Го изградивме нашиот свет за клима што повеќе не постои

На почетокот на неделава мостот на Третата авенија на Менхетн мораше да биде затворен бидејќи мостот што се врти за да им овозможи на бродовите да поминуваат, не можеше да се затвори правилно. Зошто? Бидејќи тој ден во Њујорк беше толку топло што металот во мостот набабри и механизмот за затворање не работеше. Пожарникарите мораа неколку часа да ја прскаат градбата со вода за да ја оладат пред мостот повторно да биде пуштен за сообраќај.
Трагедија? Тешко. Но тоа е доказ за една од централните вистини на нашето време и онаа што станува сѐ поочигледна секој ден: го изградивме нашиот свет за клима што повеќе не постои.
Размислете за Хјустон, престолнината на големите нафтени компании, каде што електричната мрежа ја има истата основна архитектура како пред сто години. Неделава ураганот Берил остави без струја повеќе од два милиона дома. Да, ураганите се разорни. Но помалку од два месеца претходно ненадејна бура во градот ја исклучи струјата за повеќе од милион луѓе.
Колку прекини ќе бидат потребни пред да сфатиме дека денешната електрична мрежа е изградена за вчерашната клима?
Или размислете за шумските пожари во Калифорнија претходно овој месец. Тие се случија за време на топлотниот бран, кој собори многу температурни рекорди на Запад, вклучувајќи и неверојатни 50 Целзиусови степени во Палм Спрингс. Една од последиците на оваа топлина е тоа што беше премногу топло за пожарникарите да се борат со пожарите без да ризикуваат топлотен удар.
Ако беше многу потопло, противпожарните авиони и хеликоптери не ќе можеа да летаат, радикално намалувајќи ја способноста на пожарникарите да го контролираат пламенот.

Знаците за опасност од инфраструктурата на стариот свет се насекаде. Огромното мнозинство згради и домови во европските градови како Лондон, Париз и Мадрид немаат климатизација. Кога ќе погоди екстремен топлотен бран, луѓето што живеат и работат во нив се сè поранливи (една неодамнешна студија објавена во „Нејчр медисин“ процени дека има повеќе од 60.000 смртни случаи поврзани со топлина во Европа во текот на летото 2022 година).
Браните низ светот се под стрес поради екстремните врнежи од дожд. На жештината, асфалтот на аеродромот омекнува, што предизвикува откажување на летовите. Морските ѕидини што ги штитат крајбрежните градови од поплави се сè понеефикасни, како што се зголемува нивото на морето и брановите при бура стануваат сѐ помоќни. Градовите стануваат „вршници“. Во Феникс летово температурите на површината на улиците и тротоарите достигнаа 70 Целзиусови степени, при што дури и неколку секунди контакт може да предизвикаат сериозни изгореници.
И не е само инфраструктурата таа што е неприспособена на нашиот свет, кој брзо се загрева. Нашите економски системи и културниот живот исто така не се синхронизирани. Летните олимписки игри (и американскиот фудбал) стануваат опасни игри на топлина од 37 степени. Осигурителната дејност не беше структурирана за да се справи со трајните поплави од порастот на нивото на морето. Верските аџилаци, како што е хаџот во Саудиска Арабија, за време на кој повеќе од 1.300 луѓе починаа поради високите температури минатиот месец, не би требало во суштина да бидат маршеви на смртта.
Големите производители на автомобили како „Тојота“ и „Џенерал моторс“, кои бавно се приспособуваат на револуцијата на електрични возила, ризикуваат да ја споделат судбината на „Кодак“ во зората на дигиталната ера. Дури и директорите на големите нафтени компании, оние со кои разговарав, во секој случај знаат дека нивните денови се „одбројани“ (затоа тие толку тешко се борат да ја попречат или да ја забават револуцијата за чиста енергија).
Примамливо е да се верува дека можеме да се приспособиме на сите овие промени со подобра технологија. И секако е точно дека подобрата технологија е моќна сила. Еден јасен пример: неверојатниот пад на цената на обновливата енергија во последните години. Пред 20 години, кога почнав да пишувам за климатските промени, директорите на компаниите за фосилни горива тврдеа дека треба да продолжиме да согоруваме фосилни горива бидејќи тие се поевтини од обновливите извори на енергија, а пристапот до евтина енергија е важен за економскиот развој, особено на глобалниот југ.

Сега таа економска парадигма е обратна. Практично во секој дел од светот електричната енергија произведена од обновлива енергија е поевтина од електричната енергија произведена од фосилни горива. Како резултат на тоа, количеството на електрична енергија создадена од ветер, геотермална и особено сончева енергија брзо се зголемува. Овде, во Тексас, каде што живеам, дури 70 отсто од електричната енергија на мрежата годинава доаѓа од обновливи извори.
И покрај овој напредок, револуцијата за чиста енергија сè уште се случува премногу бавно за да се запрат зголемената топлина и екстремните временски услови што ги доживуваме. Всушност, глобалната потрошувачка на нафта и гас достигна историски максимум во 2023 година – не е изненадувачки, истото тоа го направи и нивото на емисиите на јаглерод диоксид што ја загреваат климата.
Климатизацијата е уште еден пример за сложеноста на технолошкиот напредок. Кога разговарам со луѓе за мојата книга „Топлината прво ќе те убие: Животот и смртта на изгорена планета“, често слушам некоја верзија од ова: Да, топлината може да биде брутална. Добро е што имаме клима!
Клима-уредот станува алатка за преживување за многу луѓе во постојано потоплата клима, но тоа не е магично решение за прегреан свет. Повеќе од 750 милиони луѓе на планетата немаат пристап до електрична енергија, а уште помалку до клима-уред. Нема да го климатизираме океанот, кој е полн со мистериозни и прекрасни суштества од кои зависат стотици милиони луѓе за егзистенција. Нема да ги климатизираме шумите, кои се клучни за одржување на биолошката разновидност на Земјата. Нема да ги климатизираме нивите каде што се одгледуваат прехранбени култури. Нашата зависност од климатизерите, всушност, ги маскира вистинскиот опсег и обем на предизвиците со кои се соочуваме.
На крајот, справувањето со климатската криза не се сведува на создавање подобра технологија. Тоа е многу поголемо од тоа. Треба да го обновиме нашиот свет. Брзорастечките температури и поекстремните временски услови не принудуваат да размислиме за сè, за тоа како живееме, каде ја добиваме нашата енергија, како ја одгледуваме нашата храна, како ги градиме нашите градови и, што е најважно, за кого гласаме.
Колку побрзо престанеме да се држиме до старите начини и се фокусираме на градење попаметна, поодржлива, поправедна иднина за сите, толку подобро ќе бидеме ние и секое живо суштество на оваа планета.
Она што е веќе изгубено за време на климатската криза е трагедија. Но, што може да се добие во оваа борба, вреди да се замисли.

Џеф Гудел

Авторот е новинар и писател