Римјаните не би биле Римјани доколку не се истакнувале со својата граѓанска добродетелност – упорност, достоинство, дисциплина, несебичност, должност, строгост, но и одлика за негување на силните заемни нишки на колективната поврзаност, вишиот интерес и заедништвото, што излегувало на површина токму тогаш кога ќе било доведено во прашање со предизвик што се заканувал за рушење на заедничкото општо добро и кауза
Не попусто постои изреката дека историјата е учителка за животот. Лекциите што ни ги нуди историјата се бесценети. За секоја генерација! За онаа генерација што е на заминување, потоа за онаа што е актуелна и во полна животна интелектуална и физичка енергија, но и за генерациите што допрва доаѓаат, дури и за оние што не се родени. Историските лекции не нѐ учат само за надградба на личното образование и напредок. Таа ука многу повеќе содржи сведоштва и лекции за колективниот дух, настани за подеми и падови на држави, народи, нации, жртвувања за општото добро и колективниот интерес… На основа на тоа, многу лидери, војсководци и политичари црпеле енергија, поттик, мотивација, нескротлива желба и волја да им се помогне на својот народ и држава. Таквите примери се безбројни и се доволно јасни за да послужат и како патоказ за новите предизвици и во нашево време. Затоа што „историјата се повторува“, а ние можеме и мораме да учиме на грешките (или вистински направените потези) од минатото. Сега е шанса да се потсетиме на една (позната) историска лекција што има навистина голема поврзаност со нашата сегашност…
Имено, кога римските државници се соочиле со најголемата опасност во дотогашната историја, нивните постапки биле насочени кон прекратување на фракционерските политички борби во сенатот, обединување, зацврстување, сплотување на силите и осмислување стратегија со која ќе биде надмината опасноста за да се зачува државата.
Во 218 година пред нашата ера, легендарниот картагински генерал Ханибал, со својата армија од околу 80.000 војници и 37 слона, ја минал реката Ебро во Шпанија и се упатил кон Апенинскиот Полуостров. Во текот на своето патување Ханибал се судрил со непријателските племиња во Галија, но најголемиот предизвик биле Алпите – највисокиот планински масив во Европа, каде што Картагинците се соочиле со суровата клима и непогодниот терен.
Но под водството на харизматичниот Ханибал армијата успеала да ги мине Алпите и да навлезе во територијата на Римската Република – достигнување што се смета за еден од најголемите воени успеси во антиката. Римската држава била изненадена, меѓутоа на Ханибал му останале на располагање само околу 27.000 војници и еден слон – фамозниот Сурус (Сириецот).
Картагинскиот генерал се наоѓал во релативно неповолна положба, ако се земе предвид дека бил на непријателска територија и со ограничени ресурси, меѓутоа неговата генијална воена умешност им овозможила на Картагинците да извојуваат четири битки над Римјаните кај Тицино, Требија, Тразименско Езеро и Кана, во чиј тек римската држава изгубила повеќе од 80.000 војници. По битката кај Кана, во Рим завладеала паника од која произлегла подоцнежната латинска изрека „Hannibal ante portas!“ (Ханибал е пред портите!) со значење: „Ни се заканува најголема опасност!“
По катастрофалните воени порази можело да се очекува дека Рим ќе биде освоен и римската држава ќе биде поразена во Втората пунска војна, но „боговите“ својата наклонетост им ја подариле на Римјаните. Во тој момент, реално Римската Република немала сопствена армија и престолнината немала одбрана, меѓутоа Ханибал не го нападнал Рим, потег што останува мистерија. Има неколку претпоставки за неговата пасивност – картагинската армија била истоштена, чекал воено засилување, можност од напуштање на сојузниците по освојувањето на Рим, сакал да создаде држава во Италија итн.
И покрај првичниот успех, Ханибал против Римјаните војувал уште десет години во Италија. Картагинската помош не пристигнала, бидејќи неговиот брат Хаздрубал бил поразен и неговата глава била фрлена во картагинскиот воен камп. Кога Ханибал ја видел главата на својот несреќен брат, рекол: „Сега ја гледам судбината на Картагина!“ Постепено Римјаните ја презеле воената инцијатива во свои раце и Ханибал бил принуден да се повлече во Африка, каде што од страна на римскиот генерал Скипион Африканецот бил поразен во одлучувачката битка кај Зама.
Тука се наметнува прашањето како Ханибал и Картагина ја изгубиле војната со Римската Република, кога речиси сите адути биле на нивна страна по битката кај Кана.
Колку и да звучи чудно, одговорот лежи во карактерот и особините на римските и картагинските политичари. Римјаните не би биле Римјани доколку не се истакнувале со својата граѓанска добродетелност – упорност, достоинство, дисциплина, несебичност, должност, строгост итн.
Кога римските државници се соочиле со најголемата опасност во дотогашната историја, нивните постапки биле насочени кон прекратување на фракционерските политички борби во сенатот, обединување, зацврстување, сплотување на силите и осмислување стратегија со која ќе биде надмината опасноста за да се зачува државата. На спротивната страна била картагинската елита, чие однесување и постапки се причината за пропаста на Картагина, а не наклонетоста на „боговите“. Ханибал бил напуштен од картагинскиот сенат, бидејќи во судбоносните денови еден дел од картагинската аристократија, предводена од Хано Велики, го спречил испраќањето на воената помош во Италија. Картагинската елита се водела од личните, а не од државните интереси, и нејзините постапки имале цел да го саботираат Ханибал, затоа што се плашеле од неговото издигнување и можноста од губењето на политичката моќ. Следствено, римската држава останува запаметена како една од најголемите империи во историјата, а не Картагина, која ја платила цената за своето недржавничко однесување.
Од денешна перспектива, кога Македонија се соочува со една од најголемите опасности од осамостојувањето – пандемијата на ковид-19, која предизвика економски и општествени турбуленции, кога се забавува економската активност, кога компаниите и индустриските капацитети трпат огромни штети во работењето и се соочуваат со ликвидност, кога граѓаните ги губат своите работни места, кога здравствениот систем се соочува со големи предизвици, кога доцнат платите во јавниот и приватниот сектор итн., нашата политичко-општествена елита треба да го следи примерот на римските државници. Македонската елита треба да се консолидира и да осмисли стратегија за решавање на последиците предизвикани од пандемијата, но и за решавање на другите проблеми со кои се соочуваме како општество – нефункционалноста на судството, корупцијата, клиентелизмот итн.
Но не дека ние немаме силни примери на лидери и настани од не толку далечното минато… Како што вели еден професор, сегашните наши лидери нека се угледаат на македонските револуционери од крајот на 19 век. Иако и меѓу нив имаше некои што личеа на Јуда Искариотски, како што е Васил Чакаларов, кој со бугарски државни пари си изгради куќа на пет ката во центарот на Софија која и денес може да се види, но најголемиот дел од нив ги жртвуваше сопствените интересите во полза на македонската кауза, не случајно Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански, Ѓорче Петров и многу други може да се вбројат меѓу творците на македонската држава.