Групата „Билдерберг“

(„Што или која е групата ‘Билдерберг’“, „Нова Македонија“ од 13 јуни 2025)

„Нова Македонија“ е апсолутно во право дека Грција е крајно загрижена околу извештајот на Вајц за Македонија. Останува да почекаме како ќе заврши случајот, со надеж дека Европа ќе го положи својот цивилизациски тест. Неспорно е исто така дека постои цврста оска меѓу Атина и Софија против Македонија, која функционира беспрекорно, сите овие години. На овој план, нивните конкретни интереси се целосно идентични…

Групата „Билдерберг“ е своевиден феномен на меѓународната политичка сцена, ама карактеристиките што ѝ се дадени во спомнатиот напис, како и во неколку други текста објавени овие денови во весникот, не одговараат сосема на нејзината улога и не ја објаснуваат нејзината суштина. Групата не е тајна, туку функционира на – дискретен начин. „Билдерберг“ не е никаков конкретен фактор на меѓународен план, ама е некаков – стимулатор или катализатор на движења и промени во политичките процеси.

Чинам дека се претенциозни и нереални тврдењата дека групата се „залагала за отстранување“ на Шарл де Гол, Ричард Никсон или Маргарет Тачер, или за да „поминат лошо“ Алдо Моро и Улаф Палме, кои беа убиени… И прашањето на Кина можеби било загатнато во дискусиите на „Билдерберг“, ама само како потреба за отворање кон оваа огромна земја. Тајното патување на Хенри Кисинџер, во 1971 година, во никој случај не може да се поврзе со групата. Квалификацијата дека „не добил одобрение од американската држава“ нема врска со вистината. Тоа беше заедничка замисла со претседателот Ричард Никсон и, поради тајноста на мисијата, не беше информиран Конгресот, дурин и државниот секретар Роџерс. Ако не беше тајна, мисијата немаше да успее (Кисинџер – „Во Белата куќа“, втор дел). Нема никаква врска со вистината дека „Лорд Карингтон осмислил план за ликвидација на СФРЈ“…

Со своите отворени и целосно бескомпромисни дебати, групата можеби имала некакво влијание врз сите овие личности и настани (Де Гол…, Кина, СФРЈ…), ама таму не се донесуваат никакви заклучоци. Групата не гради никакви политики. Затоа, во никој случај не може да се каже дека групата, како таква, се „залагала за отстранување…“. Можни се само поединечни излагања, со кои се „барало“ такво нешто, и ништо повеќе. Такви формулации веројатно има низ светските медиуми, ама тие не се точни. Со голема сигурност може да се тврди дека финалната улога на групата, во врска со сите тие личности и настани, може да биде само – начелна.

Во врска со учеството на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на последниот собир, мора да се нагласи дека Грција е редовен учесник на овие средби. Со сигурност може да се тврди дека нејзините претставници често зборувале за регионот и за Македонија, а тоа веројатно го направил и премиерот сега. Не може да се исклучи и дека, како пример, го допрел и извештајот за нашата земја во Европскиот парламент.
Меѓутоа, со оглед на начинот на кој функционира групата, нема никаква можност во нејзините рамки да се создаваат услови за некакво директно влијание, дури и врз многу поважни настани, а извештајот за одредена земја во ЕП е сепак – премногу минорна тема за групата.

„Нова Македонија“ е апсолутно во право дека Грција е крајно загрижена околу извештајот на Вајц за Македонија. Останува да почекаме како ќе заврши случајот, со надеж дека Европа ќе го положи својот цивилизациски тест.

Неспорно е исто така дека постои цврста оска меѓу Атина и Софија против Македонија, која функционира беспрекорно, сите овие години. На овој план, нивните конкретни интереси се целосно идентични.

Чинам дека не треба да даваме преголемо значење на извештајот на Вајц, во ЕП. И да се прифати во целина, извештајот нема ништо да промени. Тој не обврзува никого и за ништо. Единствено ќе биде силна шлаканица, дури и сериозен удар, и за Атина и за Софија, заради нивните средновековни, нецивилизирани политики, кои мораме да ги разбиваме на сосема поинаков начин. Поточно, во директно расчистување на односите со нив. Извештајот ќе остане слово на хартија, кое ние ќе можеме да го цитираме, ама без некоја рефлексија, и нема да има никакво значење на патот кон ЕУ.

Треба да внимаваме и претерано да не се понижуваме. Нашиот идентитет, јазик… не можат да зависат од некој извештај во ЕП или каде било. Своето постоење мораме самите да го браниме, на организиран начин и директно.

