Настани, симболи, алузии
Зборот „хајка“ во речникот на македонскиот јазик има две значења. Едното е дека означува гонење дивеч заради лов, а другото е организирано гонење луѓе. За ловот не треба многу објаснувања, а хајката може да се илустрира со реченицата: „Беше организирана хајка на диви свињи, волци и лисици“. За објаснување на преносното значење има повеќе можности цитирајќи секојдневни новински наслови. На пример: „Хајка на власта и полицијата против опозицијата“. Може и обратно: „Хајка на опозицијата против власта“. Често се спомнува дека одвреме-навреме се води хајка против слободата на новинарите, не против сите, се разбира. Иако и новинарите често водат свои хајки против самоволијата на власта, а неретко и против самите колеги, едни наспроти други. Сведоци сме и на чести настапи кога критикувани или обвинувани политичари својата одбрана ја сведуваат на водење наводна хајка против нив.
Понекогаш се води „хајка против премиерот и претседателот на државата“, а и тие водат, некогаш заедно, некогаш одделно, против своите ривали или разномислечки опоненти. До пред некој месец во Македонија високите кругови од правосудството тврдеа дека новата влада води хајка против актерите во судството, сега и тие замолкнаа пред тој навестен лов за нивните глави. Во Белград, на пример, половина година студентите организираат масовна, долготрајна, хајка против претседателот на државата, а тој во дружба со неговата номенклатура води хајка против студентските професори.
Од еден обичен камен на почетокот, со текот на времето се креирани префинети стратегии и оружја, цела една наука за ловот. Меѓу ловните „тактики“ една од најпознатите е хајката, потфат што подразбира однапред договорена, подготвена и организирана потера, гонење живо суштество што најнапред треба да се истера од своето лежиште, а потоа да се гони, да се убие, да се уништи. Хајкачи се група на гонители составена од луѓе со исти цели што презема акција да усмрти едно или повеќе други животни, а може да се однесува и на луѓе, во фигуративна смисла.
Хајка против ова или она, против овој или против оној. Ловот и политичките хајки се во светот од векому век, без разлика на степенот на цивилизациски развој или општествено-политичкото уредување. Од камена доба, па дали било феудализам, фашизам, комунизам, социјализам, капитализам, либерализам, тиранија или демократија, хајките и ловот не престанувале, само добивале нови посуптилни форми.
Сликата е иста и за дивечот и за човекот, како припитомено животно. Ловците се опседнати со една заедничка мисла – да се убие сѐ што ќе се појави на нишан, на отворено или чекајќи во заседа. Гонителите и гонетите се на ист простор во исто време, на исти патеки, блиску едни до други. Кај хајкачите возбудата се зголемува од час на час, се крева тензијата, расте поривот за крв. Колку гонетиот успешно да бега, да се затскрива, да се пика до дупки, гонителите не се откажуваат од својата намера, држејќи ги гонетите во смртен страв. Гонетите во почетокот не сфаќаат што им се случува, а потоа заеднички бегаат безглаво.
Ако хајката успее да опколи повеќе животни, масовниот бег се претвора во паника. Тогаш секое животно се обидува само да побегне од обрачот, да се спаси, без да гледа и да му ја мисли што се случува со другите со кои долго живеело во слога и разбирање во заедничката шума. Некое ситно животинче може и да се извлече, но крупен дивеч, капиталец, секогаш е главната цел. Така е во ловот. Во практиката, во животот, е обратно. Страда ситното животинче. Капиталецот, вака или онака ќе излезе од обрачот, ќе демисионира, ќе потплати каде што треба, ќе се скрие во партијата или зад неа, ќе се спаси добивајки азил во некоја друга земја.
