Преспа 2018: Или анатомијата на едно злосторство (6)
Денешнава наша тема во колумнава, драг читателу, е посветена на човековиот деструктивен нагон на уривање културно-цивилизациски вредности, кој ги изведува на површина херостратите со нивната темна страст за зло. И, тука, во овој контекст, го имаме пред нас антагонистичкиот цивилизациски пар градење-уривање и, следствено на тоа, градители-уривачи. Тоа е проблем на цивилизацијата од кога почнала таа. Но тука сега е важно кој уривачки елемент го карактеризира херостратизмот. Тоа е огнот, првото значајно и прекрасно откритие на човекот во праисторијата на палеолитската ледена епоха. Огнот за првпат тогаш според божјата волја го стоплува човекот опколен од секаде со мраз и студ, и тој е огниште, симбол на неговото живеалиште, камената пештера во која тој благодарение и на него го потсилува својот естетски нагон за создавање уметност на камените ѕидови на Алтамира. Огнот на праисторискиот човек е пронајден со откровенската техника на триење суви дрва, а потоа и со секање на белутраци, камен со камен. Но како дошол до оваа техника, тој. Интересна е во тој поглед хипотезата на Гастон Башалар во неговата книга „Психоанализа на огнот“. Имено, тој тврди дека до тоа човекот дошол со актот на љубовта, на триењето на телата на мажот и жената додека водат љубов, произведувајќи топлина. Фасцинантна хипотеза на која не ѝ ставам никаква забелешка. Таа пледира на фактот дека љубовта може сè, дека таа, како што вели Данте, ги движи дури и ѕвездите и планетите. Така и огнот е производ на љубовта. Но, за жал, потоа со текот на времето некому му текнало него да го користи деструктивно и за зло, за спепелување на она што некој го градел. Всушност тоа е тажната дијалектика на цивилизациите на градење и уривање, спепелување и воскреснување, на драма во средишниот цивилизациски пар: култура-варварство.
Доволно како вовед за влез во срцевината на темата Херострати и херостратизам со кусиот историјат на огнот и неговиот, по неговото откривање, амбивалентен симболизам: добар и зол, конструктивен и деструктивен, како што е тоа впрочем случај и со сите други симболи, посебно карактеристично и симболизмот на водата сијамска близначка на огнот. А нивната врска е и хиерогамиска, свадбарска во митот на Индијанците крунисана брачно како „огнена вода“. Алкохолот.
Тоа е тоа. Туку сега да видиме од каде и како огнот го промовира својот деструктивен симболизам и со него влегува низ широка врата на историската сцена. Почетокот на тоа е 356 пр. н.е. кога еден болен Нарцис од Ефес во Мала Азија по име Херострат, сакајќи да стане славен по секоја цена, го запалил храмот посветен на божицата Артемида, најубавиот во антиката, спепелувајќи го до темел. Така станува славен тој, но горчливиот парадокс тука е во тоа што неговото деструктивно име е добро зачувано во историската меморија, за разлика од градителот на спепелениот храм, кој останал непознат. За жал, постојат многу такви примери во кои градителите остануваат анонимни, а уривачите познати и мемориски неизбришливи, па човек во јанѕа ќе се запраша дали злото не е поекспресивно и потрајно мемориски од доброто. Во тој и таквиот контекст на работите, пак, драг читателу, и ние Македонците со јанѕа се прашуваме дали тоа не е случај и со нашите домашни херострати, особено со најновите, кои со идентитетскиот геноцид Преспа 2018 го спепелија најубавиот храм во Европа што го носеше од искони, неколку милениуми како што сведочи и Библијата, името Македонија. Тоа се, како што добро знаеш, како што добро знае секој Македонец што не е изрод, Зоран Заев и неговиот министер во тогашната негова влада Никола Димитров.
