Мимоза Рајл

Автор: Мимоза Рајл

Постојат градови и градови, оние кои се тука заради неколку илјада жители, заради раскрсници и семафори, градови на некоја случајна општина. Но, ретки се оние кои иако мали, ги опејуваме во романсите, или се дел на биографиите на славните поети, сликари, актери и драматурзи а градот е нивната главна инспирација.
Ноќите во Скопје се толку ѕвездени и постојано се запрашуваме кои се овие луѓе кои тука живеаат. И Бог како постојано да ми го упатуваше во мојата душа оној светлечки восхит, затоа што токму тука бев родена. Среќни се луѓето под овој небесен свод размислував, среќата тука е очигледна, таа е интензивна во мирисот на свежите утрински роси, дивите јунски цреши, воздухот е леплив и топол од љубовта. Снежните ноќи се оние најраскошните во Скопје кога градот тоне во златно блескава убавина. Само тука снегулките високо танцуваат под небото, а секоја од нив е обоена со радост.
Чудни приказни за волшепства овој град раскажува. Често се навраќам на онаа кога во далечната 1689 година Скопје било опфатено со смртоносната епидемија на колера. Во тие далечни векови, градот бил запален и горел во пламени јазици, но колерата не сопрела. Така Скопје ги предаде на оганот зградите со најубави мермери, украсите од злато на кои и далечниот Рим би позавидел. Скопје, сепак не изгоре и не се стори во пепел, ниту во нашето поблиско минато кога силниот замав на земјотресот го зафати. Скопје секогаш беше под божествена заштита, како ангелите водени од Богородица да го чуваа од вечна заборав и целосно пропаѓање.
Ако би го пропатувале целиот свет, кога би оделе низ безброј градови со грандиозна архитектура, сепак единствено во Скопје ќе го почувствуваме тој волшебен благослов од Бога, преку светлината и топлината на сонцето. Да, во овој град чиниш топлината е предуслов за постоењето, а светлината е сеприсутна. Никој друг град нема да ве восхити со својата нежност и на таков уникатен начин како тоа што ќе го направи Скопје. Таму удолу реката Вардар, таму угоре планината, од едната страна Матка и Манастирот на Успението на Пресвета Богородица, прошаран со цветни ливади и силни карпи како да ни проговорува нашата духовна мајка – дека во животот се ќе помине, освен убавината и светлината на љубовта. Таму во Скопје ќе ги видите брзаците на кањоните, во убавините на водата ќе сакате долго да се огледувате.
Таму на другиот крај од градот достоинствено се исправени волшебните падини на Водно кадешто се наоѓа Црквата „Раѓањето на Пресвета Богородица”, на чија средина на врвот се издигнува крстот, како симболот на победата и љубовта низ страдањето. Симболот на достигнувањето на бога низ постојаниот од кон спасението.
Колку е прекрасно чувството кога ја гледате смарагдната река крај Матка, чиниш во отсјајот на сребрените огледалца е одразот на сопствената душа, како во нив да потонуваш, го ослушнуваш чукањето на срцето и сите периоди во животот се споиле, а времето не постои, тука го слушаш гласот на животот и на вечното постоење со благодарност кон оние кои го напуштиле овој град, а толку ги љубевме. Таа река како да шепоти, како токму таму да го наоѓаме вечниот мир и спас. Таму како да се отвора вратата на една нова стварност во која сите желби стивнуваат, сите копнежи како да немаат смисла. Токму на тоа место кришум ѕиркаме во вечното Небесно царство и само се прашуваме како тука да останеме и отаде да го гледаме светот во кој несфатливо како се најдовме. Ниту сјајот на тревата, ниту шумот на лисјата не трепери со толкава светлина како што тоа можеме да го видиме во Скопје.
