Во Кина почна новата година, година на зајакот. Во Македонија почна вторатa година без Зоран Заев, човекот со семејно презиме што асоцира на ова шумско животно. Според некои грубо искажани мислења, иако со зајачко ономастичко наследство, Заев како претседател на партијата СДСМ и претседател на Владата на Република Македонија (сега Северна) вешто ја одигра улогата на тројански коњ. Тој е политичарот што ја отвори вратата во Република Македонија да влезат силите што го загрозуваат опстанокот на македонскиот народ во сопствената држава, по осумдесет години мир, стабилност и просперитет.
Во 2013 година имам објавено текст со наслов „И зајакот го создал светот“. Повод ми беше изборот на Зоран Заев за претседател на Социјалдемократскиот сојуз, а насловот го позајмив од големата „Книга на симболите“ што сопругата ми ја имаше подарено на шеесеттиот роденден. Таму е наведено дека во дел од зачуваните кинески легенди зајакот се смета за животно од кое настанал светот и сѐ во него. Нешто како Господ – Бог што го создал светот, според она што го пишува во Светото писмо.
Некои од моите пријатели по прочитувањето на текстот саркастично ми забележаа дека со него сум сакал, низ повеќе алузии, да направам некаков пародичен приказ за изборот на „едно непознато селанче“, на највисоката посткомунистичка партиска функција. Иако имаше претходно претприемничко, пратеничко и градоначалничко искуство во Струмица, неговото назначување беше подведено на шеговито коментирање. Сепак, беше соодветен избор за тоа место зашто беше единствен што имаше и можеше да најде пари за да ја спаси финансиски партијата, што личеше на човек што проси на некоја скопска раскрсница. Ретко кој претпоставуваше дека еден таков провинциски капацитет ќе тргне политички во насоки што ќе ја возбудат, збунат и заблудат поголемата целина од македонската јавност.
Оттогаш се поминати речиси десет години. Што се случи во таа декада, од 2013 до 2023, со Зоран Заев, со Зајко, како што потсмешливо го именуваа некои од неговите несимпатизери и политички противници? Доколку би правел некој рекапитулар за неговото владеење, се прашувам дали на тогашниот наслов „И зајакот го создал светот“ сега би бил соодветен пандан насловот „Зајакот што ја растури Македонија“. Наслов што би ја оправдал алузијата, се разбира. Интересно е да се види какви сличности и разлики има меѓу кинеските легенди за зајакот и македонската реалност за време на владеењето на Заев.
Старите Кинези верувале дека зајакот живее на Месечината. Според легендите, се симнал од Месечината на земјата јавајќи на коњ, тигар или лав. Во македонската приказна, Заев не дојава на бел коњ за шеф на партијата. Некои беа подготвени да го качат на магаре, не претпоставувајќи какви амбиции се кријат зад слаткоречивоста и местената насмевка. Од партијата, на чело на Владата се искачи смело јавајќи чадни бомби и газејќи сѐ пред себе. Расфрлаше на сите страни шрапнели од прислушувани разговори за кои веќе не се знае каде исчезнаа и зошто се забранети за ново користење или преиспитување на нивната вистинитост. Како што ги објави така подоцна самиот ги забрани, ги стави во бункер, никој да нема пристап до нив.
Денес веќе соголена, Шарената револуција го донесе на пиедесталот на власта за истата таа подоцна да се покаже како тешка измама, намерна и свесна злоупотреба на учесниците во неа. Шарената ги воздигна СДСМ и Заев лично, а ја кутна дотогашна Република Македонија. Од тој колоритен нокаут трпи тешки последици до ден-денешен. Може да се рече: каква револуција, таков водач. А може да се каже и обратно – каков водач таква револуција. Кој со бомби си игра од бомби и ќе загине, вели исконската поговорка. Но Заев не настрада од бомба, туку ставен во зовриен лонец по дебаклот на локалните избори.
