Повторно слушам како политичарите ветуваат дека ќе го запреле заминувањето на младите и ќе направеле сѐ да ги задржат во земјава. Се обидуваат да нѐ уверат во нешто во што самите тие не веруваат. Како да му веруваш на кандидатот за претседател на Македонија дека ќе направел сѐ да ги задржи младите дома, кога тој е прв што навести дека би ја напуштил Македонија да не е претседател. Како тргнал со кампањава може желбата и да му се оствари. Којзнае.
Што и да направат политичарите нема да ја вратат младоста што ја протераа од државава. Многумина што ги знам си го спакуваа животот и заминаа. Младост спакувана во куфер, долги прегратки збогум и билет во еден правец. Не можеа да чекаат работите да се сменат. Политичарите заборавија дека младоста е нетрпелива и дека предолго чекаше на нивните ветувања. Токму политиката направи да го замразат општеството во кое не можеа да се пронајдат. Ми велеа дека станало грдо. И грдо е, кога освен на омраза и понижување не можеше да ги научи на ништо друго. И ми изгледа сосема нормално да залуташ во такво општество, како и сите ние. Не дека не се обидуваа многумина од нив да се пронајдат, но не успеаја. Тешко е да се пронајдеш тука, во морално и вредносно гнило општество. Зарем некој може? Додека ние другите ги потрошивме животите барајќи надеж и перспектива, а наоѓавме само разочарувања, тие не сакаат да чекаат. Заминуваат пред разочарувањето да им ги исцица младоста и желбата за живот.
Секогаш мислев дека младоста е поотпорна и поиздржлива. Така ме учеа. Изгледа сум се излажал. Сега гледам премногу млади и разочарани луѓе во државава. Сѐ помалку наивни, но многу ранливи. За жал, политиката не може да го види тоа. Не може, а и не сака да види дека младите одбиваат да бидат дел од општество што пропаѓа, општество што покажаа „точки на неуспех“ низ синџирот на вредности. Не секој сака да ја чека ветената иднина што ја нема.
Си заминува младоста од Македонија. Заминува зашто ѝ нудат живот без надеж, живот во кој чувствуваш дека немаш контрола над својата судбина, немаш цел да се стремиш и уште повеќе немаше причина да постоиш. Не барајте одговор на тоа кога се разочараа толку брзо за да заминат. И не осудувајте ги. Зашто многумина од нив одбиваа да прифатат да бидат дел од општество во кое животот им стана бесмислен. Политиката им ја уби надежта, а надежта е таа што ве одржува кога работите стануваат тешки, инспирира да сонувате големо, да работите напорно и да ги постигнете своите цели.
Без надеж, нормално е да се изгубите во мрачниот и осамен свет што ни го создадоа. Свет во кој колку и да сакаа не можеа да го најдат своето место, зашто едноставно не чувствуваа дека припаѓаат тука. Ветувајте колку сакате дека ќе направите сѐ да ги задржите младите во Македонија. Нема кој веќе да ви верува. Гледам многумина не чекаат да завршат изборите. Не гледаат ни таму надеж дека нештата ќе се променат. Тие веќе се решени. Одамна престанаа да ѝ веруваат на политиката. Престана да веруваат во сѐ. Па дури и во моите зборови овде. А како да веруваат кога им го зедоа и сонцето. Не само што им го зедоа туку и го избрусија. Затоа решија да ја бараат светлина на друго место, да ја бараат надежта што политиката ја распродаваше на гласачките кутии. Со неисполнетите ветувања. И да, сѐ помалку сакаат да живеат на север, велат ладно е без сонцето.
Поради неуспесите на системот да напредува со напредокот на нацијата, земјата стана плодна за аутсајдери – тендер-бизнисмени, корумпирани политичари и пробисвети од секаков вид. Тие го окупираа општеството истиснувајќи ги младите и успешни, кои чувствуваат дека оваа земја не е ништо друго освен огромен неуспех, целосно неспособна да се поправи и повторно да се измисли во иднина. Македонскиот сон меѓу младите стана да се напушти Македонија и да се почне нов живот некаде на друго просперитетно место.
Ова не е бајковитата фантазија, ова е реалноста што ја живееме во Македонија. И ова не е преодна фаза. Ова трае и ќе зема сѐ поголем замав. А политиката и политичарите нека продолжат со нивните перформанси за иселувањето на младите. Кога друго не можат, а којзнае можеби и не сакаат да им понудат. Ни треба итен повик за будење и вистинска промена за да го свртиме трендот во наредните години. Спротивно, ќе ни останат само чевлите од политичкиот перформанс за иселувањето на младите. А младоста? Таа ќе си го најде патот. Освен онаа што замина неповратно.