Google maps на кирилица се викаше ЈСП

Како ја учевме топографијата на градот сфатен како глобално село

Е, граду мој! И ти веќе не си она што беше, го нема она „мое старо Скопје“ (постземјотресно), кое е помладо од она предземјотресното, вистинско старо Скопје. Го нема Скопје од моето детство и младоста, и тоа што го нема би било кукање доколку Скопје отишло напред, кон иднината. Но мене ми се чини дека се вратило векови назад: не само според хигиената и тоа што се давиме во ѓубре и смог туку и според комплетната ТОПОГРАФИЈА. Првиот медиолог, Маршал Маклуан, тврдеше дека масовните медиуми ќе направат од светот (според тоа и од градовите) „глобално село“ во кое ќе постои брза информација и за најскришните катчиња на светот. Скопје, наместо да стане, според денешните можности за дигитална комуникација, ГЛОБАЛНО СЕЛО, стана СЕЛСКИ ГРАД: немаш сигурна информација за ништо. Во селото има барем „џаде“ по кое одат луѓе за да пренесат информација: на пример, дека пекарот се иселил во друго село и дека веќе нема пекарница. Во наше Скопје, ќе појдеш да си купиш нешто од омилениот бутик во центарот, прописно ќе се намачиш да паркираш, ќе се согласиш да „те дерат“ со тарифата за паркинг и кога ќе дојдеш до продавницата – гледаш, наместо бутик, тоа станало цвеќарница. Прекуноќ се менуваат сопствениците на локалите, прекуноќ книжарница станува бурекчилница и обратно, а на новите дуќани не пишува каде е преместен стариот (ако воопшто опстанал). Се разбира, за „дигиталците“ си виновен ти, зашто претходно не си „изгуглал“ каде е продавницата. Но стабилен град треба да си има – СТАБИЛНИ МЕСТА и без дигитални помошници. Скопје, наспроти тоа, невротично си го менува изгледот, нема извесност и сигурност, нема ТРАЕЊЕ и КОНТИНУИТЕТ што се одлика на секој „класичен“ град, град што си има култни места и точки во топографијата, кои се негов идентитет и негова препознатливост. На пример, еден од традиционалните идентитетски и НЕМЕНЛИВИ белези на Виена е прочуената САХЕР-торта, измислена 1832 година, по желба на принцот Клеменс фон Метерних. Таа и денес, по речиси 200 години, се јаде или во хотелот „Сахер“ или во слаткарницата „Демел“ (која ја презела тортата кога хотелот банкротирал, а кој денес е повторно отворен). Тоа се фиксни точки за сахер-тортата. Скопје, да речеме, има таква традиција со ќебапчилницата „Дестан“ од Стара чаршија, оформена 1913 година, која за мојот животен век се „премести“ само еднаш, и тоа за два дуќана „потаму“, а со цел да се прошири. Мојата генерација помни кога „Дестан“ беше мал дуќан спроти некогашна казанџиска работилница. Ама сето друго во градов е – нестабилно и несигурно.

Меѓу најнестабилните нешта е – градскиот превоз. А без градски превоз градот и не постои – тој станува обична агломерација, натрупување неповрзани делови. Ми се случило, неколкупати, кога ќе доаѓаат гости од странство, да ме прашаат дали Скопје има градски превоз. Гледаат дека нема трамвајски шини, ама не гледаат ни автобуси (што говори на кое дереџе сме). Но она што ги шокира е – што секој сам си се вози до работа во својот автомобил. Последниот пат, еден Германец ми рече дека не користи автомобил, освен кога оди на одмор – за работа користи градски превоз, кој кај нив е беспрекорно чист, точен до секунда и евтин. А кога мора, од извесни причини (на пример, носи товар на работа), да користи автомобил, никогаш не оди сам – се договара патем да „собере“ уште некој колега, со кој/кои ги делат трошоците за превоз. За нив е знак на расипништво тоа што ние, секој сам, си одиме со свој автомобил на работа. И не можат да сфатат: зошто и како е можно ГОЛТАР да биде РАСИПНИК?