Во лунарниот календар во кој зајакот е четвртиот хороскопски знак, дадени му се особини на храброст, херојство и бестрашност. Според едни мислења, македонскиот (северномакедонскиот) премиер во петте години владеење ги покажа и оправда наведените особини. Според други, се покажа слабак и кукавица. Од тие причини за едни е праведник, за други предавник, но веќе сосема ретки се оние што сѐ уште го идеализираат како победник.
Зоран Заев ќе остане запаметен во политичката историја на Македонија како човекот што тоа што го вети не го направи. А го направи тоа што не го вети. Сѐ што на почетокот за него беше НЕ подоцна стануваше ЗА. Сѐ што на почетокот беше ДА со текот на времето стануваше НЕ. Неговата вратоломија долго ќе биде тема во кафеански, политички и партиски кругови, а нема да биде чудно еден ден да се проучува и во други установи.
Не вети, ниту пак навести, а се согласи за промена на името на државата, а најверојатно и името на народот, преку потпишаната спогодба со Грција. Пред да го смени се колнеше, откако го смени се смееше. Наместо татко, постапи како манијакална мајка што пука во главата на своето омразено дете. Го смени името, како да трампа вреќа компири за две кокошки. Ги избриша националните придавки што му даваа меѓународен статус на македонскиот народ, прифати „ѕвезда“ за јазикот и ред балони што и натаму висат во воздух, а може силно да пукнат.
Вистина е дека името беше крвавиот влог за да се влезе во НАТО. Но по приемот во Алијансата наместо да ја придвижи Македонија автоматски десет години напред, Заев ја врати 100 и повеќе години назад. Тоа се случи само со Македонија и со ниту една друга земја во поновата европска историја. Сите нови држави во НАТО тргнаа нагоре, само Македонија паѓа проудолу. На европскиот терен, Северна сѐ уште е во аут. Таа е слика и прилика на антиталентиран спортист што со куцање дваесет години трча покрај европската аут-линијата. А има уште толку да се мачи на таа позиција.
Со детска насмевка и навидум наивно, потпишувајќи го Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, Зоран Заев ја отвори Пандорината кутија. Затвореното македонско прашање го врати во живот, ставајќи го на пеколни патеки, подложувајќи го на Танталови маки. Го оживеа, го врати на политичка сцена, го наполни со нова експлозивна маса „балканското буре барут“ на штета на сопствената држава, особено на штета на македонскиот мнозински народ. Од сигурност и стабилност го пренесе во неизвесност.
Тој народ по сто и повеќе години е принуден да го докажува својот национален идентитет, да си ги негира сопствената историја, јазик и писмо и молчејќи да ги испушта од раце тие егзистенцијални придобивки. Во грчко-преспанско Нивици го поткопа македонизмот, со Софија го прошири отворот во кој треба да пропадне. Спогодбата со Грција и Договорот со Бугарија се типичен пример преку кој може да се оправда поговорката што вели дека брзиот зајак слепи договори раѓа.
Заслепен од моќ, од слава, од среќа или од нешто трето, судбината на македонскиот народ ја предаде во канџите на Бугарија. Користејќи ја таа слепост, бугарската политика и дипломатија, преку наводниот француски предлог, умешно и успешно ја сместија Северна во европска лабораторија каде што доби третман на зајак подложен на разни брутални експерименти.
Познато е дека за таквите заслуги од светско значење Зоран Заев доби меѓународни признанија и парични награди. За тие големи антимакедонски успеси беше предложен дури и за добивање Нобелова награда за мир. На домашната сцена беше овенчуван со величината на Гоце Делчев, а некои негови ласкавци прикажуваа дека во македонската историја е поголем и од самиот револуционерен апостол.
Ако во кинескиот хороскоп зајакот е знак што носи среќа, Заев кај нас не може да се пофали дека донел такво нешто, дека го усреќил народот. Од него граѓаните го добија она што не го очекуваа, а го изгубија она во што се надеваа и мнозина веруваа.