Долга и сложена митска и симболошка, иницијациска приказна поврзана со огнот и неговите митологеми. Заедно со водата тој е најраспространетиот елемент во митовите, обредно и иницијациски најзастапен. Тој е чувар на светите места, а како вечност гори и пред споменикот на незнајниот јунак кај сите народи што имаат свест за саможртвата на хероите. Но оваа генерација Македонци заборавија на тоа. Нашите политички херострати го спепелија без око да им трепне и храмот на АСНОМ сосе иконостасот на сите негови светители-светилници во нашата историска ноќ. Херостратот од Ефес го употреби огнот, најголемата господова благодат, за зло и така како историски феномен ја отвори ерата на херостратизмот и Херостратите на сцената па цивилизацијата. Од него натаму херостратизмот трае во еден жесток континуален ритам сè до денес, а како што стојат работите тој со несмалено темпо ќе продолжи и во иднината, веројатно сè до последната битка на Господ со црните ангели херостратите во Армагедон, за што говори и „Откровението“ на апостол Јован во Новиот завет. Оти и на Создателот одамна му здодеале тие, а камоли на чесниот и христолик човек. Затоа, имено, и ја пееја на сет глас раните христијани, нашите Богомили песната: „Господе, дојди што поскоро“.
А прашуваш, драг читателу, кои се по ефескиот Херострат најкрупните херострати што следуваат. Да. Јас се обидов во таа смисла да направам една мала херостратска антологија. Во неа како најкрупни ги ставам: Нерон, Пиколомини, Наполеон, Хитлер и Труман. По ред. И тие како и ефескиот Херострат, кој го спепели храмот на Артемида за сопствена катарза и историска слава по секоја цена, го следеа на тој план него. И сите тие исто како својот славен претходник, втемелувач на херостратизмот, за својата деструктивна катарза го користеа огнот, со исклучок на Хитлер, кој но се служи буквално со него, туку него го сугерира како планетарен пожар, војната со која тој сакаше да го спепели светот.
Но одиме по ред. Нерон е најголемиот херострат во антиката. Тој за свој ќеф во лудило го запалува Рим, гледајќи го во екстаза пламенот во кој гори тој. Веднаш до Нерон како најсуров римски диктатор го ставаат Калигула, но тој немал како него отворен херостратски нагон за спепелување на некое културно-цивилизациско добро, иако и тој во колосеумот ги фрлал робовите-гладијатори во устата на ѕверовите. Но разликата меѓу него и Нерон е голема. Калигула за разлика од него сфаќал некои работи, бил неверојатно луциден, служејќи се со фигурата на парадоксот, па така е познат и славен неговиот најинвентивен парадокс, внесувањето на неговиот коњ за сенатор во римскиот сенат, за да ја исмее тапоглавоста на неговите сенатори. Овој историски настан со неговиот главен лик го инспирирал и Ками да ја напише драмата „Калигула“.
Втор на кусата антологиска листа на херострати е Пиколомини, кој го запалува Скопје со еден чуден, како што се раскажува, бизарен и парадоксален мотив, од завист кон неговата убавина, а тоа го открива скриениот херостратски комплекс на немоќ херостратите да се соочат со убавината што не се вклопува во нивниот духовен свет. Убавината, која според утопистот Достоевски е единствено способна да го спаси светот. Оти пред Пиколомини, како што се гледа, неа не можеле да ја поднесат ни Херостратот од Ефес, ни Нерон. Трет на хератостратската листа е Наполеон, кој во француска екстаза во походот на Русија ја запалува Москва целосно испразнета од население пред варварскиот француски налет. И тој како Нерон (сега француски Нерон) пред запалениот Рим ужива во пожарот па руската престолнина за што, како што е познато, ќе плати скапа цена на Бородино.
