Верувам дека дури и оние што не следат спорт, во случајов тенис, веднаш ќе се сетат на што упатува насловот. За тие што не знаат: ова е накусо пораката што (со посебна интонација и акцент) до дел од публиката ја упати Новак Ѓоковиќ по завршувањето на мечот со младиот Руне, во четврт-финалето на Вимблдон. Отвореноста на целиот говор, кој остана во границите на пристојноста и елоквентноста со која е познат Ноле, предизвика земјотрес – но и поделеност. Едните го нападнаа како дрзок и безобразен, а другите му аплаудираат на смелоста во лице да им каже „доста е“. Пораката (онаа меѓу редови, додека ги испраќаше дома на спиење) има многу повеќе слоеви. Сите ние што го следиме со децении ја разбравме, ама ја разбраа и оние на кои им беше наменета: „Доста е, преку глава ми е од тоа да сум фин и кога вие не го заслужувате тоа, веќе не ви молчам кога ме навредувате, не барам да ме сакате – всушност, колку повеќе ме мразите, толку посилен ме правите“. Кога станува збор за Вимблдон или за некој друг гренслем-турнир, многу поважни се тенисот и резултатите, па е необично да се поттикне ваква лавина реакции против довчерашниот „број 1“ на светската АТП-листа, или ајде да не заобиколуваме – против најдобриот на сите времиња (GOAT, на англиски). Но Ноле е повеќе од обичен спортист, не само за нас од брдовитиот Балкан, туку и за онаа фина светска/западна сцена. Во него, или поточно во неговиот имиџ се судираат два света. Откако почна со првите резултати да се издвојува во доминантно фината западна сцена…
Можете да речете дека тоа што сега пишувам за Ноле е необично (така си го викам од милина, момче/маж роден само на неколку дена разлика од моја Ведрана, не можам да не го сакам). Но горештини нè убија покрај сè друго што ни ја цица животната радост. Свртеноста кон спортот/тенисот е несомнено вид ескапизам, бегство од грдата стварност, но и начин да се зачува менталното здравје. А за волја на вистината, отсекогаш сум сакала да напишам нешто за овој човек, ама не сум стасала. Во моментов не го знам исходот од финалето на Вимблдон, но тоа е сосема неважно поради веќе оформеното мислење не само за него (како јавна личност и спортист) туку и за општиот однос кон него.
Нема криење: јас сум негов голем фан! Од многу причини, но веќе ги признав дел од сентименталните (врсник на ќерка ми), како и потеклото од овој наш проклет Балкан, кој никако да го засакаат и прифатат со сите негови несовршености. Настрана врвниот тенис и резултати/рекорди, кои западните фанови на тенисот нема никогаш да му ги простат (ете, јасно е дека не само овде туку и „таму“ кај божем развиените и културните има случаи во кои успехот нема да ви го признаат затоа што не ве сметаат за достоен и за „нивен“). Славниот Мекинро се обидува витешки да го брани и кога го третираа(т) како криминалец (во време на пандемијата) и сега кога го навредуваат дека е примитивец и да се погледне во огледало. Ни самиот не знае зошто таква нетрпеливост кон еден од најголемите на сите времиња. Но нè потсети дека пред повеќе од десет години на еден турнир во предвечерјето на Ноќта на вештерките, на терен излезе маскиран како Дарт Вејдер. Британската публика на Вимблдон не смее да биде критикувана и тогаш кога се однесува спротивно на сите правила за снобовскиот бел турнир. Но ова балканско момче се замеша и ја расипа забавата тогаш кога на врвот беа нивните миленици, Роже и Рафа. Што сè не сме читале од „фините“ спортски новинари на запад?! Но никогаш нема да заборавам еден расистички текст во кој една Германка (или можеби Швајцарка) ги анализираше неговиот остар нос, коските на черепот и што ли уште не, што, според нејзината (ариевска) претстава, го прикажувало неговиот внатрешен мр. Хајд. Потоа, во време кога Ноле делеше љубов испраќајќи срциња на сите четири страни на теренот му се подбиваа дека се понижува барајќи ја љубовта, која нема никогаш да ја добие. „Гардијан“ го опишуваше како „производ што не може добро да се продаде“, со други зборови – нема харизма и без оглед што ќе направи, најголемите компании нема да го одберат за свој заштитен лик бидејќи нема да им носи профит од продажбата. Едноставно, Ноле не припаѓа во тој свет, ама сепак е на неговиот врв. На 37 години уште им покажува што е професионализам, што е посветеност кон спортот, што е ферплеј и што е дигнитет. Покрај успехот, она што не можат да му го простат е интегритетот; грешел или не, тој е човек со став и не е на продажба! Не потклекнува и не ги продава принципите (за што плати огромна цена за време на ковидот, а што сè уште го чини многу). И знаете што најмногу не можат да му простат? Тоа што си ја сака татковината, Србија, но и Балканот! Не се срами од нив, се гордее.