Во сликата на Скопје – градот на светлината луѓето иако блиски на нашето срце не напуштиле, сепак како трајно да се меморирани во магијата на топлината. Длабоко ги чувствуваме, а тие не милуваат со своите раце и како да сакаат да ни кажат тука вечно со нив ќе останеме. И тоа не е само пуста тага, туку еден завет дека во светлосниците зраци на ова наше сонце вечно ќе го гледаме нивниот лик низ спомените, низ мемоарите на детството, низ скопските фонтани, паркови и улици. А таа емоција тука останува и не се прелива во болка, ниту во тага туку во еден копнеж повторно да ги слушнеме златните шумови на скопското сонце кое ни шепоти дека тие не не напуштиле, иако животот одминува, а тој изгубен рај никогаш нема да се врати. Сепак, во овие градски светлини срцето е исполнето со една радосна сета, една надеж дека отаде хоризонтот со нив повторно ќе се најдеме на некои нови улици, некои чудесни цветни градини и под некои нови виножита. Во мрежата на постоењето како денес секој од нас поединечно да ги фаќа за себе спомените на овој чудесен град, град кој неповтролвиви приказни за нас раскажува, за нашите родители кога не милуваа во прегратка, кога паѓавме од првите точаци кои мирисаа на нови гуми, мирис измешан со боите на земјата на нашиот Градскиот парк.
Скопје како да ни ја подаваше својата светлосна рака и кога за прв пат се вљубувавме и возбудено шетавме по улицата Максим Горки, која до ден денес ја шири таа возбудлива опојност на доцните пролетни цветови и кога гранките натежнати од нив – со свежината и топлината ни ги милуваа срцата. Да тие улици на вљубените, никогаш не се забораваат, а овој град токму таа миризба ја памети. Во Скопје, како на ниедно друго место, живеаат боите на годишните времиња, а јас толку живо се сеќавам дека пред Божиќ и Свети Никола мајка ми ќе не пробудеше и возбудено велеше, станете паднал голем снег, децата направиле голем снешко. И навистина снегулките на мојата скопска улица високо танцуваа на небото а секоја од нив беше обоена со радост. Потоа јас и сестра ми пиевме какао во оној посебен порцелан кој што се чуваше само за празниците, а моите кафе и возбудено ги планиравме светлите празнични деновите кои надоаѓаа.
Во Скопје повеќето од нас ги славеа своите најзначајни датуми на животот , датуми останати во сликите на сеќавањата, но без кои овој живот и без мирисот на овој град би изгубиле значење. Спомените скриени во срцата, како да стануваат неми докази на промените. Се сеќавам на моите гимназиски денови на Матиник, на дискотеката во парк, Хард рок. Се сеќавам дека во овој град пролеав милиони солзи во тажните настани што го чинат живот, но, Скопје мојот дом, остануваше исто, ме милуваше со светлината, ми даваше надеж со топлината и љубов помешана со убавината.
Да, Скопје е токму тоа – градот на светлината, градот на домот и топлината, град кој низ сите разрушувања, палења и низ ветриштата на војните, повторно се раѓаше како феникс и на тој начин стана легенда на победата.
Затоа нашата задача е, еве како оваа убава ноемвриска вечер на роденденот на Скопје, ние постојано да го опејуваме, за него да пишуваме и да го воздигнуваме како што и тој нас несебично ни ги дарувше и ни ги дарува сопствените светлини.
Да, јас акцентот би го ставила на она постојано.

Градот на светлината

Има еден град на
светлината,
обвиткан со радоста
на детството
на топлината,
има еден град
во мирисот на липите,
ах таа убавина
како лавина,
таму воздухот
е топол, леплив
и проѕирен,
создаден од игрите
на блесоците,
од шумот на реките и потоците.
Таму светлината чиниш
во снопче од
убавина се свело,
таму небото од сонцето

блиста цело.
Во Скопје,
таму е божјиот преграб вечен,
а ѕвездените ноќи
се волшепства среде патот млечен.
Има еден град на светлината,
таму ликот на сонцето
никогаш не заоѓа,
таму среќата секогаш се раѓа.
Тој светлосен град
чудни приказни за

волшепства чува,

таму нема зад гробна

тишина глува.
Во тој град на светлината
една песна радосна
како живот пламна,
песната
од исконот, од дамна,
песната на молитвата
која ја чуваме в гради,
на неа се навраќаме
кога сме стари и
кога сме млади,
тоа е песната
за еден волшебен

чудесен крај,
песната за нашиот

светлосен рај.