Четвртиот на листата антологиски херострати е Хитлер, кој го запали светот со намера да направи од него пепел. По него (иако некако речиси и истовремено со него) на оваа листа е и американскиот претседател Труман. За некого можеби неверојатно. Но не е. Имено тој, кој за несреќа го наследи ненадејно починатиот Рузвелт при крајот на војната, а кој најверојатно немаше да го стори тоа, во август 1945, кога Хитлер беше победен, ги фрли американските атомски бомби на Хирошима и Нагасаки. Така за само една секунда беа спепелени тие сосе човечките животи во нив. И тоа е најстрашниот и најспепелувачкиот оган виден во историјата на човештвото.
Толку за кусата светска херостратска листа на најпознатите херострати. Но сега по неа, драг читателу, нè интересираат нашите домашни, македонски херострати. Оние што сега пред сè, и за наша несреќа, се наши современици и несреќно родени за да ја зголемат дури на ента степен историската трагедија на Македонците. Тие ја подготвуваа и учествуваа во најголемата наша катастрофа откако постои Македонија, идентитетската смрт во Преспа 2018. Тоа се во прв ред слугите на странските служби и наши велепредавници, веќе ги спомнавме понапред, Зоран Заев и Никола Димитров. Тие ја пречекаа во Македонија европската гилотина довлечкана од Брисел во Преспа и со неа по налог на западните политички сатрапи им ја пресекоа идентитетската глава на Македонците под златните гранки на преспанските овоштарници. Тоа беше екстремно темен празник на цивилизацијата, на кој посебно свечено натокмени и во делириумска екстаза беа претставниците од Атина, најомилениот балкански предатор на Европа. Ним на свечен начин од бриселските политнакази, имено, им беше предадена како трофеј отсечената македонска идентитетска глава ‒ Името. Тоа беше на 17 јуни 2018, денот во кој до вечерта, пред да се спушти врз нас светската ноќ, сè уште дишевме со Името, а веќе утредента бевме ставени во идентитетски мртовечки ковчег закован сега со клинците на новите римски војници по оние што го прицврстуваа Исус на крстот на голгота. Сега тие беа римските војници за македонското распетие од Брисел.
Така и толку, драг читателу. Коте од Руља, кој му ја пресече по налог на андартите главата на Лазар-Поп Трајков, е нула според злосторството што му го приреди Заев на сопствениот народ како негов изрод, оти тој за разлика од него му ја отсече (со неговиот министер) главата, најскапоцената идентитетска круна на македонскиот народ. Заев и Димитров најкрупните македонски херострати откако постои неколкумилениумската Македонија. Никој не им е рамен. Но покрај нив, огромни како смртта, постојат врзани за нивниот подопашник и помали херостратчиња, кои беа нужни, неопходни за Вавилонската Блудница од Брисел да го завери срамно овој чин на идентитетска ликвидација во еден потег и врз цел еден народ со срамен и валкан божем демократски правен документ по нивен терк. Затоа, драг читателу, да не ги заборавиме нивните имиња за да се знае кои се тие, за жал веќе неизбришливи во меморијата на овој народ нив, такви какви што се, ни заборавот нема да ги заборави. Вечен им срам и ним, драг читателу. Нема сомнение дека беше во право Гоце кога рече дека ниеден народ на светот нема толку предавници како македонскиот. Нека им е ним, кои идентитетски со свое предавство, кукавичлак и подлост им помогнаа на Брисел (ЕУ) и Атина да бидат ставени Македонците во идентитетска гробница, арам она што го добиле како добивка за предавството. Кога ги раѓале, невини, мајките не знаеле што раѓаат и немаат за тоа вина, ниту нивното млеко што ги доело нив. Да. А ти ме прашаш за крај, драг читателу, како тие учествувале во смртта на цел еден народ, а смртта ги заобиколува нив. Наивно прашање. Смртта никого не заобиколува, но и таа има некој етички критериум. Имено, таа повеќе ги сака во својата прегратка чесните и невините, доблесните и хероите наспроти ништодушите. Крај. Се спушта покровот на светската ноќ врз светот. Nocturno. De profundis. Memento mori.