Како што обично бидува, најболниот камен секогаш доаѓа одблизу. Никогаш не разбрав зошто на еден човек роден во 1987 година, кој нема никаква врска ниту со војните, ниту со Милошевиќ, со Вучиќ или со што било од српската политика. Едноставно за „кафеавите сахиби“ феноменот Ѓоковиќ е штетен за прогресот и европеизацијата (иако е тој на светскиот врв и се ракува со кралски елити, по протокол, се разбира). Веднаш да кажам, не сакам да го идеализирам, не велам дека лично го познавам (искрено, понекогаш помислувам дека на Јелена не ѝ е лесно со таков човек со такви притисоци и амбиции, постојано во движење и гонет од глад за успех). Веројатно има безброј мани, но тоа го знаат неговите блиски и соработниците.
Неговиот јавен профил е она што ме интересира. Но и за тоа сум слушала дури и колеги професори од регионот како го нарекуваат „сељак“, „примитивец“, „необразован“ и што ли уште не. Моја професионална деформација е да оценувам не само знаење туку и интелект и елоквенција. Ниту еден тенисер ги нема неговата елоквенција, духовитост, шарм (она да бидеш свој и да се зезаш, имитираш, шегуваш, опуштиш), а на врв на сè момчево, кое никогаш немало време да оди на училиште како другите деца и да добива хартии (дипломи и магистратури и докторати), е полиглот, па и филозоф на спортот. Нека им свои бубачки, па што? Зарем Рафа ги нема (со сите оние видливи одлики на компулсивно-опсесивен синдром)?
Ноле е пример. Тој е доказ дека децата, листови на нашата (балканска) гора, можат да се носат со тие што се раѓаат со сребрено лажиче в уста. Тие можат и да бидат број 1 во светот – со многу труд и љубов кон она што го работат. И тука не мислам само на спортистите. Се разбира, живееме во свет во кој естрадна слава и видливост нема да добијат сите генијалци што работат во врвни институции, од НАСА до ООН. А ги има многу… За жал, останаа расеани како бисери низ светот, а дома запоседнале полуинтелектуалци и медиокритети што молчат и кога ги газат. Предноста, но и проклетството на Ноле е што е дел и на еден безмилосен спортски карван, што е видлив и предмет на опсервации. Ми се чини дека е вистина дека инаетот и пркосот се неговиот одбранбен штит од сите што го плукаат и за што треба и за што не треба, ама не знам дали тој штит го чува и од оние што дома го плукаат и го прават не само сељак туку и четник. Само да не пркне нешто од оваа почва, да не се издвои, да не стане негација на сите тврдења дека нас не нè бидува без „камшикари“, дека другите знаат и можат повеќе и подобро.
Верувам дека ова што го кажав го споделуваат сите оние што навиваат за Ноле. На англиски GOAT (во превод, најголемиот на сите времиња) значи и коза. Нему никогаш нема да му признаат дека е најголем, ама конечно му дојдоа преку глава и сега тоа не му е ни важно. Козата во него е онаа пргавата, упорната, онаа што ќе се искачи и по најстрмен терен и по секоја цена. Ќе издржи сè, ама ќе биде свој. Веќе веројатно ме „читате“, ме разбирате дека оваа колумна е најмалку за еден балкански/српски, па и наш тенисер. Ова им е посветено на сите оние што се подготвени да им кажат в лице што мислат на сите оние што ги исмеваат или понижуваат без никаква основа само затоа што тие се „фините“, а ние сме „примитивците“. Дрскоста на Новак е само искреност во еден неискрен и фејкерски свет. А нас и како држава и како општество нè тренираат да играме по нивните ноти, да веруваме во бајки, да молчиме кога навредуваат и да прифаќаме и небулози „за наше добро“. Ако знак на отпор не можам да видам кај ниту еден политичар (или политичарка), тогаш ми останува да му аплаудирам на Новак кога го зборува она што ми лежи и мене на душа (иако не сум на спортски терен; животниот терен е оној на кој живеат милиони луѓе на кои им требаат и пркос и инспирација).
ИДЕМОООО! Ноле!