Хајката обично се прави организирано и оркестрирано, со конкретна и силна причина, особено кога ќе се стекнат услови за таква акција. Кога ќе се намножи дивечот, кога ќе загусти во шумата, кога ќе дозволат временските услови, кога добро ќе се опремат и договорат ловците. Нема свирки во рогови, нема фанфари славенички, нема кучешки лаења, сѐ се одвива под превезот на тајноста и густината на мракот. Но има и ненадејни, хајки што почнуваат случајно, не се стартно организирани, но со текот на гонењето добиваат на интензитет и масовност. Во меѓувреме се создаваат или излегуваат на површина нови сознанија, причини и поводи. Со самото тоа на ловиштето се јавуваат и придружуваат нови гонители, кои едвај чекаат жртвата да им падне во рака. Темпото има различна динамика, може да забавува, може да се засилува, гонителите може да се притаат, гонетите да ја прикријат трагата, но сето тоа трае кратко, потерата не може да се одвива во недоглед.
Фамозна е приказната за крајот на хајката, кога е остварена целта, кога почнува поделбата на пленот. Како секоја поделба и оваа не е имуна на недоразбирања и кавги. За да се спречат, измислени се посебни правила. Ако нив ги нема, лесно би дошло до меѓусебна пресметка кој да земе повеќе од месото, кој е повеќе заслужен, кој помалку. Без разлика колкав е пленот, право во поделбата имаат сите ловци. Почесниот и поголем дел не му припаѓа секогаш на оној што го задал смртоносниот удар. Понекогаш тоа право го има оној што прв го видел, го забележал и алармирал за дивечот, односно оној што прв почнал. Делачот, значи шефот на групата ловци, се грижи сѐ да помине како што треба, нема некои повластици поради својата позиција.
Може да се случи, како што понекаде и понекогаш се случува, главниот во ловот, организаторот на хајката, заради покажување чесност, а не на алчност, да се откаже од својот дел, тој да го земе тоа што ќе остане, ако остане. А секогаш останува.
Многу добро се знае дека нема успешна хајка без добри кучиња, миленичиња на газдите. Хајката тешко може да се замисли без учеството и големата улога на пците, на загарите. Тие се немилосрдни. Кога ќе добијат наредби, ги извршуваат задачите безмилосно докрај. Таквите пци се скапо платени, високообучени, негувани, чистокрвни, селектирани, се држат на кратко ремче. Во таа сурија секој пес си има своја улога, место и задача: едни само гласно лаат, други луто бркаат, трети жестоко касаат, четврти смртоносно гризат. На крајот и тие чекаат дел од пленот, добиваат по парче месо, но најчесто понекоја коска како награда за завршената работа.
Според легендите, ловот е измислен уште од првиот ден на создавањето на човекот. Главниот плен отсекогаш бил наменет за владетелите. Ловци биле фараоните, царевите, кралевите, султаните, бил привилегија на богатите. Во Америка, во нејзината „вестерн-историја“ бил високоразвиен ловот на уценети глави, тоа било и скапо платено професионално занимање. Во источноевропските земји сите комунистички претседатели биле страсни ловци, носители на светски признанија за отстрел на капиталци. Се фалеле со уловот на мечки, елени и друг крупен дивеч, а ги таеле ликвидациите на своите противници и соперници.
Зборот хајка етимолошки се поврзува со титанот Хајк, кој се побунил против владетелот на Вавилон и со својата фамилија и други 300 души се населил во земјата Арарат. Таа територија подоцна ја нарекле Хајк, денеска во светот позната како државата Ерменија. Во грчката митологија главен симбол на хајката (потерата) во ловот на боговите е дивиот зајак. Иако ловот е претежно машки спорт, него го обележуваат две божици – Артемида кај Грците и Дијана кај Римјаните, иако за прв ловец во историјата се споменува Нимрод, најславниот крал на Вавилон. Од Нимрод наваму, речиси и да нема крал или владетел со која било титула што не бил ловец, страстен ловец или на животни или на луѓе. Историјата нѐ учи дека многумина од нив често, со текот на времето и во променети услови на своето владеење, од гонители станувале гонети, дури и прогонети.