Во светот постојат повеќе организации што имаат влијание врз меѓународните односи и политики. На прво место се западните аналитички центри. Во САД, на пример, еден од највлијателните е Советот за меѓународни односи (Council on Foreign Relations), кој го издава познатиот двомесечен магазин „Форин аферс“. Покрај повеќето други, во Лондон е познатата Чатам хаус (Chatham House)…

Поинаква категорија се наднационалните иницијативи, кои се обично дебатни клубови. Групата „Билдерберг“ е неспорно со најширок углед, а, веројатно, и – влијание. Во „Билдерберг“ е врвната елита од дел од светот, која секоја година одржува средби во различни земји. Таа е одбрана на неформален ама никако и случаен начин. Една третина од учесниците се врвни политичари од Западна Европа и САД, а другите се индустријалци, банкари, академици и највлијателни новинари, од истите дестинации. Во принцип, две третини се од Западна Европа, а преостанатите од САД. На почетокот на новиот милениум започнаа да канат по еден или двајца претставници од Кина и Русија, од Полска, Унгарија и други земји, според темите… Пракса е да се објавуваат листите на учесници, а сега и темите се достапни за јавноста.

„Билдерберг“ настојува да се обезбедат максимални услови за најслободно изразување околу главните светски проблеми. Целта е присутните да размислуваат гласно и да чујат што мислат другите, без контроверзии во јавноста. Затоа нема медиуми и се работи зад затворени врати. Нема политички соопштенија, резолуции, гласања… Сѐ е неформално, само чиста размена на мислења. Добиените информации, оцени, анализи… можат да се користат, ама без да се наведува изворот. Никој од присутните не смее да цитира или спомнува кој што рекол. Доколку средбите беа целосно отворени за јавноста, а учесниците претставници на сопствени институции… таква слободна размена на мислења, ставови… ќе беше апсолутно невозможна.

И, бидејќи се во прашање врвни луѓе од светската елита, откако ќе заврши четиридневното бомбардирање на мозоците (brain storming), сите тие, попаметни отколку што беа, со нови факти и аргументи, побогати со туѓи искуства и размисли, се враќаат во своите средини каде што – доминираат. И, „сето ново што го научиле“ започнуваат да го шират. Добиените идеи, визии… министрите ги промовираат во владите, извршните директори во компаниите, влијателните новинари во медиумите… и така започнува реализацијата на нешто што можеби формално и не било договорено или изгласано, ама произлегло како заеднички интерес или посакуван правец на дејствување. Ако половина од присутните „купиле“ или „проголтале“ само некоја ситница од слободната размена на мислења и истата таа ја пласираат во сферата на својата ангажираност – веќе го имате влијанието.

Овој неформален форум ниту може да изигрува, камоли да се обидува да стане некаква светска влада, нека биде и во сенка. Меѓутоа, факт е дека има одредено влијание врз светските настани! Можат да се сметаат како некаква сива еминенција, која, затскриена од јавноста, размислува за чекори што други (доброволно!) ги изодуваат. Нивните анализи на светските проблеми се секако релевантни и корисни и, како такви, не можат да бидат игнорирани.

Некои од учесниците се менуваат секоја година, а изборот е и според темите за кои се дискутира. Чести учесници биле Кисинџер, Бил Гејтс, Мардок, Сорос, Карл Билт, Баросо… директорите на „Ај-би-ем“, „Ксерокс“, „Роајал Дач Шел“, „Нокија“, „Дајмлер“, претседателите на СБ и ММФ, генсекот на НАТО… Другата важна димензија на „Билдерберг“ се новите лични познанства, кои понатаму се градат, развиваат, прошируваат… Структурата на учесниците, пак, овозможува мултидисциплинарно распространување на новите идеи. Тоа се деловите што се атрактивни и – применливи.

Начинот на кој функционира „Билдерберг“ секако има позитивни аспекти. Единствен поширок хендикеп е структурата на учесниците. Во групата се застапени само интересите на најбогатите и на најразвиените, а тоа е мал дел од светот. Така е бидејќи тие земји се и движечката сила на глобален план. Впрочем, групата е формирана во 1954 година, во хотелот „Билдерберг“, во Холандија. Иницијатор бил полскиот политички емигрант Ретингер, кој, загрижен за порастот на антиамериканизмот во Европа, со холандскиот принц и поранешниот белгиски премиер воспоставил контакт преку барата со тогашниот шеф на ЦИА. Тој вклучил советник на претседателот Ајзенхауер, и така се формирала првата група.

Тешко е да се замисли дека групата може да размислува за некакво свое пошироко рекомпонирање, особено не заради некаква порамномерна застапеност на светот!