луѓето што изгубиле некого или, пак, биле истрауматизирани и слично.
Етиката е тука да го научи човекот да биде подобро човечко битие, да стане посамосвесен и да прави повеќе добри отколку лоши дела. Бидејќи, човекот не е ниту добро ниту лошо битие. Човекот не е совршен за да биде везден морален, етичен, справедлив и исправен. Но етиката е тука да нѐ поттикне да размислуваме за нашите дела дали се морални или не се. Од друга страна, пак, хуманизмот е тука да нѐ потсети дека секое човечко битие има внатрешен потенцијал за раст и развој и дека секој од нас има право на шанса да стане почовечен. Човекот не е ниту хуман ниту нехуман, ниту човечен ниту нечовечен. Тој е дете на контекстот, дете на моменталните околности, карактерот, наследството, условите, совеста и свеста, личноста и колективното! Човекот постојано се бори со своите внатрешни демони за сѐ и сешто! Да се биде хуман и етичен најчесто оди заедно, но не секогаш! Понекогаш, да бидеш етичен значи да не си хуман…Понекогаш, пак, да бидеш хуман значи да не бидеш етичен…Дали затоа што човекот често неетично постапува, треба да престанеме да го подучуваме на доброто?! Се разбира дека НЕ! Дали затоа што човекот често е нехуман треба да престанеме во него да го поттикнуваме човечното?! Се разбира дека НЕ!
П.С. Со текот на времето сфатив дека злото е вродено, а доброто се учи и дека тоа што се учи бара промена…дали се променив не знам, но знам дека сѐ уште се обидувам…
Мирослав Пендароски
Авторот е психолог и универзитетски професор