Конечно, околу топографијата на градот: кога нема јавен превоз, не постојат ни „страните на светот“ на еден град. Тој е како во магла и се укажува како непознато место. Затоа, сè почесто користиме џи-пи-ес и Гугл мапс кога бараме некоја адреса. Тоа го научив дури и јас, непоправлив антидигитален диносаурус. Неодамна, одев со автомобил на едно место и со помош на дигиталните помошници, ја најдов точната „локација“. Но работата беше во тоа што јас СУМ ГО ЗНАЕЛ ТОА МЕСТО од порано. Си помислив: да беше тоа во она време на вчерашниот изумрен свет, ќе беше доволно, домаќинот што ме повика на гости, да ми каже само – „на последната станица од 24-ка, карши фабриката Мирка Гинова“. И толку. Ние низ градот се ориентиравме со автобуските линии, кои правеа совршена мрежа – од Влае се стигнуваше релативно брзо (побрзо одошто денес со автомобил, низ густ сообраќај) до Радишани, со едно преседнување во центар, пред тогашен „Рекорд“, каде што од петка се преседнуваше во 37-ка. А ако не знаеш каде е точната „локација“, броиш станици – на седмата станица слегуваш и тоа е – тука некаде.

И новите таксисти користат уреди, се разбира, и во тоа нема ништо лошо. Но збунети се, кога некој од мојата генерација или постар ќе им рече: „Вози до кино Влае“, или „Вози до Ванила во центар“, или „Вози до Рекорд“, дури и „Вози до Це-ка“. Тие топоними веќе не постојат, постојат нови, ама како што реков – и тие брзо се менуваат. Едно време, некогашното кино Влае се престори во кафуле со исто име, ама сега, во моментов не постои. Којзнае што ќе никне таму. Градежниот хаос продолжува.
По што жалам? Па, жалам по градскиот превоз, кој нас, средношколците што имавме „месечни карти“ (билети), освен што нè носеше и враќаше од училиште, често знаеше да ни биде и ИСТРАЖУВАЧКА ЕКСПЕДИЦИЈА, преку која ние, со нескриена возбуда го откривавме нашиот град како Колумбо Америка. Кога ќе завршевме со учење, често знаевме да седнеме, целосно бесцелно, на „непознат број“ автобус и да гледаме каде сè тој ќе помине, низ кои населби, низ кои улици (им ги помневме дури и имињата) и каде му е последната станица. Некои тоа го правеа како „романтично патување“ со оние што им беа девојки: ако не сме можеле да им понудиме патување со „Ориент-експрес“, можевме да им понудиме патување со непозната автобуска линија. Така доаѓавме до крајните точки на тогаш познатиот свет – нашиот град. Последната станица на осумка беше во Бутел; на 37-ка во Радишани, 24-ка и 14-ка тргнуваа од Тафталиџе и одеа до „крајот“ на градот под Црниче… Одевме и до Волково и Матка, да видиме каде се наоѓаат и што има таму, а патувавме со популарната и ретка 60-ка, која и не стоеше на секоја станица ако нема патници или ако не кренеш рака. Денес никој не би зел такси да види „каде е Матка“ и сосема бесцелно да види „што има ново таму“, ако не е поканет на некоја веселба во ресторан од типот „Мечкина дупка“ (ако уште постои, не знам).

Имаше уште еден бенефит од тоа: кога се замомчивме, многу ни значеше да се повозиме со некој друг автобус, на друга релација, зашто во автобусот се качуваа непознати девојки, што учеа во други училишта, со кои немавме контакт. Еден мој другар дури и се вљуби во една девојка. Запомни на која станица слегува, па дозна и каде живее. Без џи-пи-ес и Гугл мапс, срцето го натера. Потоа се забавуваа. А денес се пријатели.

Живеам за денот кога ќе се врати тој ГС (градски сообраќај) и тоа ГСП (градско сообраќајно претпријатие). Некако ми се чини – и нашиот град ќе ни стане ПОПОЗНАТО место одошто сега. И далеку попријателски расположено кон нас, зашто и градот има свои емоции, не само граѓаните.